За полесно паметење и правилно користење

Политологија, политика и политиканство

Политологија, политика и политиканство – зборови што ги користиме секој ден, а ретко ги разбираме до крај

Често ги изговараме, уште почесто ги слушаме, а речиси секогаш ги мешаме. Политологија, политика, политиканство. Три збора што одамна се одомаќени во македонскиот јазик, толку многу што веќе и не се обидуваме да им најдеме вистински синоними. А сепак, зад секој од нив стои различна смисла, различна тежина и сосема различна одговорност.

Кога зборуваме за политологија, зборуваме за посебна општествена наука. Кога зборуваме за политика, зборуваме за способноста да се управува со државата и со заедницата. А кога ќе кажеме политиканство, тогаш веќе зборуваме за нешто сосема друго – за дејствување спротивно на јавниот интерес, за лична корист, за задкулисни игри и ситни калкулации.

И тука доаѓа прашањето што сите си го поставуваме, а ретко гласно го кажуваме: колкумина од нашите политичари – и во власта и во опозицијата – навистина се политичари, а колкумина се политиканти? А за третите, политиколозите, не прашувајте премногу. Не ги сакаат ниту едните, ниту другите. Затоа и се ретки во активната политика. Најчесто ќе ги најдете таму каде што и припаѓаат – на универзитетите и во научните институции, како авторитетни, стручни и компетентни личности.

Секој ли може да се занимава со политика? Сите ли нѐ бидува за управување? А ако не нѐ бидува за работење, дали управувањето воопшто е работа?

Прочитај и за ... >>  Петмина вистински владетели од сенка кои ја обележале историјата

Политологија или политикологија – наука за политичкиот феномен

Политологијата, позната и како политикологија, е самостојна и специфична општествена наука што ги истражува политичките феномени. Нејзините корени се во античката практична филозофија, а нејзиниот развој продолжува низ нововековната мисла, сè до современата филозофија на политиката. Денес, политологијата не е теорија оддалечена од реалноста, туку дисциплина што се обидува да ја објасни стварноста таква каква што е.

Традиционалната филозофија на политиката се занимава со суштината на политичкиот живот и политичките институции, додека модерната политологија сè повеќе се фокусира на реалните, фактички политички процеси. Како функционира власта? Како се носат одлуките? Како се градат и рушат институциите? Токму тука е полето на политологијата.

Политичкиот феномен најчесто се анализира низ неговиот внатрешен, надворешен и теоретски аспект, а поради својата комплексност, политологијата е тесно поврзана со филозофијата на политиката и политичката социологија.

Политика – управување, интереси и одговорност

Политиката е способност за управување со државата или со која било општествена заедница. Таа не е само позиција, функција или титула, туку збир на постапки преку кои се уредуваат општите работи на заедницата. Политиката се реализира преку организирани облици на општествена акција и преку институции, а нејзината цел е остварување и усогласување на различните општествени интереси.

Прочитај и за ... >>  Спецификите на јапонската куќа - дом по мерка на човекот

Политиката го следи секој општествен однос во кој се судираат или се преплетуваат интересите на поединците, групите, класите и слоевите. Тие односи стануваат политички во моментот кога субјектите свесно и организирано почнуваат заемно да дејствуваат. Токму затоа, политиката не е нешто далечно и апстрактно – таа е дел од секојдневието, сакале ние тоа или не.

Политиканство – кога личниот интерес го глумe јавниот

Политикантството е колоквијален, но исклучително прецизен израз за дејствување спротивно на јавната и општата политичка дејност. Тоа е политика без визија, без одговорност и без морална вертикала. Политикантството значи дејствување водено од лична материјална корист, кариеризам, честољубие и потреба за сигурност, а не од јавен интерес.

Со овој поим се означува и задкулисното дејствување – интриги, озборувања, беспринципиелни здружувања и привремени сојузи создадени исклучиво за моментна добивка. Политикантот не гради политичка кариера преку идеи, програми и резултати, туку преку лични врски, роднински односи, бирократски итроштини, полтронство, уцени и поткупување.

За разлика од демагогијата, која може да се сфати како борнирана политика, политикантството е под самото ниво на политичкото дејствување. Затоа и природно подлежи на спонтана морална и политичка осуда – барем во општествата што сè уште имаат чувство за јавен интерес.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.