Златото денеска допре највисока цена од средината на мај, во нов бран на купување поттикнат од послабиот долар, неизвесноста околу американските каматни стапки, геополитичките ризици и промените во управувањето со американскиот државен долг. По достигнатиот врв, спот-цената благо се повлече и во претпладневното тргување се движеше околу 4.635 долари за унца, но зад дневното движење стои многу поголема приказна – капиталот повторно забрзано се насочува кон златото.
Според податоците што ги објави Reuters, фондовите што инвестираат во физички покриено злато само во последната недела привлекле 46,7 метрички тони, во вредност од околу 6,4 милијарди долари. Тоа е најсилната неделна побарувачка во последните 10 месеци и можеби појасен сигнал од самата берзанска цена дека големите инвеститори повторно ја зголемуваат изложеноста кон благородниот метал.
Зад растот не стои само стравот
Златото традиционално добива на вредност кога инвеститорите бараат засолниште од политички и економски потреси, но сегашното движење не може да се сведе само на геополитиката. Во исто време се преклопуваат неколку фактори: американскиот долар ослабе во дел од претходните сесии, пазарите повторно ги преиспитуваат очекувањата за каматните стапки, а притисокот врз долгорочните американски државни обврзници го отвори прашањето како Вашингтон ќе управува со трошоците за задолжување.
Тука се појавува и приказната за американското Министерство за финансии. На 19. август институцијата официјално објави дека од 9. септември најмалку двојно ќе го зголеми обемот на операциите за откуп на долгорочни државни хартии од вредност. Максималниот износ по операција за одредени сегменти со рок од 10 до 30 години ќе се зголеми од 2 на најмалку 4 милијарди долари.
Целта на овие операции е подобрување на ликвидноста на пазарот на долгорочен американски долг. За инвеститорите ваквиот потег веднаш отвора пошироки прашања: што ќе се случува со приносите на американските обврзници, со доларот и со реалната цена на државното задолжување? А кога довербата во стабилноста на овие три елементи се преиспитува, златото обично повторно влегува во фокусот.
Што навистина значат споменатите 935 милијарди долари?
Во дел од финансиските медиуми се појави бројката од 935 милијарди долари која лесно може да создаде впечаток дека САД подготвуваат толкав пакет за откуп на обврзници. Тоа не е прецизно. Станува збор за приближниот износ што американското Министерство за финансии го имало на својата Treasury General Account сметка кај Федералните резерви на 20. август. Разликата е суштинска: 935 милијарди долари се расположлива готовинска резерва на сметката, а не официјално најавена вредност на програмата за откуп. Американското Министерство за финансии засега официјално потврди зголемување на поединечните операции за долгорочни обврзници. Информациите дека дел од пошироката готовинска резерва би можел да се употребува за финансирање на такви интервенции се значајни за пазарот, но не значат дека целиот износ ќе биде активиран.
Токму тоа објаснува дел од нервозата. Финансиските пазари не реагираат само на веќе потрошени пари, туку и на можноста голем играч да ја промени понудата и побарувачката кај обврзниците. Ако интервенциите ги намалуваат долгорочните приноси или создаваат дополнителен притисок врз доларот, златото станува порелативно привлечна алтернатива.
6,4 милијарди долари се поважни од еден дневен рекорд
Пазарната цена лесно може да се смени во една трговска сесија. Многу позначајно е каде се движи капиталот. Светскиот совет за злато уште во јули забележа пресврт кај физички покриените ETF-фондови: по два месеца одливи, глобалните фондови повторно регистрираа нето-прилив од околу три милијарди долари, додека нивната вкупна актива достигна околу 530 милијарди долари. Податоците на World Gold Council покажуваат дека инвеститорите повторно почнале да градат позиции по падовите во претходните месеци.
Последниот неделен прилив од 6,4 милијарди долари го засилува тој тренд. Тоа не значи дека растот на златото е загарантиран. Напротив, металот останува чувствителен на доларот, приносите на американските обврзници и насоката на монетарната политика. Но покажува дека златото повторно се користи не само како краткорочно засолниште, туку и како инструмент за диверзификација во портфолијата.
Инфлацијата и Федералните резерви се следниот тест
Пазарите сега го чекаат американскиот индекс на потрошувачки расходи PCE, еден од најважните показатели за инфлацијата што ги следат Федералните резерви. Во фокусот е и настапот на претседателот на ФЕД, Кевин Ворш, на собирот во Џексон Хол. Секоја промена во очекувањата за каматните стапки може брзо да се прелее врз доларот, приносите на обврзниците и цената на златото.
Високите каматни стапки вообичаено не одат во прилог на златото бидејќи металот сам по себе не носи каматен принос. Кога приносите паѓаат или кога инвеститорите стануваат понесигурни во реалната вредност на доларските средства, неговата релативна привлечност расте. Токму тој баланс во моментов се менува од ден на ден. По достигнувањето на највисокото ниво во повеќе од 3 месеци, златото денеска се повлече за околу 0,4%, главно поради прибирање профити и делумно закрепнување на доларот. Среброто истовремено падна за околу 1,4%, на приближно 68 долари за унца. Различното движење потсетува дека двата метала не реагираат идентично: кај среброто освен инвестициската побарувачка многу поголема улога имаат индустријата и очекувањата за глобалната економска активност.
Затоа сегашниот раст на златото е поважен како сигнал отколку како рекорд сам за себе. Инвеститорите не купуваат само метал – тие купуваат заштита од неизвесноста околу доларот, каматните стапки, американскиот долг и геополитиката. Дали тој страв ќе го однесе златото кон нови врвови. ќе зависи од следните потези во Вашингтон и од податоците што треба да покажат колкав простор навистина има американската монетарна политика.










