23. Песна посветена на една горда
Твојата љубов е за мене и небо и морска шир
во кои недоглед се влева ко река што молчи;
сега сме овде со песот наш верен за игра, за почин,
овде сме сенки нацртани на вазна од проѕир.
Низ миинато и денес редиме многу патувања
во градите, во ôдот, со желби недозборни.
Преболевме од блиски прекори и простувања,
сосе камен во крв, сосе корен на врв што гори.
Прескокнавме и едни и други скриени стапици,
надминавме и наши и туѓи зборови и немости;
па дојдовме со добрина на заборавени птици,
па дојдовме со дребности и наши древности.
Се селевме од мене до тебе низ нови светови,
се молевме пред нас да не паднат крепости глуви;
та ветровно следевме од уморни птици летови,
та в огледало се гледавме маски од молк суви.
По некое време во безвреме станавме страсни,
сосе студ што кон дното на здивот нѐ турка.
По некое време во безвреме сме страдни
и со болка од камен што в срца ни чука.
Твојата љубов во моиве очи и на небо молчи,
а твојата мугра легнала во морската шир.
Сега песот мој верен не игра пред почин,
сега сме сенки на вазна со векови во проѕир.