fbpx Прескокни до главната содржина

52-54

Секидневие, дело во создавање, автор: Љупчо Димитровски

52. Поглед

Еден напоречки поглед
пресече рамнодушност која
штотуку почна да завладува
со сиот внатрешен свет
на живот кој нигде никако
да се вкорени.

Напоречки поглед во миг
што не остава трага
во суштествувањето
на постојаноста човечка.

Пресече рамнодушност
поглед напоречки
на разминување молчаливо
на два лика
со свои дамнешни времиња.  

53. Пролетна

Препознава пролетна песна
со зборовите што се пеат
со гласовите што се слеваат
еден во друг во созвучје
со знаците на будност
на природа
а најмногу со мирисите
кои истеруваат на виделина
слободоносни бубалки
надземни птици
и подземни животинки.

Препознава пролетна песна
што не се пее во ниедно
друго годишно време
едновремено
со зборови гласови и знаци.

54. Под ламба

Од многу
дамнешни ноќи
до оваа последна
тивка само негова
под ламба
прочита и напиша
книги во кои
само нему знајни
и незнајни творци
биле соговорници
со кои разменувал
ставови гледишта
мисли
за суштествени
состојби процеси
прашања дилеми
без некои особени
меѓусебни односи.

Во оваа негова ноќ
последна тивка
нема
книга непрочитана
книга ненапишана.

Има само една
книга негова
што ја пишува
откако ќе ја угасне
ламбата
и ќе им се препушти
на соништа
со мртви ближни.  

СЕКИДНЕВИЕ, Расположби, поезија/припеви

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.