Се предвидува во втората деценија на 21. век околу 25% Американци воопшто да не одат на работа. Ќе работат дома, преку Интернет и останатите технички помагала.
Одењето на спортски настан, што е денес сѐ уште за мнозинството Американци семеен настан, ќе стане луксуз. Не поради трошоците, туку поради времето кое ќе биде подрагоцено од денес. Сообраќајот ќе биде уште похаотичен, проблемот на паркингот уште поголем, па удобноста на домашниот амбиент и разновидната ТВ понуда ќе биде голем адут да се остане дома.
Истовремено, американскиот професионален спорт сѐ повеќе ќе се претвора во бескрајна ТВ сапуница во која секоја вечер исти актери ќе зборуваат и работат исто, менувајќи го само сценариото.
Во прв план ќе бидат нови адреналин-дисциплини за чие практицирање и гледање ќе бидат потребни таблети за смирување.
Според аналитичарите на „USA Today“, финалето на NBA лигата, на пример во 2028. година, ќе се игра во хала која има само 4.000 места и чии трибини нема да бидат полни. Во баровите ширум Америка, на најмодерни видео-бимови, кои ќе имаат карактеристики за кои сѐ уште не размислуваат ниту оние што би требало да ги измислат, со пиво и хамбургер навивачите ќе ги следат натпреварите на финалистите.
Се разбира, ТВ програмите ќе бидат според системот pay per view-купи па гледај. Тој систем постои одамна и постојано се усовршува. На пример, „Филипс“ веќе ја „изолира“ топката. Сѐ можете да видите: и играчи како трчаат, и судии кои пресудуваат, и публика која свирка или се радува, се освен…топката. За да ја видите- морате да платите. Системот мошне адекватно се вика Pay per ball (Плати за топката).
Комерцијализацијата на спортот ќе биде тотална, по секој кош, гол или поен ќе следат реклами, а според Марк Мек Кормик, таткото на модерниот спортски маркетинг, најголемите спортски ѕвезди ќе се натпреваруваат на Олимписките игри за „Avis“, „IBM“ или некоја друга светска фирма, наместо за својата држава или нација.
По оваа глобална футуристичка прогноза следат поконкретни предвидувања.
Од одделните спортови, како и секогаш, мерило ќе бидат атлетиката и пливањето како егзактни дисциплини, а во кои е најлесно да се мерат човечките достигнувања и поместувањето на границите. Се предвидува подобрувањето на исхраната да овозможи натамошно усовршување на мускулните влакна, што ќе придонесе за подобра и поиздржлива мускулатура. Се разбира, таа ќе овозможи подобри резултати.
Биохемијата ќе има уште позначајна улога, а употребата на средства како креатин ќе биде нешто нормално и неизоставно ако се сакаат врвни резултати.
Она што научниците не можат да го предвидат е во кој правец ќе еволуираат организмите на расите и нациите кои природата ги надарила со необични способности. Во ниедна анализа пред само 50 години не била предвидена појавата на тркачи на долги патеки од Кенија или на средни од Мароко, а денес е речиси невозможно да се победат. Генетичарите тврдат дека во генетска смисла нема разлика помеѓу расите и оти никој априори не е предодреден да трча побрзо, да скока повисоко и подалеку. Условите на живот, исхраната, начинот на живот и, се разбира, технологијата како надградба влијаат врз подоцнежното создавање на разлики. Кој може да гарантира дека за 30 или 50 години некој народ од Андите, Кавказ, од сибирските степи или од сахарската пустина нема да биде побрз и поиздржлив од поиздржливите Кенијци или Мароканци?
Напоредно со научните достигнувања, на човечки план новите технолошки откритија исто така ќе придонесат за нови рекорди и поместување на границите. Спортските костуми сѐ помалку личат на обична спортска опрема, а сѐ повеќе на костумите кои ги користат астронаутите, спринтерките се сѐ полесни, велосипедите побрзи и исто така полесни, летвите поеластични, материјалите поотпорни…
Се предвидува во догледно време во олимпиското семејство да влезат хокеј на ролери, mountain cycling (ридско возење на велосипед), баскет на лизгалки, сурфинг, сквош, боулинг, карате…
Уште една тенденција ќе биде „феминизацијата“ на Олимписките игри. Се предвидува до 2020. година половина од учесниците да бидат жени, додека во Атланта во 1996. беа 35%.
Се заканува опасност на телевизиската публика и новите генерации традиционалните спортови да им станат здодевни и веќе сега се измислуваат нови, наизглед поатрактивни и секако поопасни.
Девизата на Пјер де Кубертен, основачот на модерните Олимписки игри, „побрзо, повеќе, посилно“ ќе се трансформира во нешто како „поскапо, поатрактивно, поопасно“.
(Користени повеќе прилози на Интернет)