Funny little kids eating in day care centre
Лице в лице - сега е достапно онлајн Kupi Lice v lice - sega e dostapno onlajn
Купи Лице в лице - сега е достапно онлајн
Потребно време за читање: 4 минути

Забележано и кај нас, како и насекаде во „модерниот“ свет (прашање колку е навистина модерен, затоа се наводниците, особено ако се има предвид квалитетот на живеењето): дебелеењето и алергиите се сѐ почести појави кај децата (бебето). А основен предуслов тие да се предупредат е здравиот начин на исхрана уште од нивното најрано доба.

Запомнете го, запишете го и како млади родители строго придржувајте се на следниот „ритам“:

До третата година детето има специфични нутритивни потреби оти неговата тежина од раѓањето до тој период се зголемува 4 пати, а висината 2 пати. При сето тоа, органите за варење се уште ја немаат достигнато полната зрелост.

До четвртиот или шестиот месец: исклучиво млеко

Мајчиното млеко е единствениот совршен продукт за бебето. Сепак, благодарение на современата технологија, составот на детските формули во многу се приближи на составот на мајчиното млеко:

-тие содржат помалку протеини-околу 10 г/л, додека во мајчиното млеко има 12 г/л;

-збогатени се со незаситени масни киселини за што повеќе да се приближат на составот на мајчиното млеко;

-некои формули содржат и пробиотици (микроорганизми кои благотворно дејствуваат врз здравјето).

Детските млечни формули одговараат и на здравствените потреби на детето:

-бебето е подложно на алергии: лекарите во тој случај препорачуваат хипоалергенски млека кои можат да се користат од првиот ден;

-бебето има проблеми со варењето: грчевите често настануваат поради отежнато варење на лактоза (млечен шеќер). Ферментираните млека содржат млечни ферменти кои го олеснуваат варењето;

-бебето често повраќа млеко: погустите млека содржат пченкарен или оризов скроб, така што зачестеноста и количеството на повраќањата значително се намалуваат со нивна употреба.

Разновидна исхрана: следен чекор

Најпогоден период за воведување на нови продукти во исхраната на бебето е по 6-от месец, а никогаш пред 4-от.

Што треба да се прави:

-млеко: помеѓу 4-от и 6-от месец се преминува на втората генерација на млеко до навршената прва година. Оваа формула содржи калциум, фосфор, минерали и витамини. До првата година од животот бебето мора дневно да испие 500 мл од ова млеко. Дури, се препорачува тоа да се задржи до третата година, барем за појадок и ужина, поради урамнотежено внесување на протеини, липиди, калциум, витамин Д и железо;

-овошје и зеленчук: препорака е да се сочека до 6-от месец. Овошните плодови треба секогаш да бидат зрели и да се подготвуваат со готвење и мелење. Зеленчук на бебето понудете му во форма на пире. Се почнува со неколку кафени лажичиња пред или по шишенцето. И овошјето и зеленчукот се воведуваат едно по едно поради евентуална алергија. Околу втората година се преоѓа на сечкано овошје и зеленчук;

-месо и риба: во исхраната се воведуваат во 7-от месец, и тоа во мелена форма. Количини: 10 грама дневно (две кафени лажички) до 8-от месец, 20 грама дневно (4 кафени лажички) до првата година и 30 грама дневно (6 кафени лажички) до 3-тата година;

-јајце: бидејќи се работи за јак алерген, на детето не треба да му се дава пред 8-от месец, и тоа најмногу една третина;

-леб, тестенини и ориз: не се препорачува воведување во исхраната пред 8-от месец.

Уште некои важни нешта:

Воведувањето на кашички е мошне важно во развојот на детето, а може да се почне со нивно давање веќе од 4-от месец.

За прва немлечна храна најпогодни се житариците збогатени со железо, затоа што бебињата од 4 или 5 месеци главно ги празнат своите резерви на железо. Во втората половина од 5-от месец, околу 3 недели по воведувањето на житарици, во исхраната на вашето бебе воведете пире од зеленчук. Се препорачува прво зеленчук со благ вкус, како што се компир и морков, а потоа тиква, грашок, тиквички, карфиол, келераба, кељ, цвекло, спанаќ, брокули. Зеленчукот се воведува пред овошјето затоа што, ако бебето тргне со овошна исхрана, може да се случи вкусот на зеленчукот да не му се допадне!

Откако е воведен зеленчукот, треба да се почне со давање на овошје, прво во форма на сок од јаболка, праска, а потоа каша од овошје. Киселото овошје, што го иритира незрелиот дигестивен систем, не се препорачува се додека бебето добро не ја прифати останатата храна. Зрнестото овошје, како што се јагодите, малините и капините, не се препорачуваат се до навршена една година, поради високата алергогеност. Суровото (пресното) овошје е најдобро да се воведе во исхраната по навршени 6 месеци оти тогаш дигестивниот систем на бебето е подготвен за варење на влакната присутни во овошната пулпа.

Комбинираната кашичка, која освен препарати на млеко и овошје, содржи и житарици, ја зголемува калориската и витаминската вредност на оброкот, но во исто време го развива сетилото на вкус кај детето. Ваквите видови на кашички се воведуваат од 7-от месец.

Месото во исхраната се воведува на крајот од 6-от месец. Поради полесно голтање, месото секогаш треба да се дава заедно со зеленчук, и тоа најнапред пасирано, потоа гмечено, па сечкано. Се советува да се почне со пилешко и мисиркино месо, а да се продолжи со телешко и јагнешко. Џигер може да се воведе во исхраната по 6-от месец. Тој содржи големо количество на железо, цинк, но и холестерол, па затоа треба да се дава повремено.

Секој продукт треба постапно да се воведува во мали количества, бидејќи така може лесно да се открие на кој бебето е алергично. Освен тоа, бебето учи да разликува вкусови. Затоа не треба да се мешаат различни видови на продукти.

Цело јајце не треба да му се дава на бебето пред навршена година, дотогаш се дава само тврдо варена жолчка.

Кога бебето ќе наполни една година, треба да ги зема сите групи на продукти: млеко и кисели млечни производи, кашички од зеленчук, кашички од овошје, варено месо, јајце, како и кашички од млеко и житарици.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here