Светот и храната

Потребно време за читање: 3 минути

Освен влијанието на климатските промени, зголемената побарувачка на храна во светот, како и поскапувањето на сите производствени инпути, шпеукалциите на пазарот на храна имаат голема улога во нејзиното драстично поскапување, јави „Spiegel International“.

Во прилогот под наслов „Смртоносна алчност: Улогата на шпекулациите во светската криза на храна“, се наведува дека големото купување на ‘futures’, односно откупот на идната жетва (купување „на зелено“) е најголема опасност за натамошниот раст на цените на житариците-затоа што менаџерите секогаш гледаат да го максимизираат профитот.

Според оценката на Greg Warner, аналитичар на фирмата „AgResource“ од Чикаго, финансиските инвеститори сега ги поседуваат правата на две комплетни годишни жетви ‘futures’ на житарици што ги нарекуваат ‘soft red winter wheat’ и со кои се тргува на Чикашката берза (Chicago Futures Exchange).

Warner е запрепастен од ваквиот развој кој тој го гледа како знак дека „капитализмот буквално се јаде самиот себе“.

Во прилогот „Состанок на ОН насочен на кризата на храната“, BBC наведува дека и во други земји се чувствуваат последиците од пазаришните шпекулации на растот на цените на храната, затоа што снабдувачите на храна и трговците ги откупуваат сите посеви туркајќи ја цената на храната угоре.

Во Виетнам, кој инаку има доволно количество на храна за своето население, доаѓа до создавање залихи на храна што вештачки создава недостиг, па нивната Влада им се закани на шпекулантите со сериозни казни поради дестабилизација на пазарот.

Високите цени на минералните ѓубрива влијаат врз опаѓањето на земјоделските приноси во сиромашните земји, затоа што фармерите не можат да ги купат.

Во прилогот „Проценки на глобалната криза на храна“, BBC наведува дека доаѓа до опаѓање на приносите во сиромашните африкански земји поради неможноста фармерите да платат висока цена на минерални ѓубрива, а треба да се изборат со осиромашеното земјиште и неадекватните земјоделски алати.

Во прилогот под наслов „Како да се оконча глобалниот недостиг на храна“, објавен во „TIME Magazine“, економистот Jeffrey D. Sachs наведува три предуслови: треба да се применат искуствата на африканската држава Малави, чија Влада на малите фармери им понуди високо субвенционирано минерално ѓубриво и квалитетно семе, со што ги удвои приносите веќе по првата година од примената на оваа интервенционистичка политика; САД и ЕУ треба да ја напуштат нивната политика на производство на биогорива, со која голем дел од земјиштето наместо за храна се насочува на производство на посеви за биогорива; треба да се помогне во обезбедувањето на вода за земјоделското производство- од изградба на мали базени за собирање на дождовна вода до разни други системи на иригација.

Поради цените на минералните ѓубрива и еколошките штети од производството на биогорива (сеча на бразилски шуми за добивање на ораници), најавено е дека бразилското земјоделство ќе премине на Terra Preta технологијата. Ова е традиционална технологија која ја користеле жителите на сливот на реката Амазон уште пред повеќе од илјада години и која исклучително ја зголемува плодноста на сиромашното земјиште. Во нејзината основа е ѓубрење на земјиштето со био-јаглен (сличен на нашиот дрвен ќумур) со додаток на шталско ѓубре и друг органски отпад со кој подобро се задржува влагата во земјиштето. Дрвениот ќумур е шуплив материјал кој добро задржува и му обезбедува на коренот на растенијата хранливи состојци, како што се азот и фосфор, со што значително се зголемуваат приносите без еколошки загадувања.

Инаку, ММФ веќе предупреди дека на светот му се заканува глад. Стотици илјади луѓе можат да умрат поради растечките цени на прехранбените производи. Се стравува и од можно пропаѓање на економските напредоци на најсиромашните земји во последните 5 до 10 години.

ММФ ги повика владите во светот да внимаваат на инфлацијата и растечките цени на храната. Ако цените на храната останат високи, ќе има несакани последици за луѓето во многу развиени земји, а особено во Африка.

Според Светската организација за храна, за порастот на цените придонесува и економскиот раст во Кина и Индија.

Нужно еземјите на Европската унија, особено земјите во развој, драстично да го зголемат обемот на земјоделско производство како одговор на глобалниот тренд на растот на цените и недостигот на храна. Потребна е промена на европската политика која досега беше рестриктивна поради вишоците млеко, вино и месо, и повторно да се зголеми земјоделското производство. Германски агроексперти сметаат дека така ќе се спречи растот и недостигот. Барањето го оправдуваат со податоците од Светската програма за храна, според кои до 2030. година светската потрошувачка на прехранбени производи ќе се зголеми за 60%.

Во последниве години фармерите од земјите-членки на Европската унија го намалиле производството, а 3,8 милиони хектари земјиште не се обработува.

 

Leave the first comment