Од светските центри на џет-сетот: Јордан
Еден од тивките, но суштински влијателни центри на светскиот џет-сет, меѓу најатрактивните и најпривлечни дестинации на Блискиот Исток, несомнено е Јордан. Земја што истовремено зрачи со античка достоинственост и современ луксуз, со строго чувана традиција и внимателно дозиран гламур. Волшебна за секого, но особено привлечна за оние со немерливо богатство, глобално влијание и безгранична слобода на движење.
Овде нема класичен патепис, ниту туристичка разгледница. Ова е само скица на белезите што ја прават оваа земја посебна – на местата, симболите и амбиентите што не оставаат никого рамнодушен.
Аман – модерниот центар на ориенталниот космополитизам
Современиот, монден живот во Јордан започнува од неговиот пулс – Аман. Град кој расте тивко, но стабилно, без архитектонски ексцеси, со дискретен луксуз и јасна државничка визија.
Значаен удел во меѓународниот имиџ на земјата има кралскиот пар, а особено Кралица Ранија, која со години е присутна во глобалните медиуми како симбол на елеганција, образование и модерна арапска жена. Нејзината улога одамна ги надмина протоколарните рамки – таа е активен промотор на образованието, женските права и меѓукултурниот дијалог, со силно присуство во светските политички и хуманитарни кругови.
Азрак – пустинска оаза и биолошки феномен
Во источниот дел на земјата, во оазата Азрак, се наоѓа еден од најзначајните природни резервати на Блискиот Исток. Тука, во средина што делува непријателска за живот, опстојуваат десетици видови животни и птици.
Особено впечатливи се антилопите orix, симбол на пустинската елеганција, како и црниот ирис, националниот цвет на Јордан. Во близина се наоѓаат и остатоци од крстоносен замок, покрај трасата на античкиот кралски пат, кој со векови ја поврзувал Медитераната со Месопотамија.
Акаба луксуз на Црвеното море
На јужниот крај од земјата, на брегот на Црвеното море, се наоѓа Акаба – единствениот јордански излез на море и слободна трговска зона со изразен туристички и економски потенцијал.
Акабскиот залив е вистински рај за нуркачи: над 220 видови корали и повеќе од 1.000 видови риби, зачувани благодарение на строгите еколошки регулативи. Од тука морски патишта водат кон Саудиска Арабија, Еилат во Израел и Таба во Египет, што ѝ дава дополнителна геостратешка тежина.
Петра – розовиот мит што не избледува
Од Акаба, секојдневно тргнуваат колони посетители кон најпознатиот симбол на Јордан – Петра. Некогашна престолнина на Набатинското кралство, град врежан во карпа, кој и денес делува како архитектонско чудо надвор од времето.
Петра била клучна трговска точка меѓу Рим, Египет, Арабија и Далечниот Исток. Денес е место каде се одржуваат ексклузивни културни настани, донаторски вечери и меѓународни приеми. Не случајно, токму овде, пред „Ризницата“, францускиот претседател Никола Саркози ја побара раката на Карла Бруни – гест што Петра уште повеќе ја вгради во современата митологија на елитата.
Дана, Мртвото море и библиските предели
Резерватот Дана е едно од биолошки најразновидните подрачја во земјата: 37 видови цицачи, речиси 200 видови птици и над 600 растителни видови. Во близина се наоѓа село старо околу 6.000 години, жив доказ за континуитетот на човечкото присуство.
Недалеку е Мртво море, а само неколку километри подалеку – Планината Небо, од каде, според библиската традиција, Мојсеј ја здогледал Ветената земја.
Мадаба и мозаичната меморија на времето
Во Мадаба, на подот на православната црква Св. Ѓорѓија, се наоѓа прочуената мапа на Светата земја од 6 век, составена од над два милиона парчиња мозаик. Во градот и денес функционира специјализирана школа за изработка и реставрација на византиски мозаици – единствена од ваков вид во регионот.
Џераш, Ајлун и Карак – камената историја на империите
Џераш важи за еден од најдобро сочуваните римски градови во светот. Амфитеатрите, улиците и храмовите не се само урнатини, туку целосен урбан концепт. Во летните месеци тука се одржува интернационален музички фестивал.
Во близина се наоѓа тврдината Ајлун, изградена од генерали на Саладин во 12 век, како и импресивниот Карак, некогашна моќна крстоносна тврдина и важна точка во историјата на регионот.
Аман – град на слоеви и верувања
Во денешен Аман, покрај модерните квартови, се издигнуваат бројни христијански цркви, античката цитадела и римскиот амфитеатар – сведоштва за цивилизациските слоеви што со векови се таложеле на исто место. Град што не се наметнува, но трајно се врежува во меморијата.






