Константин Велики

Потребно време за читање: 3 минути

Некои основни податоци и сознанија:

Константин Велики бил римски цар, роден околу 280-та, умрел во 337-ма година, кој се ослободува од републиканските традиции на градот Рим, избирајќи го стариот Бизант на Златниот Рог за нова престолнина која го добива името Константинопол. Источното Царство благодарение на него го надминува Западното. Со реформи ја одделил цивилната од воената власт, ја поделил државата на 4 префектури, 14 диецези и 117 провинции. Тој е најзаслужен не само за опстанокот, туку и за развојот на христијанството откако, според легендата, пред почетокот на битката на Муливиевиот мост на небото му се укажал крст, па почнало да се верува дека христијанскиот бог му ја дал на Константин победата. Поради неговите заслуги за христијанството црковните кругови му го дале прекарот „Велики“. Константин ги поставил темелите на Византиското царство што се развивало во текот на наредните столетија.

За подетално запознавање со животот и владеењето на Константин Велики, со неговото дело што обележало цела епоха и оставило длабоки траги во историјата на човештвото, ни помага книгата на Јакоб Буркхарт под наслов „Епохата на Константин Велики“. Првото издание било објавено во 1852. година. Станува збор за едно од оние фундаментални дела без кои не се можни ниту колективното, ниту иднивидуалното културно и цивилизациско препознавање.

„Епохата на Константин Велики“ од Јакоб Буркхарт, преведена и објавена и на македонски јазик, обработува период од 5 децении: доаѓањето на престолот на Диоклецијан, неговото владеење, со посебен акцент на неговите реформи на Римското царство, владеењето на Константин сѐ до неговата смрт, при што особено внимание му е посветено на односот кон христијанството и неговата инаугурација како доминантна религија.

Најнапред се нуди мала скица на моќта на Римската империја во 3. век, за веднаш потоа да се премине на славниот претходник на Константин, Диоклецијан; на неговиот систем, владеење и реформи што ги предложил, а ги продолжил Константин, за развојот на Западот и Ориентот, паганството, односно мешањето на богови, бесмртноста и нејзините мистерии, прогонствата на христијаните, Константин и неговите наследници, односот на Константин спрема црквата (во 325-та година тој го свикал првиот општ концил на христијанската црква во Микеја). На крајот се дава приказ на дворот, администрацијата и војската, основањето на Константинопол, како и односот на Константин спрема Рим, Атина и Ерусалим.

Некои делови од книгата што се однесуваат на градбите на Константин:

„…Константин лично почнал да ги означува контурите на новиот град. Портите веќе биле изградени кога една ноќ му се јавил Господ и го посоветувал да избере друго место; и тогаш тој се определил за Византион. Еден век подоцна патниците што минувале крај Троја можеле да ја видат градбата што Константин ја оставил незавршена.

… Самиот тој, со копје в рака, ги назначил контурите на опкружниот ѕид. Можеби има нешто вистинито во една легенда сврзана со овој настан. Еден од неговите придружници сметал дека тој зафаќа премногу широко, па се осмелил да праша: „Уште колку, Ваше Височество“? На тоа овој му одговоил: „Се додека не запре оној што чекори пред мене“, како да гледал некакво натчовечко суштество како се движи пред него. Сосем е можно дека тој таквиот одговор го сметал за корисен, доколку другите верувале или се преправале дека веруваат во вакви привиденија….Речиси четири години подоцна, на 11 мај 330 година следувало посветувањето на новиот фундамент и неговото именување во Константинопол, придружено со нови свечености и раскошни циркуски игри…Неговата рамноправност со Рим била замислена во наполно буквална смисла, па во согласност со тоа градот ги добил истите институции, легати и прерогративи; тој имал дури и седум ридови како градот Рим на реката Тибар…И конечно, од многу градови во Империјата биле ограбени нивните уметнички богатства, што за луѓе со грчка наобразба секогаш претставувало тажен данок…Нема потажно четиво за аматер во познавањето на античката уметност отколку што е тоа списокот на уметничките дела што биле поставени во Византион од страна на Константин или по него, особено кога ќе се присетиме на нивното уништување во Четвртата крстоносна војна.

… Главна одлика на градбите на Константин мора да била шареноликиот и невообичаен раскош. Куполи, прозорци, тркалезни сали, скапоцени облоги, позлатувањето и мозаикот се суштинските елементи на овој богат и разигран комплекс. Нестрпливоста на Константин јасно се гледала во забрзаната и структурно несовршена изведба, што се одмаздило со брзото уривање на неколку градби и со потребата од обемни поправки“.

Во предговорот кон првото изание на делото на Буркхарт „Епохата на Константин Велики“, во 1852. година, Мозис Хадас како препорака, меѓу другото, пишува: „…авторовата замисла е да го опише извонредниот половина век од стапувањето на престолот на Диоклецијан до смртта на Константин, со неговата одлика како период на премин. Намерата не била да се прикаже историјата на животот и владеењето на Константин, ниту пак да претставува некаква енциклопедија на сите значајни податоци што му припаѓаат на овој период. Повеќе би рекле дека се работи за приказ на значајните и суштински особености на современиот свет обликувани во една општа лесно разбилива скица“.

Leave the first comment