106.
Ѝ докажувам на мојата Госпоѓа:
-Не знам дали сум во право или не дека во откривањето на какви било траги и во осознавањето на што било во животот дистанцата е неопходна. Мислам пред сѐ на временската, но ги имам на ум и просторната и мисловната и доживувачката. Затоа што најмногу со неа може да се затврди и личен и колективен континуиран опстој, без загрозување на слободата, независноста и идентитетот. Тоа ми се докажа откога почнав да пребарувам по моето лично минато, по минатото со моите ближни и по минатото на древните народи, а напоредно со сегашнава живеачка. Дистанцата ми се наметнува како почетна и крајна позиција. Почетна имајќи го предвид значењето, а крајна зашто секогаш останува нешто неоткриено, неосознаено, неодгатнато или загадочно.
Од дистанца голем настан и долг процес се покажуваат или прикажуваат мигум. На пример, исчезнувањето на некоја древна цивилизација. Конкретен пример: изумирањето, поточно убивањето на Инките по освојувањето на Андите од страна на Шпанците. Сосе европските болести што ги донеле тие и ги рашириле помеѓу нив. Веќе докажав за убивањето на последниот нивни цар Атахуалпа од страна на конквистадорот Франциско Пизаро. Од друга страна, пак, никако не треба да се пренебрегне физичката и интелектуалната сила на Инките. Мислам на нивното интелектуално образование и физичката издржливост, како и развиениот систем на комуникација. Згора и правичниот казнен закон и…Па колективното сопствеништво на земјата, совршениот систем на наводнување, големите складишта за храна за по време на лоша жетва…А архитектурата, а уметноста, а медицината и развиената хирургија на черепот…
Мојата Госпоѓа слуша со внимание. Успева да дише речиси нечујно. Продолжувам:
-Го спомнав колективниот континуиран опстој. Да, дистанцата е мошне често најнепосредно поврзана со него. Тоа досега го откривав токму проучувајќи ги древните цивилизации. Познатите, но и оние кои оставиле неизбришливи траги што најверојатно никогаш нема суштински да се откријат.
Неодамна бев на Кокино, мегалитската опесрваторија од пред речиси четири илјади години, на митската света планина; под планинскиот врв Татиќев Камен, во Старо Нагоричане, точно на 1.013 километри надморска височина. Четвртата најстара опсерваторија на светот! Еден од најголемите несоборливи докази на континуитетот на животот, на опстојот на Македонците во Македонија.
Не ми беше тешко да се сретнам со луѓето кои ја користат како планинско светилиште и мегалитска опсерваторија. Тие се простосрдечни земјоделци, од раѓање до смрт живо поврзани со земјата. Живеат во заедница, споделуваат љубов, слобода, грижа и безгрижност. За нив сонцето е божество кое раководи со животниот циклус на луѓето и растенијата. Месечината, исто како кај многу други цивилизации, им е мерка на времето на сеење и жнеење затоа што се појавува, се двиужи на небото, па се губи во правилен ритам. Изработуваат лунарен календар со период од деветнаесет години бидејќи таа гледана од исто место, во исто време и фаза изгрева на исто место само еднаш во тој период. За тоа користат посебни камени маркери. Тие, пак, ги поврзале со исечени места во карпите што личат на престоли, а за да го изведуваат ритуалот со кој се означува крајот на жетвата.
Седнав на еден од троновите, на помошно опсерваториско место. Потоа постојав и на централното. Се загледав во небото низ карпестите нишани. Лесно ги согледав четирите главни позиции на месечината и трите на сонцето во текот на годината, есенската и пролетната рамноденица и најдолгиот и најкраткиот ден во годината. Го следев и движењето на соѕвездието Плејадес.
Мојата Госпоѓа дофрлува:
-Знам како ти успеало тоа. Како секогаш: прво узнаваш, па сознаваш, па знаеш…
Ѝ одговарам дека очекував конечно да го заклучи тоа следејќи ги непосредно моите истражувања, па продолжувам:
-Многу лесно се разбирав со луѓето зашто зборувавме на ист јазик. За нив земјата е живо суштество, голема Божица Мајка создателка, сонцето е божество, а тоа и месечината се брат и сестра. Имаат легенда која вели дека за да стигнеш до сонцето треба да обуеш железни опинци, да земеш железен стап в рака и да тргнеш на долг пат. Кога ќе ти се искинат опинците, а стапот ќе ти се скрши, тоа значи дека си стасал до реката крај која живее мајката на сонцето. Таа ќе те земе за рака, ќе те одведе на сончевата планина и ќе те сокрие зад врата за тоа да не те проголта кога ќе се врати гладно и уморно. Ќе те претстави откако ќе се најаде, ти ќе му ја кажеш маката, а тоа ќе те подучи што и како да сториш.
Ми открија два нивни обреда. Првиот е за обезбедување на плодност и богат род: во природни цепнатини во стените се оставаат садови полни со дарови. Тие се затрупуваат со земја и поситен камен, а околу отворот на дупката се редат камени плочи. Вториот, пак, е поврзан со сонцето: во средината на летото, на месец јули, изгревајќи зад највисокиот маркер и поминувајќи низ вештачки направениот процеп во стените, дваесетина метри подолу го огрева за кратко племенскиот старешина, седнат на едно од седиштата изделкани во каменест блок. На овој начин сонцето му потврдува дека е владетел и врховен свештеник. На карпестиот планински врв се склучува свет брак, односно соединување на небеското божество Сонцето со Големата божица Мајка. А тоа значи дека ќе има нов циклус на обнова на природата.
Ѝ потенцирам на мојата Госпоѓа дека секогаш треба да ги има предвид доживувачката, потоа просторната мисловната дистанца, па дополнувам за Инките:
-За натамошни истражувања ги имам забележано и верувањата. Имено, Инките верувале во мајката Земја, мајката Море, богот Сонце, богот Месечина и боговите Ѕвезди. Инка значи сонце. Над сите богови бил богот творец наречен Виракок-творецот на универзумот, господар, учител на светот.
Знајно е дека кога стасале на брегот на езерото Титикака, па продолжиле кон север по долината на реката Урубамба, тие дошле во контакт со домицилното индијанско племе Кечуа Индијанци. За нив тие биле богови, а со нив создале општество на мошне високо културно и технолошко ниво.
Некаде прочитав и за откриените градби во Перу што се нссомнено дело на цивилизација многу векови постара од Инките, а за која не се знае ништо. Комплексот е наречен Сечин Бајо, а во негови рамки има кружен плоштад за кој со мерење на староста на јаглеродот е одредено дека потекнува од пред пет ипол илјади години. Од пребогатите релјефи се изделуваат два клучни елемента на религиите-мачка и змија, а на остатоците од ѕидовите на храмот се гледаат сцени на лов, на мурали што се најстари на западната хемисфера. Откриени се и скалила до олтар и огниште. Очигледно, станува збор за мошне напредна, а непозната цивилизација.
Заклучува мојата Госпоѓа:
-Многу е тешко човек да го следи твојов исказ, мој Господине. Особено кога се пренесуваш во древни времиња и експлицираш за древни цивилизации. Некогаш не успевам сето тоа да го поврзам со родното и семејното огниште.
-Ги поврзува опстојот, драга моја Госпоѓо. Опстојот.