21. Од доцното детство:
една огнена вреќа
Останале од него многу
единствени игри,
а онаа со огнената вреќа
неповторлива
во долгите години на судење,
студење и сѐ побавно будење.
Не оти ни беше
безгрижна игра без крај.
Ја имавме како полна со дрва
прибирани од пресечен дрворед
во улицата на осамените,
близу до мртвата река.
На почетокот ја имавме
за куќите напуштени
од сенки и ветришта,
за угаснатите огништа во нив.
Сега признавам дека тоа
беше мошне смело
и од неа и од нас
како игра.
После нѐ имаше во неа уморни,
со неа заспани.
Ни прикажуваше
за некој со бело лице
и со траги под образи,
речиси крвави;
ко од нокти избраздени,
ко за живи рани отворени.
А може тоа беше ука и поука
на стариот откривач
на дамнешен народ в земја?
Најпосле од неа излезе
голо дете,
судено, студено,
од нас разбудено.
Од кого ли заборавено?
Ја запаливме и беше огнена,
за да му го стопли срцето.
Знаеше за многу жита
и за многу лета со искинати,
испарталени кошули,
ленени, недовезени;
и за таги во реки
со голи камени
и суви песочни брегови.
Го следеа, го бранеа
од секакви стравови
пци скитници.
Заедно вардевме
да не ни украде нешто
некој што научил да посега
по туѓо
и не е сигурен колку е
од него сѐ што е негово.
Голото дете знаеше
дека ќе нема друго време
за него со нас.
Нѐ изненади, нѐ испреплаши
кога ни покажа
соголени коски,
со дамнешни и сегашни
траги на скршеници.
Со рамнодушен насмев
ни рече дека го болат меко
од што долго мачно
и молчешкум прекопувал,
превртувал,
плодел земја црвеница,
фрлал остри камења
во мрачнина без дно
со гола снага;
липал, ја молел мајка си
да не го остава гладен,
да не трга во друга празнина
без љубов.
Ни дорече дека многу мајки
видел неми, голи, неубави,
со испиени лица,
оставени сами,
бездетни.
Во доцното детство
се врати во огнената вреќа
со единствената,
со неповторливата игра
во долгите години на судење,
студење и сѐ побавно будење
до изгор.