Ќе дојдат некои сметкаџии, ќе ти ја удрат сметката, ќе си пресметаат како може најлесно да биде по нивно, и со сила ако треба, и ќе те соберат за да се најдеш во небрано. Бидејќи не чинело вака, треба, мора да биде поинаку. Не се знае точно какво е тоа поинаку, ама ќе се научи. Само поинаквото да почне.
Ти си живеел некако, бидувало секако, ама дошло време да не може да се живее како што се живеело. Нужни се промени, зашто секаде се околу нас па не можеме да останеме покусо, а се нужни и за да биде поарно. И…се превртува работата. Излегува дека досега те лажеле, те краделе, си спиел, не си се свестувал. Светот не ги чека оние што заостануваат зад него и одамна отишол толку напред да не можат никогаш да го достасаат. Сега барем да почнеш да му се приближуваш. Менувачите се сигурни и тврди. Ако не може да се смени со арно, со сила ќе се промени.
И се промени, речиси преку ноќ. Некаде со сила, со војна, некаде со мир и трпение, макар и се патело непатеното. Сѐ за подобро утре, побогато, поимашно, сѐ за светлата перспектива, подобрата иднина.
Може да е најважното притоа:
Секој знае дека не мора да се растура за да се продолжи, ама кога не се сака така мора да се растури за одново да се почне.
Ја растуривме живеачката за секој да си биде на своето, капата еден другему повеќе да не може да му ја крои. И се промени сѐ: сакањето до омраза го дотуркавме, можењето до завист и зависност од други. Наместо живеачка, живуркање си стокмивме. Или ни го стокмија променувачите. Сеедно. Стокмено е за не од денес до утре, ами од денес до денес да може да се издржи некако. Белки не за долго, белки надежта нема да ни згасне, барем дури скромноста не си ја задоволиме.
Си живуркаме од денес до денес. Рамнодушни, малодушни, сите во трпеж и крпеж. Да, освен сметкаџиите за нивно најлесно, собирачите што во небрано собираат други. Трпиме сѐ, за светот несфатливо колку и до каде. Притисоци од сите страни, блокирани, неразбрани, непризнаени. Некому му пречи мирот што од петни жили се обидуваме да го дочуваме и добраниме, некому исправеноста пред времето, некому името наше, некому јазикот наш насушен, а на најмногумина им пречиме ние на оние со кои не сме иако не им сме против.
Живуркаме од денес до денес, а векови нѐ научиле дека и за него е потребно здравје, е потребно сила, снага да додржуваш, на нозе да достојуваш пред најсилни ветришта и најтемни облачишта. Ама ако не трае од долго предолго. Живуркањето станува живеачка кога е секој ден исто и ние во него и со него. До осамена умирачка.
Како до живеачка по долго живуркање? Може? Што не можело? Само вака:
Кога ќе си заминат сметкаџиите од кај што дошле или ќе ги избркаме ко никогаш да не ни дошле, а пред тоа ќе им ја удриме сметката и ќе им ја наплатиме. Не со сила ами со ум и разум. Или ќе ги собереме во небрано, да не можат никогаш пак да се приберат и соберат. Па ќе пресметаме како најдобро и најзадоволно да биде по наше, не најлесно. За не пак одново да почнеме, туку сѐ од нас почнато да продолжиме.
Живеачка без живуркање како умирачка без умирање.