На нашево време му се потребни силни личности кои ќе ја покренат работната и творечката енергија на колективот, кои ќе се зафатат со многубројните проблеми што ја генерираат нашата севкупна криза. Ова барање станува прва точка од дневниот ред на нашево секојдневје.
Се чини дека конечно дојдовме до сознанието, со векови потврдувано но во нашата практика: личноста е секогаш посилна од колективот, индивидуалното е над колективното. И како вредност и како критериум и како идентитет.
Непочитувањето на личноста на индивидуата во името на колективот и неговите „повисоки“ вредности, потиснувањето на личноста во колективната свест во името на „заедништвото“, а пред сѐ поради профанацијата и политичко-репресивната деградација на култот на личноста, на култот воопшто (припишување својства кои личноста ги нема), сето тоа доведе до нејзино неидентификување и до целосна деградација на улогата на човекот како поединец во управувањето со општествениот живот, до „употреба на човекот“.
Тоа, пак, резултира со непризнавање, невреднување на квалитетите на личноста, до „животната филозолфија“ изразена со познатото „секој може сѐ“ и „без секого се може“. Што, пак, се рефлектира на работната професионалност и воопшто на професионалниот активитет на индивидуата.
Никој не може да се издигне над средината во која егзистира ако не сака да си ја загрози сопствената егзистенција. Зашто, во спротивно, може да го наруши воспоставениот хиерархиски, најчесто непотистички поредок кој се одржува речиси исклучиво со помош на кариеризмот, полтронството, едноумието. Без оглед на последиците.
Практика која мора да се надминува, доколку сакаме да го запреме сопственото паѓање:
Штом во еден колектив, во една средина, во една заедница ќе се појави или ќе се истакне, ќе се издвои личност, која се разликува со својата единственост и неповторливост, индивидуа која станала личност пред сѐ или дури единствено со својот творечки ангажман и со своите вредности, колективот, средината, заедницата се обидува со сите сили да ја отстрани од себеси како туѓо тело. Се обидува да ја деградира, да ѝ ја наметне сопствената просечност, да ја вкалупи во своите веќе воспоставени норми односно стандарди кои, пак, се толку ниски што не „обезбедуваат“ ниту status quo, а камо ли поттикнувачка споредливост.
Затоа што појавата на една личност, во вистинската смисла на зборот, ќе овозмолжи и појава на друга и трета. Тогаш колективот, средината, заедницата неминовно ќе дојде во опасност да се разниша однатре, да се дестабилизира. И ќе мора да го напушти ставот „сѐ во свое време“, а да го прифати творечкиот „сѐ во ова време“.
Во името на животот, во името на нашата перспектива, сега и овде, во овој миг да ги признаеме, вреднуваме и чуваме личностите во нашите колективи, средини, заедници.
Да сториме сѐ ниеден колектив, ниедна средина, ниедна наша заедница да не биде без своја личност односно свои личности.
Само личност признава личност.