САМОБИТНАТА СЕНКА И ЉУБА-роман во продолженија

Потребно време за читање: < 1 минута

75. Поттик

Љубовта помеѓу Самобитна сенка и доктор Стефан Веселовски, родена по мозочниот удар на Љуба, созревана во првата фаза од заздравувањето и искажана едновремено со првите знаци на оздравување, несомнено влијае врз нејзината психофизичка стабилност. За неа дури стана животворна? Несомнено! Особено кога станува збор за самобитната сенка. Значајно е и влијанието на љубовта помеѓу Самобитна сенка и Стефан која тие безмерно ѝ ја даваат катадневно грижејќи се за неа. Сѐ почесто учествувајќи и во нејзината будност по полноќи. Физиотерапевтката Самобитна сенка и неформалниот специјалист по неврологија доктор Стефан Веселовски, убедени дека преживеала исхемички мозочен удар со парцијална и времена хемиплегија, со нескриена радост, внимание, нежност и самодоверба  од ден на ден ѝ ги повраќаат на Љуба моторичките функции, едновремено засилувајќи ѝ ги ведрината на духот и творечката енергија. Доктор Веселовски веќе нема никакво сомневање дека нејзиното заздравување заврши, беше успешно, а оздравувањето и раздвижувањето на нејзиното тело се одвиваат забрзано.

Благото отворање на устата на Љуба станува сѐ полесно и тоа веќе не е само обид да прозбори. И Самобитна сенка и Стефан сѐ почесто во нејзините очи догледуваа радост, во зениците надежна насмевка. Надвивајќи се над неа неколкупати слушнаа:

„Вашата љубов ми го спокои срцето и ми ја бранува душата. Како да сум одново родена…На моево постоење му дава смисла и ме поттикнува да продолжам…да продолжиме…заедно…Јас веќе почнав да ја портретирам и скоро ќе ја завршам. Нека ми се живи боите. На прострелчани мора да им е пред очи…За восхит“.

Leave the first comment