Никој не знае кога му е лицето намуртено од незадоволство, кога од лутина поради штогоде, кога од мала или голема болка што ја издржува, кога му е пред папсување на снагата, а кога оти не му се исполнило очекувано.
Прво му се мурти челото, со три дебели брчки и длабоки бразди меѓу нив, подочниците му стануваат сѐ потемни, образите или му поцрвенуваат или му посивуваат. Устата ја отвора сѐ повеќе како да му се зема здивот.
Лицето му е најмалку намуртено кога е небото облачно, а денот дождлив. Но, и тогаш ниту за миг не му се разведрува.
Никој не го видел помеѓу лица кои не знаат да се муртат.