120. Во неврат
Сал он си знае од
кога е во неврат
без никој да знае
дека отишол.
Сакал никој друг
да не знае сè дури
не се заборави
кој бил што бил
како да никој да
не бил никогаш.
Сега се прашува
дали небосводот
кој им го остави
на идни луѓе
на врел камен
е доволен
како негов знак
на постоење.
121. Знак
Врежа свој знак
на корен од дрво
столетно
кој барајќи сонце
успеал да излезе
од подземен свет
на сонце.
Се надева дека
ништо нема
да го збрише
бар некое време.
Знакот негов
е единствен.
122. Богат
Нема побогат од него
со гола снага гологлав
и бос.
Му завидуваат
како успеал толку
многу да се обогати
што да не може
никој ништо
баш како него.
И се чудат зошто
он и патот негов
се губат во далечина.
123. Се протина
Не успева сосем
да се протне
низ иглени уши.
А не престанува
да се протина.
Божем тоа за него
е игра во која
најнакрај он мора
да победи.
124. За никаде
Сите се за никаде
по силната луња
што мина ноќеска
и разурна сè
соградено од луѓе.
Жива среќа е што
не однесе човек
со себе.
Луѓето совреме
се сокрија
длабоко в земја.
125. Свиток
Пронајдов свиток
во разурната куќа
во урнат ѕид
на источната страна.
Дали во него
го сокрил човек кој
последен ја оставил
за последен пат.
Веќе е полноќ
а мене никако
не ми успева
да ги одгатнам
знаците словата
и бројките
испишани на него.
Наредени се
во стихови и строфи
та сè ми се чини
дека е песна
можеби испеана од
птица преселница.
126. Зборопој
Зборопој е не баш
успешна кованица
од два збора кои
не можат никогаш
никаде до каде било
еден без друг.
Збор што се пее
што било како било
почнувајќи
од крај кон почеток
или завршувајќи
од почеток кон крај.
И пој што се слуша
во него со него
сосе него може
мигум без него
додека нема глас
што би го испеал
како што би било
најдобро.
СУШТИНИ, зборопој/зборови за пој, елементарна поезија





