Голем и мал непријател

Потребно време за читање: 3 минути

Судејќи според она што го смислил и домислил како жива мисла, би можело да се заклучи дека ниту му значеле некогаш, ниту му значат сега неговите непријатели. Не оти ги игнорира. Напротив, и нему, како на мнозина други, најважно му е тие да му се секогаш пред очи. Напросто инсистира на тоа кога зборува за борбата против нив.

Во разговори со неговата пријателка Јована Краснова, истакната поетеса и книжевна критичарка чие творештво го цени високо, често нагласува дека не е прашање дали нема кој што нема големи и мали непријатели, туку колку човек дозволува тие да влијаат врз животот и неговата перспектива:

„И големиот и малиот непријател најмногу атакуваат на слабостите на човечкото работење или создавање и дејствување. Не за да ги поразат, да ги уништат, туку да ги искористуваат, поточно злоупотребуваат. Имено, и на големиот и на малиот непријател им е важно никако да не овозможат тие да се надминат. Затоа токму на нив е најмногу насочено нивното непријателство. Да, мислам на зависноста и покорноста“.

На прашањето дали човек може трајно да се ослободи од своите непријатели, да ги држи на што поголема оддалеченост од него или спротивставувајќи им се барем да го обеснажи нивното воздејство, он ѝ одговори:

„Се разбира дека може. Обратно е од поставеноста во прашањето: прво треба да биде обеснажувањето, па потоа оддалечувањето сè до трајното ослободување од нив…Се разбира дека може. Би рекол дека така мора, ако сака да живее свој живот. Еднакво слободен, независен и самобитен“.

Он ја познава одамна Јована Краснова. Беа блиски, би можело да се рече интимни пред да се омажи за рускиот емигрант Сергеј Краснов, инаку врвен виолинист. Се разведоа по речиси десетгодишен наизглед среќен брак, таа станувајќи самохрана мајка со две дробни машки деца; едното на шест, а другото на осум години.

Од ден на ден и он и она стануваат сè поблиски. Би можело да се рече поинтимни, со сè уште неизразена љубов.

Од бележникот „Жива мисла“ ја искина страницата со свои мисли за непријателот и ѝ ја подари со забелешка:

„Додади, одземи, допиши, забележи, прибележи ако имаш што. Можеш и да избришеш или да го искинеш и фрлиш листов“.

Неговите живи мисли:

Не му дозволувај на твојот непријател  да ги злоупотребува твоите слабости.

Непријателот, колку да е голем или мал, можеш со умност и знаење да го направиш свој пријател.

Запомни дека и непријателот е човек.

Сам на себеси си непријател штом признаваш дека не можеш да им се спротивставиш на твоите непријатели.

Не можеш да го сакаш, но мораш да го почитуваш својот непријател. Поготово кога е посилен, потврдокорен и понастојчив.

Твојот непријател најмногу се плаши од твојата величина со дело. 

Колку повеќе големи и мали непријатели, толку поголема вредност на од тебе стореното или создаденото.

Поважно од сè друго ми е мојот непријател да ми е секогаш пред очи.

Твојата маска и маската на твојот непријател се секогаш идентични.

Нека се живи непријателите против кои постојано се борам. Со што ми докажуваат дека сум жив.

Кој има многу големи и мали непријатели, има малку вистински пријатели.

Од што најмногу се плаши твојот непријател? Тоа е најтешко да го откриеш. А ако ти успее, тогаш може да почнеш ти да се плашиш од него.

Противникот не мора да ти е непријател. Може да ти биде поголем од пријателот кој никогаш не ти се спротивставува.

Непријателот поначесто напаѓа пријателски, поточно лицемерно. 

Не вреди да се обидуваш безвреден непријател да ти стане пријател.  

Потценет или игнориран непријател брзо и лесно ќе те порази, ќе те понижи, ќе те направи свој слуга.

Има големи и мали непријатели? Не знам дали има, но знам дека во нерамноправна борба големите стануваат уште поголеми, а малите остануваат мали.

Колку си поголем, позаслужен и повеличан, толку е поголем бројот на твоите непријатели.

Тешко се препознава непријател меѓу многу пријатели.

Итрината е пред мудроста во борбата против непријателот.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 11