Човечкиот мозок е снабден со механизам кој му овозможува свесно да ги избрише травматизирачките сеќавања, тврдат авторите на една студија објавена во Соединетите Американски Држави, и наведуваат дека тој метод отвора пат за нов пристап во лечењето на депресијата и анксиозноста.
Со таквиот метод травматизирачките сеќавања можат да се научат да се избришат, за разлика од методот кој траумите ги брише со земање на лек, за што известија научниците од Харвард и од еден канадски универзитет.
„Покажавме дека поединци имаат способност да научат селективно да ги бришат лошите спомени од паметењето“, појаснува Brendan Depue, еден од авторите на студијата објавена во американското списание Science. „Мислиме дека пронајдовме невронски механизми на тој феномен и се надеваме дека тоа откритие, како и идните истражувања, ќе водат кон нови терапевтски пристапи и лекови кои ќе овозможат да се лечи целината на емоционалните пореметувања“.
Тој научник од Универзитетот во Колорадо го наведува примерот на фобијата, опсесивните однесувања или состојбите на стрес предизвикани од травматско искуство.
Во текот на периодот на обуката, учесниците во испитувањето морале да паметат по 40 пара на слики од емоционално „неутрално“ човечко лице, заедно со кое била приложена снимка на вознемирувачка сцена, на пример фотографија на ранет војник, електрична столица или сообраќајна несреќа.
Испитаниците потоа биле подложени на вежба за да одредат дали при погледот на „неутралната слика“ можеле да се сетат или свесно ја заборавиле травматизирачката сцена придружена на човечкото лице.
Нивниот мозок бил набљудуван, сниман со магнетна резонанца, што овозможува функционирањето на органите да се визуализира во стварно време. Според научниците, процесот на потиснување на сеќавањето се одвива во предфронталниот кортекс, кој се смета за „центар за контрола на мислите“.
Списанието LiveScience објави дека научниците од Харвард и од Универзитетот McGill во Монтреал го истражуваат лекот Пропранолол, кој ги блокира или ги брише лошите сеќавања. Тој лек, кој предизвикува своевидна „вештачка амнезија“, дејствува биохемиски блокирајќи ги или целосно бришејќи ги траумите од сеќавањето, а е тестиран на група од 19-мина пациенти, жртви на силување или на други трауми.