На околу 137 км северно од Екватор, издвоена од Малезија со мореузот Џухор, се наоѓа државичката-град Сингапур.
Република Сингапур, скратено Сингапур, е островски град- држава во југоисточна Азија, на југот на Малајскиот полуостров, на врвот на полуостровот Малака. Поради неговата стратешки важна положба го викаат „Азиски Гибралтар“.
Една стара легенда вели дека принцот Сри Вијаѓа, обиколувајќи го своето големо царство, на местото на денешниот Сингапур здогледал животно на брегот како брзо се скрило зад густа грмушка. Исплашениот принц извикал: „Синга, синга!“, што на јазикот санскрит значи: „Лав, лав!“. Оттогаш некогашното мало рибарско село, изгубено во екваторијалната џунгла, го добило името Синга- пура (Сингапур), што во превод значи Град на лавот.
Интересно е дека во овој дел на светот никогаш не живееле лавови. Меѓутоа, како што вели народот-„Во стравот се големи очите“, веројатно на исплашениот принц му се присторило дека пред себе го гледа царот на животните. Иако е тоа само легенда, а можеби и не е, во неа како да е навестено дека овој град еднаш ќе биде силен, развиен и со своето богатство ќе доминира во овој дел од светот (еден од „азиските тигри“).
Сингапур се состои од 63 острови (најголем е островот Сингапур, поголеми се Пулау, Теконг и Јуронг, а останатите се помали). Се наоѓаат јужно од Малајскиот полуостров. Помеѓу него и Сингапур е тесниот морски Џухорски премин преку кој води мост. Малајскиот премин е најважен кој ги поврзува Тихиот и Индискиот океан и преку него минуваат повеќето бродови кои пловат помеѓу источна и јужна Азија.
Релјефот на Сингапур е низок и брановит, со ритчести делови во средиштето. Преку островот течат неколку помали реки (најважна е реката Сингапур). Во средината се езерата Горно и Долно езеро Селетар и Горно и Долно езеро Пеирс.
Климата е еднолично жешка и влажна во текот на целата година (екваторска). Сингапур се наоѓа во зоната на тропска дождовна шума, а која на островот сепак во најголем дел е ископачен. Четвртина од островот се прекриени со шуми кои повеќето се заштитени како посебен резерват. Помеѓу автохтоните животни се и мајмунот макаки ракојадец.
Помеѓу 7. век и 13. век денешен Сингапур бил дел од државата Сривијаја (Srivijaya), која ги опфаќала Малајскиот полуостров и Суматра. На просторот на денешен Сингапур настанал градот Темасек кој бил значајна трговска населба. Помеѓу 14. век и 19. век бил дел од Султанатот Џухор. Во 17. век тој е разурнат во малајско-португалксата војна, а во 18. век просторот го контролирале Холанѓаните. На островот Сингапур имало рибарска населба.
Модерниот Сингапур го основал во 1819. година Томас Стамфорд Рејфлис (Sir Stamford Raffles), од Британската Источноиндиска компанија, кој прв ја забележал стратешката положба на градот. Подоцна станува британска крунска колонија и се развива како значаен пристаништен и трговски центар. Во 1869. година во градот живееле 100.000 жители од разни националности (Малајци, Кинези, Индијци и Англичани).
Во текот на Втората светска војна Јапонците го зазеле Малајскиот полуостров, а Британците во Сингапур дале отпор. Тоа довело до Битката за Сингапур, во која Британците се поразени, а Јапонците за 6 дена го зазеле градот. Тоа се смета за најголем британски пораз во Втората светска војна. Градот го нарекле Shōnantō. Англичаните го вратиле под свое владеење на 12.09.1945., еден месец по предавањето на Јапонците.
Во 1959. година Сингапур стекнал самоуправа во рамките на Британското колонијално царство. Прв претседател станал Јусоф бин Ишак, а премиер Ли Куан Ју. Во 1963. Сингапур прогласил целосна самостојност, но со Малаја, Сабах и Саравака се обединил во Федерација Малезија. Жителите на Сингапур не биле задоволни од државната идеологија во Малезија, па во 1965. година прогласиле независност и Сингапур станува посебна држава. Ли Куан ЈУ (Lee Kuan Yew) бил премиер се до 1990. година (31. година!), а од 1990. премиер е Го Чок Тонг (Goh Chok Tong).
Средбата со Сингапур го изненадува и возбудува секој патник. Гледан од морето личи на Њујорк. Додека високите облакодери го параат небото, во крајбрежните води стотина бродови, под сите знамиња на светот, чекаат на истовар како на пристаништата во Хамбург или Ротердам.
Сингапур има голем, убаво уреден аеродром на кој секои 4 минути слетува авион. Според својата уреденост и опременост, сингапурскиот аеродром не заостанува зад најмодерните во светот.
На силниот развој Сингапур може да и благодари првенствено на својата извонредна географска положба. Израснал на местото на големата крстосница на Југоисточна Азија. Со отворањето на Суецкиот канал тој промет е уште повеќе засилен. Градот со време станал силен и развиен светски трговски центар. Прогласен е за бесцаринска зона, а во него се слева стока од целиот свет.
Најинтересен и можеби најубав дел е Чајна таун-Кинескиот кварт, кој ја сочувал атмосферата на древниот, таинствениот Сингапур, начичкан со мали, типични кинески куќарки, храмови, чајџилници.
Познато е дека Сингапур буквално само за 24 часа од најзагаден град-држава на светот стана најчист, благодарение на мошне строгите закони. Се нарекува и „Град на казни“. На пример, освен вообичаените предмети како оружје или токсичен материјал, забрането е внесување на пластично оружје т.е. играчки. Во Сингапур никаде не можат да се купат гуми за џвакање, зашто се со закон забранети! Ако некој сепак прокриумчари, постои „fine“ или казна од 1.000 сингапурски долари. Ако некој, на пример, вози велосипед по патека за пешаци или на некое друго непредвидено место, ќе биде казнет со 1.000 сиди (сид во Сингапур е скратен назив за сингапурскиот долар). „$1000 fine for riding a bicycle through the underpass!“, „$1000 fine for chewing gum!“… Табелите со забрани се насекаде. Освен што Сингапурците ја сакаат чистотата, тие сакаат и ред. Затоа се и забраните кои за други (на пример Европјаните или Балканците) се апсурдни.
На влезот во сингапурското пристаниште има џиновски светилник изграден во вид на голем лав што седи. Тоа е спомен на исплашениот принц кој во страв на Сингапур му го даде името Град на лавот.