Туристички атракции во Македонија: Голем Град

Потребно време за читање: 4 минути

Знаете за островот Голем Град?

Да, станува збор за единствениот остров во Република Македонија, на Преспанското езеро. Одамна е посочено на него како можна нова туристичка „точка“, која сигурно би привлекла домашни и странски посетители, особено оние што трагаат по недопрена природа. Отворен е за организирани туристички посети, а нив ги реализираат туристички водичи од Националниот парк „Галичица“.

Подрачјето е под строга заштита со закон-дозволен е пристап исклучиво за научни истражувања.

Островот се наоѓа на југозападниот дел од Преспанското езеро, на 1 км од брегот, недалеку од државното тромеѓе Македонија-Албанија-Грција. На 5 км северозападно е селото Коњско, а најблиското место што е постојано населено е Стење.

Островот има тркалеста форма, со големина 680 х 440 м (околу 20 ха). Претставува карпеста плоча со вертикални страни, озгора зарамнета, што се издига 15-50 м над езерската површина. Само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, постојат мали плажи и пукнатини во карпите кај кои може да се пристане со лотка и да се искачи горе на островот.

Со оглед дека не се наоѓа во некој фреквентен воден простор, туку е „скриен“ во езерото, природно непристапен, ниту, пак, некогаш бил укрепуван, на Голем Град имало идеални можности за збег на луѓето од брегот.

Камени ѕидови без малтер, широки 1,5—2 м, се гледаат околу двете спомнати пристаништа, бранејќи го пристапот кон внатрешноста. Во јужниот дел се следи обѕидие околу еден внатрешен ринг, со обем од 2 ха. До него е укрепено главното пристаниште на југоисточниот брег, а недалеку, северно од него, се наоѓа кула.

Со повеќегодишните ископувања на низа пунктови, може да се следи историјатот на овој остров. Во елинистичко време веројатно било подигнато првото обѕидие, кое е обновено во доцната антика. Тогаш биле изградени и две ранохристијански цркви. Околу нив биле закопувани умрените.

Голем Град бил привлечно место во римската епоха и во средновековието, за што се потврда двата откриени слоја на гробови кај црквата Св. Петар (14-ти век) и кај темелите на црквата Св. Димитрија.

Под раководство на Д-р Вера Битракова – Грозданова, која од 1967. година ги врши археолошките истражувања на островот, се откриени остатоци уште на две ранохристијански цркви (4-ти- 5-ти век), а се раскажува дека на него некогаш имало 7 цркви, што укажува на фактот дека бил густо населен. Во црквата Св. Петар постои фасадна фреска (на јужната страна) со мошне успешни композиции- ,,Опсадата на Цариград” и ,,Бегството во Египет”, за кои академик Цветан Грозданов вели дека се реткост на Балканскиот Полуостров. До црквата се наоѓа единствениот конак (изграден во 19. век) што се користел за живеење на црковните служители, но и за чувари на илегални македонски револуционери од предилинденскиот период и за време на востанието во 1903-та година, кога на островот биле засолнувани голем број на преспански востаници.

Освен фрагментите од фреските, на јужниот дел на островот е пронајден и еден објект којшто во доцната антика со сигурност служел како цистерна. Потврда за тоа се и откриените канали за проток на водата. Во средниот век таа веќе немала никаква употреба бидејќи населбата веќе не постоела, но кога доаѓаат монасите ја забележале, ја преградиле, преуредиле, и дале олтарен простор и ја живописале.

Ранохристијанската епоха, односно христијанизацијата на таа античка населба започнува некаде кон 4-от век, кога се градат ранохристијански базилики. Една од нив дури има и мозаик. Пронајдени се и многу монети од 3-от век пред новата ера, од населби кои тргувале со овој остров, потоа монети од градовите на грчки колонии од Јадранскиот брег, од римската епоха, од рановизантиската, односно од времето на Јустинијан. Исто така е пронајдена и сребрена монета во еден од гробовите од времето на Волкашин, а во цистерната- црква монета од унгарски владетел. Интересно е што монетата на Волкашин е пресечена напола, што значи дека служела како предмет кој симболизирал пренесување на душата на оној свет. Во некрополите е пронајден златен, сребрен и бронзен накит, а она што е чудно и забележливо, во нив не е пронајдено оружје.

Пеликанот (носитот) е дел од богатата фауна во овој крај. Како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, него кај нас го има единствено на двете преспански езера (Големото и Малото), а престојува 6 месеци (15-ти април – 15-ти октомври) во јата од над 100 птици. Пролетното долетување на овие бели птици не е многу забележливо, но за време на есенската преселба тие се собираат во јата и по еднодневно кружење над Преспанската котлина се упатуваат кон своите зимувалишта.

Голем Град, природна реткост со високи карпести рабови (до 30 м.) и специфична клима, изобилува со разновидни ендемични растенија. Најмногу е застапено шумското растение фоја (Juniperus ekcelsa), кое вирее и на самите карпи. Поради бавното растење, се претпоставува дека најголемите полусуви стебла се постари од 1.000 години. Познато е дека фојата е распространета во Кавказ, Иран, Либан, Крим, Мала Азија и на Балканскиот Полуостров (во Македонија- Вардарска Македонија, на Голем Град, на планината Галичица и на Пречна Планина, потоа во Бугарија и Грција). Расте 10-12 метри височина со пречник на стеблото од 30-50 см. На островот има стебла постари од три века.

Откриени се 160 видови на папрати и семени растенија, на180 родови и 41 семејство. 80 од нив се јужно-европски флорен елемент.

Според биолошките форми најзастапени се терофитите, односно едногодишните растенија. Ретко се сретнува црн габер, македонски даб и благун.

Голем Град претставува редок резерват каде што се размножуваат во светот ретки видови на габи. Освен неколкуте видови на плодородни растенија, на островот се застапени сливата, црницата, дренот, шипот, лозницата, смоквата и други.

На островот Голем Град има 2 вида на змии. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна, а во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок. Правени се обиди за нивно уништување со ежови (1949-та) и мунгоси (1967.), но поголем успех не е постигнат.

На островот е ставена во употреба посебна патека што води до сите локалитети, со поставени информативни табли на македонски и англиски јазик, како и пристапен мост, со оглед дека се работи за тешко пристапен терен. Патеката е уредена токму со цел за да се ограничи движењето на посетителите, односно за да нема неконтролирано движење по островот.

Leave the first comment