Потребно време за читање: 5 минути

Проблемите се многубројни, тековни, таложени со децении, па е сосема разбирливо што нивното решавање не оди лесно. Меѓутоа, забрзаниот развој во последниве неколку години е евидентен, а тоа го потврдува и доближувањето до, односно допирањето на двата круцијални проблема без чие решавање нема современо- модерно производството: зависноста од природните- сезонските промени и пласманот. Ги следи и „континуираниот“- користење на современа земјоделска механизација.

За последното-механизацијата:

Во Солун- Грција е отворен најголемиот регионален саем за современа земојделска механизација- „Агротика“. „Зазема“ дури 17 огромни хали, а она што е презентирано, без оглед на намалената понуда на новитети во однос на минатите години, а поради глобалната криза, е интересно за посетителите, се разбира и за македонските земјоделци: приклучни агрегати кои извршуваат по неколку операции со едно поминување, приклучна механизација за расадување за градинарство на отворено, ротобалери кои се масовно раширени по грчките полиња, огромни трактори кои без проблем влечат приклучни машини.

Во посебна хала се изложени системи и пумпи за наводнување со кои од бушотини од големи длабочини и до 300 метри црпат вода за нивите. Лозарите и овоштарите најмногу ги привлекуваат штандовите со машини за автоматска берба, како и заштитните мрежи од град.

Има и „ситни“ новитети. На пример, ножици за кроење на овошки и лозници кои работат на струја, а која доаѓа од батерии на елекот кој се носи- чини околу 1.300 евра, потоа системи за миење на барик буриња, при што прскалка го мие и го суши бурето од внатре, а нечистата вода ја собира во посебен сад- чини околу 2.000 евра.

Без оглед што поголемиот дел од саемската понуда е за големи поседи, сепак македонските посетители- земјоделци наоѓаат многу нешта и „ситно“, а корисно и достапно за нивниот џеб.

Што се однесува на состојбата со земјоделските поседи во Република Македонија, од Министерството за земјоделство најавуваат „средување“: најмногу две години ќе бидат потребни за да се добие детален компјутерски преглед што ќе го овозможи новиот систем наречен ЛПИС.

Прочитај и за ... >>  Критизерството не помага за подобар рејтинг

Конкретно, тоа ќе значи дека само со едно кликнување на некоја од евидентираните парцели ќе може да се добијат сите податоци- од тоа чија е, колкава е површината, што е насадено. Со тоа пред се се избегнуваат сите можности за малверзации со субвенциите.

Треба да се нагласи дека примената на ваквиот систем е и обврска од ЕУ за прецизна контрола за која намена се употребени европските пари. Системот го користат сите земји на ЕУ, а ефектите се повеќенаменски.

Досега за изработка на дигитална карта на македонските ниви се потрошени 880.000 евра буџетски пари.

За проблемите. Колку повеќе се решаваат, толку стануваат побројни. Парадоксално? Не е, туку е едноставно. Прашањето е кои проблеми се поголеми, а бараат потемелно промислување и дејствување на подолг рок, а кои се помали или секојдневни и може да се решаваат „во од“. Решавањето и на едните и на другите значи дека работите се придвижени напред, напредокот е незапирлив.

Од една страна, проблемот на пласманот на јаболката е сериозен и бара брза акција, максимален ангажман за негово надминување, а од друга тој наметнува долгорочен што не може да се решава без развојна стратегија и тактика: не да се спасува македонското јаболко, туку тоа да ги освојува домашниот и странските пазари со врвен квалитет, за целосна обработка (конзервна индустрија), што ќе рече да има непречен, континуиран развој.

Проблемот на производителите на јаболка, во јавното изразување на незадоволството на преспанските им се придружија и охридските, струшките и битолските, се сведува не на отежнат пласман, туку на незадоволителна цена што се нуди за откуп (поради што се бара субевниција од 4 денари премија за еден произведен килограм). Секако дека решение Владата ќе најде, но не може да биде поинакво, освен палијативно, еднократно. Она долгорочното, не само кога е во прашање јаболкопроизводството, мора да биде и на самите земјоделци (значи заедничко): инвестирање не само во производството, туку и во неговото складирање, чување, одржување (не мислам само на изградба на ладилници), но и (само)организација на пласманот, негово менаџирање. Со еден збор, модерно производство од идеја до реализација.

Прочитај и за ... >>  ИПАРД- фондовитe на ЕУ и во Македонија

И задоволството на производителите на зимска зелка, но и на трговците е само „сезонско“. Земјоделците од валандовско- гевгелискиот регион без никакви проблеми ја пласираат на пазарите во Србија, Бугарија и Романија. Дури се јавува и недостиг, не можат да се задоволат сите побарувања што, пак, ги зголеми откупните цени- од 4 на стартот, на 15 денари за килограм деновиве.

Дека задоволството е „сезонско“, потрдува главната причина за големата побарувачка: лошите временски услови во Европа и поволните кај нас, а кои овозможија зелката да стаса порано.

Проблеми со пласманот, но не сезонски односно моментни, има и македонското вино. Имено, поради рецесијата, презаситеноста на пазарот и големи количини на залихи на вино што ги имаат Италија и Шпанија, традиционалните партнери од ЕУ им ги откажуваат договорите на македонските винарии. Чаре? Има: атлернативни пазари. Може ли да се најдат „ад хок“? Веројатно, ама пак „еднократно“. Алтернативните пазари не се и не можат да бидат „резерва“, туку во континуитет да се третираат како нови што „чекаат“ на освојување.

На тоа упатува и конкретната помош на Владата на Холандија: 8-те македонски винарии склучија долгорочен договор за соработка до 2013- та година. Тие на нејзина сметка ќе учествуваат на меѓународни саеми за вино, а со цел да го зголемат извозот во земјите од ЕУ.

Изјава на Јан Вилем Рихелман, од ЦБИ агенцијата на холандската Влада:

„Нашата владина организација е тука за да му помогне на вашиот вински сектор да стане поконкурентен на странските пазари. Денешната средба е многу важна затоа што нашиот план е да се здружи целиот сектор, винарските визби, Министерството, агенциите и сите оние кои се значајни за производство и експорт на добро македонско вино. Пазарот на ЕУ е еден од најконкурентните пазари во светот, со 5 милиони потрошувачи“.

Прочитај и за ... >>  Има ли македонската опозиција „црвена линија“ при решавање на „спорот“ со Грција?

Љупчо Димовски, македонски министер за земјоделство:

„Со подобри услови за извоз и подобар пробив на странскиот пазар ќе се зголеми вкупниот извоз на вино, а со тоа и бруто омашниот производ каде што производството на вино учествува со 17% до 20%. Виното е македонски лидер во извозот на пијалоци, а веднаш по тутунот вредносно најважен производ кој го пласираме на странските пазари“.

Инаку, пласманот на виното е директно поврзан и со исплатата за предаденото грозје за претходната (ланската) реколта и со финансиската кондиција на винариите за новата откупна сезона на есен.

За среднорочен и долгорочен развој на македонското земјоделие можеби најважното: земјоделците и откупувачите од годинава законски ќе бидат обврзани да ги почитуваат склучените договори за откуп. Со него се уредени сите услови за откуп, од склучување на договорите, истакнување на цените 10 дена однапред, начин на исплата, до тоа кој се може да врши откуп на земјоделски производи. Предвидено е исплатата да се врши во рок од еден месец, авансно, или 20% за време на откупот и остатокот за 6 месеци. Договорот треба да биде склучен 45 дена однапред. Оние кои нема да го почитуваат одредбите ќе бидат казнети.

Тоа е само една од новините во новиот Закон за земјоделство и рурален развој.

Перица Ивановски, заменик- министер за земјоделство:

„Воведуваме нови политики кои досега не беа постојани, а се насочени во делот на уредување на пазарите со земјоделски производи или поддршка на тие пазари со цел надминување на одредени нарушувања, обезбедување на стабилност на доходот на земјоделските производители, зачувување на конкурентските односи“.

Законот предвидува мерки за заштита на пазарот, за поттикнување на потрошувачката, интервентен откуп, услови за увоз, поддршка за складирање.

Освен трговијата со земјоделски производи, опфатени се критериумите и условите за субвенции, работата на Комитетот за ИПАРД програмата, националната стратегија, руралниот развој, контролите, земјоделските здружувања.

Новиот закон за земјоделство е изготвен според последните регулативи за земјоделство во Европската унија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here