Потребно време за читање: 3 минути

Барањето на СДСМ за техничка влада, која ќе спроведе фер и демократски избори (зашто последните биле крајно нефер, недемокартски, фалсификувани…итн.), е неприфатливо не само затоа што е ултимативно, безалтернативно, туку пред се поради фактот дека тоа би бил политички преседан, сосема непознат во меѓународната практика. Најнапред, нужноста од техничка влада во земјите каде што била формирана се наметнала поради длабока причина, опасност или криза: оружен конфликт, воен удар, политички убиства, економска или должничка криза или, пак, крупни прашања од национален интерес (во „случајот“ со нашава земја на пример проблемот на јужниот сосед со името на нашава земја, членство во ЕУ и во НАТО).

Неспорно е дека зад барањето техничка влада е всушност делегитимирање на изборните резултати и непочитување на волјата на граѓаните. И сосема нормално, апсолутно неприфатливо за премиерот Никола Груевски односно владејачката партија и нејзината коалиција. Во меѓувреме, во овој кус постизборен период (нецела година) следиме постојани обиди на опозицијата токму за делегитимирање на Владата: од оспорување на закони и реформски проекти (во образованието, здравството), тие да се носат со претходна „експертска“ и „широка“ расправа, со „масовни“ протести, до секојдневни „пресовски“ обвинувања за криминално владеење и закани со „бомби“.

Поимот „техничка влада“ поначесто се употребува во контекст на преодна или привремена влада. Токму на таква мисли СДСМ. Имено, тоа е влада што не добила мандат на избори, туку е назначена со согласност на главните политички сили во една земја, а може и со меѓународно посредништво. Составена од експерти што не се поврзани со силни политички движења, а нејзина цел е да ги организира следните избори.

Прочитај и за ... >>  Тежок пораз на македонската опозиција; можно решение на „спорот“ за името

Македонија имаше техничка-експертска влада во 1991. година, под водство на Никола Кљусев. Причина за нејзино формирање беше оти ниедна партија немаше стабилно мнозинство во Собранието и немаше можност да се формира влада. А следеше мошне значаен, историски период- подготвување на осамостојувањето на државата и формирање на нејзините „витални“ органи. Владата „траеше“ 16 месеци.

Меѓутоа, барањето за формирање техничка влада што ќе спроведе фер и демократски избори мора да се „поврзе“ со уштге две од петте „теми и услови“, а кои не само што не се прифатливи за Груевски и ВРМО-ДПМНЕ, туку е практично невозможно да се реализираат во „разумен“ период: одвојување на партијата од државата и спроведување попис.

И на лаиците им е јасно дека станува збор за долготрајни процеси и подготовки, што ќе рече и долготрајност на техничката влада. Без оглед што не е конкретизирано „одвојувањето“, тоа никаде во светот не е целосно остварено, ниту ќе се оствари во „догледно“ време. Од проста причина што е тоа дел од демократските процеси и промени, од постојаната борба за поголема демократија и слобода, од департизација на законодавната власт…Тоа значи дека ова барање би морало да биде конкретно и прецизно, односно „ограничено“, па и преформулирано.

Прочитај и за ... >>  Има ли македонската опозиција „црвена линија“ при решавање на „спорот“ со Грција?

Спроведувањето попис, поврзано пред се со Избирачкиот список, е уште „подрастично“, неостварливо во рамките на „логичното“ траење на техничка влада, па дури и политички недоветно. Република Македонија е една од двете единствени држави во светот во кои не е спроведен попис на населението (втората е Сомалија). Опозицијата на чело со СДСМ смета дека со тоа што не спроведува попис власта сака да ја прикрие реалноста- голем број жители, главно помлади луѓе, ја напуштиле земјата, а Избирачкиот список со близу 1,8 милиони запишани е фиктивен. Не ќе е баш така.

Доколку кај власта постоела- постои намера од „прикривање на реалноста“, прашање е зошто спроведе попис во 2011. кој доживеа целосно фијаско за неколку дена пред тој да заврши. Дали само поради „застареноста“ на претходниот (2002. година), поради „разлики во толкувањето на методологијата на попишувањето“ или (и) поради нешто „трето“?

Да потсетам, пописот во 2002., што го спроведе тогаш владејачкиот СДСМ, остана со „отворено прашање“: колку Албанци живеат во Р. Македонија? Наспроти „добиените“ 25, 7 проценти, наспроти тврдењата дека реално тој не изнесува повеќе од 18, при што немаше на што да се базира Рамковниот договор и тој не ќе можеше да се спроведе. На тоа многу подоцна укажа тогашниот претседател на Државната пописна комисија Зоран Крстевски, кој поднесе оставка:

Прочитај и за ... >>  Убиен или не?

„Точно е дека поднесов оставка, затоа што се сомневав во методологијата на пребројувањето на резултатите. Причините не беа политички, едноставно не бев убеден дека резултатите од пописот се валидни“.

Нивната валидност не беше спорна при сите избори до последниот-вонредните парламентарни во 2014, поточно по резултатите од нив (големиот пораз на СДСМ).

Впрочем, потребата од спроведување попис на населението, па и негово „директно“ поврзување со Избирачкиот список, не е согледана само од СДСМ, туку и од Груевски. Познат е неговиот предлог до ДУИ односно Али Ахмети, а на кој не доби одговор (тој не ќе може уште долго да „ескивира“): пописот да се спроведе за две години, и тоа во две форми- административно пребројување на населението и теренска проверка за неколку прашања. Притоа е неопходно соодветно софтверско решение со кое би се поврзале со податоци од сите државни регистри и така би се дошло до бројки како за време на теренски попис. Тоа би се применило и при комбинација со теренски попис.

Теничка влада која би ја „водела“ Р. Македонија најмалку две години?!

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here