Петмина вистински владетели од сенка кои ја обележале историјата

Петмина вистински владетели од сенка кои ја обележале историјата

А можеби не сте ни чуле за некои од нив…

Историјата најчесто ја паметиме преку имињата на цареви, императори и освојувачи. Но ако застанеш за момент и погледнеш подлабоко, ќе видиш дека зад многу од тие „големи“ имиња стојат други луѓе. Потивки, поитри, понекогаш поопасни. Луѓе кои не носеле круна, но ги влечеле конците. Владетели од сенка.

Ова е приказна за петмина такви. Петмина кои не секогаш се спомнуваат во учебниците, но без кои историјата ќе течеше поинаку.

Човекот зад цар Николај Втори – Распутин

Цар Николај и Распутин

Николај Втори остана запаметен како последниот руски цар. Заврши трагично, убиен по Октомвриската револуција, и тоа не е некое изненадување ако се земе предвид колку катастрофално владееше. Историчарите денес отворено пишуваат дека неговите одлуки ја турнаа Русија кон колапс.

Но вистинската приказна почнува со еден бизарен лик од сенка – Григориј Распутин. Мистик, самонаречен исцелител и човек со сомнителна репутација, повикан во дворецот поради болеста на престолонаследникот Алексеј, кој боледувал од хемофилија.

Факт е дека Распутин имал одреден успех во смирувањето на нападите кај момчето. Доволно за царицата Александра целосно да му се довери. Од таму па натаму, тој станал нешто како духовен татко на царицата, а со тоа и неформален владетел на Русија. Дворските гласини за нивната наводна љубовна врска никогаш не стигнале официјално до царот, но Распутин со години „жарел и палел“, советувајќи за војна, политика и кадровски решенија.

Еден од неговите најфатални совети бил оној дека Русија ќе победи во Првата светска војна само ако самиот цар ја предводи војската. Катастрофа. Николај без воено искуство ја однесе армијата во пропаст, додека Распутин и царицата поставуваа свои луѓе на клучни позиции.

На 16 декември 1916 година, група аристократи решија дека е доста. Распутин беше отруен, застрелан, претепан и на крај удавен. Но штетата веќе беше направена. Следеше револуција, убиството на царското семејство, подемот на болшевиците, Сталин, Источна Европа под советска чизма и целиот домино-ефект што ќе го обележи 20 век.

Прочитај и за ... >>  Како да ја проверите вашата интелигенција

Жената зад Александар Велики – Олимпија

Александар Велики и Олимпија

Зад секој успешен маж, велат, стои жена. Ако тоа некаде важи буквално, тогаш тоа е приказната за Александар Велики. Освојувачот на познатиот свет.

Но Александар бил и класично мамино синче. А неговата мајка Олимпија не била обична жена. Била амбициозна, политички активна и длабоко вмешана во секоја важна одлука. Таа јавно тврдела дека Александар не е син на Филип, туку на самиот Зевс.

Кога се отвори прашањето за престолот, Олимпија се погрижи конкуренцијата да исчезне. Труења, заговори, политички маневри – сè било дозволено. Кога Филип зел друга жена, многумина и денес веруваат дека токму Олимпија стоела зад атентатот врз него.

Додека Александар освојувал од Балканот до Индија, таа фактички владеела со Македонија. По неговата смрт уште некое време успеваше да ја држи власта, сè додека помладите и поамбициозни наследници не ја тргнаа од патот.

Денес, една од најголемите гробници од антиката, откриена кај Амфиполис во близина на Солун, според дел од археолозите можеби ѝ припаѓала токму на неа. Што е доволно јасен показател колку моќна била.

Човекот зад Наполеон – Шарл Морис де Талејран-Перигорд

Шарл Морис де Талејран-Перигорд

Името Шарл Морис де Талејран-Перигорд ретко ќе го чуеш надвор од сериозна историска литература. Но без него, приказната за Наполеон ќе изгледаше сосема поинаку.

Додека Наполеон водел војни со речиси цела Европа, Талејран бил министер за надворешни работи. Иронијата е очигледна. Но токму тука доаѓа неговата генијалност. Додека јавно служел, тајно склопувал договори со Австрија и Русија, обидувајќи се да го ограничи човекот што сфаќал дека оди предалеку.

Талејран имал неверојатен талент секогаш да биде на „вистинската страна“. Преживеал револуција, терор, Наполеон, реставрација на монархијата – и секогаш останувал влијателен.

Прочитај и за ... >>  Сте чуле ли за табернакул?

Кога Наполеон еднаш му се заканил дека ќе го „скрши како стакло“, Талејран ладнокрвно возвратил дека е штета што толку голем човек има толку лоши манири. Тој момент често се смета за почеток на падот на Наполеон.

По неговиот пораз, токму Талејран организирал Наполеон да замине во егзил, релативно достоинствено. И навистина, како што самиот рекол: „Режимите паѓаат. Јас не.“

Човекот зад Џингис Кан – Јелу Чукаи

Џингис Кан - Јелу Чукаи

Џингис Кан е синоним за освојување, уништување и сурова сила. И да, факт е дека околу 1% од денешното светско население носи негова генетска трага.

Но зад машината за освојување стоел еден далеку помирен ум – Јелу Чукаи. Додека Кан размислувал во категории „убиј, запали, уништи“, Чукаи размислувал долгорочно. Го убедил дека е попаметно освоените народи да плаќаат данок отколку да бидат истребени.

Тој воспоставил функционален даночен систем, нешто револуционерно за тоа време. Благодарение на тоа, Монголската империја не била само најголема по територија, туку и одржлива. Многу историчари сметаат дека без Чукаи, империјата ќе се распаднела уште во првата генерација.

Човекот зад Тутанкамон – Големиот везир Ај

Тутанкамон - Големиот везир Ај

Тутанкамон е можеби најпознатиот фараон, благодарение на својата златна маска и мистериозната смрт.

Но додека тој бил дете, вистинската власт ја држел Големиот везир Ај. Тој му служел и на неговиот татко, а потоа практично самостојно управувал со Египет. Ги вратил старите богови, ја стабилизирал државата и носел одлуки наместо младиот фараон.

Кога Тутанкамон ненадејно умрел, токму Ај имал најмногу корист. Брзо ја оженил неговата полусестра Анкхесенамен и станал фараон. Дали имал улога во смртта на момчето? Никој денес не може со сигурност да каже. Но тајмингот е, благо кажано, совршен.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.