Офра Хаза

Офра Хаза на сцена за време на концерт, симбол на ориенталната израелска музика

Глас што не припаѓа на едно време, туку на сите времиња

Кога ќе се спомне Офра Хаза (хебрејски:, עפרה חזה; арапски:: عوفرة حازة), не зборуваме само за пејачка. Зборуваме за глас што ја премина географијата, јазиците и жанровите, и стигна до луѓе што никогаш не стапнале во Израел, а сепак ја почувствувале како своја. Родена на 19 ноември 1957 година, а замината од овој свет на 23 февруари 2000, Офра останува една од оние уметници за кои времето не важи на ист начин.

Детството во јужен Тел Авив и првото препознавање на талентот

Родена како деветто дете во семејство на еврејски доселеници со јеменско потекло, во јужното предградие на Тел Авив, таа уште од најрана возраст живеела во свет исполнет со музика, традиција и силна културна меморија. На само дванаесет години, нејзиниот пејачки талент го забележал агент од детскиот театар „Бецалел Алони“, момент што ќе го одреди целиот нејзин животен пат.

Гласот што не се учи, туку се носи

Гласот на Офра Хаза најчесто се опишува како исклучително чист и виртуозен мецосопран, глас кој со неверојатна леснотија се движеше низ различни музички светови. Таа не пееше само поп, ниту само традиционална музика. Таа создаде сопствен простор помеѓу модерното и древното, каде што ориенталните мелодии на јеменските Евреи се спојуваа со современи аранжмани. Токму таа искреност ја направи препознатлива насекаде.

Пробивот надвор од Израел и Евровизија

Надвор од границите на Израел, светот ја запозна преку албумот Yemenite Songs, кој и денес се смета за култен. Во 1983 година, ја претставуваше својата земја на Евровизија со песната „Chai“ – „живот“ – и го освои второто место. Тогаш новинарите за првпат ја нарекоа „Мадона на Истокот“, споредба што ќе ја следи со години.

Прочитај и за ... >>  Гласот што не старее - Никола Бадев и тишината што пее по него

„Im Nin’Alu“ и светската сцена

Во 1988 година, со песната „Im Nin’Alu“, Офра Хаза ги освои светските топ-листи и стана глобален симбол на ориенталната израелска музика. Тоа не беше само хит, туку културен настан. Во 1995 година, во дует со Паула Абдул, со песната „My Love Is for Real“, го освои првото место на американските топ-листи, нешто што дотогаш изгледаше речиси невозможно за уметник со нејзин корен.

Grammy, Нобел и светската почит

Албумот Kirya од 1992 година беше номиниран за Grammy, потврдувајќи дека нејзината уметност е препознаена и во највисоките музички кругови. Во 1994 година настапи на доделувањето на Нобеловата награда за мир во чест на Јицак Рабин, настан кој дополнително ја зацврсти нејзината улога како културен амбасадор.

Гласот што зборуваше на 17 јазици

Еден од најфасцинантните податоци е дека Офра Хаза ја испеа песната „Deliver Us“ – кај нас позната како „Спаси нѐ“ – за анимираниот филм Египетскиот принц на вкупно 17 јазици, за различни национални верзии. Малкумина уметници во историјата го имаат направено тоа.

Албуми, јазици и трајно наследство

Во текот на својата кариера издаде 16 студиски албуми, од кои многу достигнаа златни и платинести тиражи. Пееше на хебрејски, арапски, арамејски, англиски, шпански и уште многу други јазици. Нејзината дискографија денес претставува музички архив на еден културен мост меѓу Истокот и Западот.

Прочитај и за ... >>  МУЗИКА

Дискографија: Ahava Rishona, во соработка со групата на театарот Хатиква (1974), Ve-jutz Mizeh Hakol Beseder, исто така во соработка со Хатиква (1976), Atik Noshan, во сраоботка со групата (1977), Shir HaShirim Besha’ashu’im (во соработка со групата (1979), Al Ahavot Shelanu (1980), Bo Nedaber (1981), Pituyim (1982), Li-yeladim (1982), Hai (1983), Shirey Moledet 1 (1983), Bayt Ham (1984), Shirey Teyman/Yemenite Songs (1984), Adamah (1985), Shirey Moledet 2 (1985), Yamim Nishbarim (1986), Shirey Moledet 3 (1987), Album HaZahav- Златен албум (1987), Shaday (1988), Yemenite Love (1988), Fifty Gates Of Wisdom (1988), Desert Wind (1989), Kirya (1992), Oriental Nights (1993), Kol Haneshama (1994), Queen in Exile (1995), Ofra Haza (1997), На џедз фестивалот во Монтре- 1990, во живо (1998), Најголеми хитови 1 (2000), HTV Music History (2001), Најголеми хитови 2 (2004).

Заминување што отвори многу прашања

Офра Хаза почина од воспаление на градите, а дел од медиумите тогаш шпекулираа дека болеста е поврзана со СИДА. Нејзиното семејство никогаш официјално не го потврди тоа. Постојат и тврдења дека евентуалната инфекција можела да биде последица на трансфузија на крв во турска болница по спонтан абортус. Како и да е, вистината останува лична, а наследството јавно и бесмртно.

Зошто и денес зборуваме за Офра Хаза

Затоа што некои гласови не исчезнуваат. Тие се преселуваат во колективната меморија. Офра Хаза не беше само пејачка од Израел. Таа беше звук на идентитет, болка, радост и достоинство – спакувани во една човечка душа.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.