Нина Спирова

Нина Спирова

Нина Спирова – пионер на македонската забавна музика

Нина Спирова е еден од легенндарните, најзначајните и највлијателни женски вокали во историјата на македонската музика и една од првите македонски женски изведувачи на забавна музика. Таа припаѓа на генерацијата уметници кои ги поставија темелите на современата македонска забавна музика.

Со својот чист, кадифест и емоционално префинет глас, Спирова остави трајни музички вредности – музички записи на неколку забавни мелодии кои станаа евергрини, кои и денес се дел од колективната културна меморија. Посебно значајни се и нејзините интерпретации на македонската народна музика, кои се сметаат за антологиски.

Таа е скромна, ненаметлива, повлечена, со многу малку, речиси ништо познато од нејзиниот приватен живот, со однесување несвојствено за пејач-ѕвезда со таков потенцијал. Имајќи го предвид пред сѐ животното доба, веројатно засекогаш се повлече од естрадната сцена и е дел од музичкото минато.

Ран живот и музичко оформување

Спирова е родена во Прилеп, Македонија, на 26.10.1938. година. Исполнувала и снимила голем број познати хитови од светски автори, како и обработки на македонски народни песни. Сепак, и според нејзините почитувачи и според музичките стручњаци главен белег оваа пејачка остави во забавната музика.

Иако изведувала и песни од светски автори, и според публиката и според музичките критичари, нејзиниот најголем и најпрепознатлив белег останува токму во забавната музика.

Ќе останат како трајни вредности нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв спомна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај, Кољо“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди“, „Кажи, кажи либе Стано“ и др.

Прочитај и за ... >>  Бајага - легендата што не старее на балканската музичка сцена

Нејзиниот музички развој се одвивал во период кога радиото и фестивалите биле клучни медиуми за промоција на нови изведувачи. Во тоа време македонската естрадна сцена допрва се оформувала, а Спирова била дел од нејзината прва генерација.

Фестивалски успеси и естрадна афирмација

Кариерата на Нина Спирова е тесно поврзана со најзначајните музички фестивали во поранешна Југославија. Во 1969 година таа ја освои првата награда и наградата од стручното жири на фестивалот „Скопје 69“ за интерпретација на композицијата „Езеро мое“ од композиторот Љубомир Бранѓолица.

Истиот успех го постигнува и со „На овој ден“ од истиот автор во 1973., а една година подоцна го освојува првото место со „Претчувство“ од Б. Илиќ.

Особено значајни се и нејзините настапи на фестивалите „Београдско пролеќе“ во 1963 и 1964 година со песните „Експрес во 03“ и „Бела хризантема“, како и на фестивалот „Опатија 62“, каде во 1962 година ја освои наградата на публиката со легендарната песна „Еден бакнеж“ на Петар Пешев, а во 1965 година на истиот фестивал во Опатија ја освојува наградата на публиката со песната „Далеку од љубов“. Македонскиот режисер Милчо Манчевски го „реактуелизира“ поставувајќи го како главна музичка тема во својот филм „Сенки“ (Shadows).

Репертоар, снимки и музичко наследство

Нина Спирова соработувала со најпознати македонски автори и аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски- Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и др. Нина има снимено повеќе од 80 композиции, од кои голем дел станале хитови. Меѓу најпознатите се „Езеро мое“, „Еден бакнеж“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“, „Молчи, молчи“, како и интерпретациите на народните песни „Зајди, зајди“, „Судбо моја, судбино“, „Кажи, кажи либе Стано“ и „Не си го продавај, Кољо“. Снимила неколку сингл плочи на српско- хрватски јазик.

Прочитај и за ... >>  МУЗИКА

Нејзиното ЛП со македонска народна музика („Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ и др.) е добитник на златна лента за врвен квалитет во сите музички сегменти, признание за интерпретативната длабочина и уметничкиот стандард на ова издание.

Меѓународни настапи и соработки

Во текот на својата кариера, Нина Спирова настапувала во повеќе европски земји, како и во САД и Австралија. Во 1966 година, како претставник на тогашната ЈРТ, гостувала во Атина на фестивалот „Музика на Елисејските полиња“.

Култен статус и повлекување од сцената

Многумина музички критичари Нина Спирова ја прогласија за прва македонска поп дива, а некои ја нарекуваат македонска Едит Пјаф. Има статус врвен уметник.

Нина Спирова се повлече од естрадната сцена во почетокот на 1980-тите години на 20.век. Во последните децении живее во Германија, оставајќи зад себе богато и трајно музичко наследство кое претставува еден од темелите на македонската забавна музика.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.