Враќање во дивина

Потребно време за читање: 2 минути

Се собрале на итна консултантска средба сите диви и питоми животни на светот, нормално со царот лав на царскиот престол, за да решат што треба да сторат во последен час; пред нивно дефинитивно сотирање од страна на човечката цивилизација.

Им се обратил царот лав:

-Другарки и другари наши, Дами и Господа меѓу нас, поданички и поданици мои, како што прогнозиравме и очекувавме судејќи според собитијата и дејанијата на човечката цивилизација во последно време, ни чукна последниот час пред нашето дефинитивно сотирање. Веќе немаме каде, ножот ни дојде до под грло, дојдовме до или-или.

Имено, човечката цивилизација реши да нè сотре, сите до еден, затоа што веќе не сме ѝ потребни ни како диви ни како питоми. Некој може да се праша како тоа, од каде тоа, зошто тоа, па да му одговорам како ваш цар на мојава царштина: таа реши да не сотре, сите до еден, затоа што веќе не ѝ требаме. Ни за предјадење, ни за јадење, а најмалку за појадење односно за мезење ко што се вели народски. Имено, таа толку ја напредна својата технологија што ја доведе до степен на совршенство. Конкретно речено, не само што почна нас да нè произведува какви што ѝ требаме, колку што ѝ требаме , како што ѝ одговораме и по мера и по вкус, а богами и по вредност и разновидност, сакам да речам нè произведува вештачки колку што ѝ треба за најадување до наситување, туку почна да се произведува и себеси! Сакам да речам, почна да произведува луѓе од секаков тип, а најмногу послушници, слуги, прави роботи кои можат да живеат дури и без храна сè до моментот до кој се програмирани.

Се јавила лисицата:

-Лаву, царе наш, не ни кажа ништо ново. И ние гледаме, веќе не се чудиме и не се изненадуваме, а само се крстиме од што не разбираме како тоа човечката цивилизација не се свести досега, ниту пробува да се свести дека скоро и таа ќе стане непотребна на себеси. Ќе почне да се сотира самата себе и скоро од неа ништо живо нема да остане. Освен ние какви што сме си, диви и питоми, паметни и итри, на чело со тебе. Ајде, кажи што си доумил, смислил и наумил, па да тргнеме во реализација со заеднички сили.

Царот лав мудро молчел едно две-три минути, шарајќи со погледот вперен во толпата диви и питоми животни, па бавно, со мудар глас рекол:

-Со оглед дека нема друг спас за сите нас, јас како лав и ваш цар доумив, смислил и наумив да тргнеме сите топтан на далечен пат, кон нашата мајка Природа. Далеку е, во меѓувреме и од нас ептен се оддалечи откако избега наврат-нанос од човечката цивилизација. Која, како што ни е одамна општо познато, ја злоупотребуваше, ја силуваше и ја умираше забрзано со своите дејанија и собитија, па ако не избега од неа прд да ѝ чукне последниот час сигурно  ќе беше мртва како никогаш да не постоела. Да тргнеме сите топтан на далечен пат, а кој ќе преживее ќе го раскажува нашето спасувачко патешествие. Колку што сум детално информиран, во меѓувреме мајката Природа тотално се обновила, станала каква што била н екогаш-првобитна. Тоа значи дека за нас е пак права дивина.

Како што е општо познато, речта на лавот како цар на животните била прва и последна, па сите топтан набрзина се спремиле и тргнале на пат кон мајката Природа, кон нивната дивина.       

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 42