Потребно време за читање: 6 минути

Тоа не го покажа само првиот изборен круг од годинашниве избори, туку е покажано и докажано многу одамна. Затоа не е јасно како е можно Љубомир Фрчковски и „неговите“ СДСМ и НСДП да оценуваат и проценуваат толку политички незрело, инфантилно, „неписмено“, па и недоветно. Дури тоа се потрудија и да го потврдат со своите изјави и пораки до гласачкото тело за негова определба во вториот круг.

Меѓутоа, пред да се обидам да навлезам малку „подлабоко“ во тој несфатлив став (особено ако се има предвид дека се работи за еден професор, интелектуалец, „превеан“ политичар и партија- СДСМ- која токму евро- алтантската интеграција на Република Македонија ја „дотуркала“ до неповратна позиција), ќе се обидам аргументирано да разоткријам една шпекулација која е пласирана од опозиционата медиумско- полиичка „кујна“: тивок бојкот на вториот круг како дел од однапред детално осмислено и вешто скриено сценарио.Непосредно пред изборите, и претседателските и локалните, некои медиуми и новинари „обзнанија“ дека „со свои очи“ виделе сценарио на опозицијата за нивни неуспех, и тоа токму онака како што тие се одвиваа(т)- мислам на предизборната кампања, проценките за влез во вториот круг и се она што се случува деновиве во рамките на „прегрупирањето“.

Сомнеж дека е можно опозицијата навистина да се подготвила за неуспех на изборите „се роди“ уште при донесувањето на измените на Изборниот закон, пред се со „успешниот договор“ за излезност на гласачите во вториот круг од 40%.

Да потсетам, на почетокот на октомври минатата година лидерската четворка (лидерите на 4- те најголеми партии во Македонија) се договори цензусот за избор на претседател во вториот круг да се намали на 40%, како што предложи СДСМ. Зоран Заев „објасни“ дека новиот претседател ќе имал легитимитет пред сите граѓани во државата, „но исто така и најважно од сè и овде ги прифаќаме сите препораки на ОБСЕ и ОДИХР“. Тогаш не беше „прочитана“ вистинската причина за таквата заложба, иако премиерот бараше да се размисли за намалување на 33%. За сега , при оценката за првиот круг,токму набљудувачите на ОБСЕ да им ја „прочитаат“: бидејќи „нешто не е в ред“ со гласачкиот список (невозможно е население од 2 милиона и 100.000 да има повеќе од 1 милион и 800.000 илјади со право на глас), ќе биде мошне тешко да се обезбеди потребната излезност во вториот круг.

Сега се манипулира токму со тоа: преку „тивок бојкот“ вториот круг да не успее, претседателските избори да пропаднат, а на повторениот избор да се појавел како кандидат Срѓан Керим(?!)- демек како „најпогоден“ за сите, „натпартиски“ како што пред овие избори го предложи токму СДСМ. Можно ли е тоа?

Прочитај и за ... >>  Македонија и натаму делумно слободна земја

За жал да, многу е веројатно, Република Македонија по вториот круг да не го добие новиот претседател. Експертите со право посочувааст дека тоа ќе зависи од „триото“ Груевски, Бошкоски, Селмани, односно од нивното обраќање на „своето“ гласачко тело.

Повеќето од нив се скептични дека своите 300.000 гласови Бошкоски и Селмани би можеле да ги насочат на контото на Фрчкоски или Иванов. Љубе Бошкоски изјави дека не сака да прави никаков пазар со гласовите на граѓаните, што значи дека нема да им сугерира како да се определат (што повеќе му одговара на кандидатот на ВМРО- ДПМНЕ), а слична стратегија засега има и Имер Селмани. Буџаку (во името на ДУИ) беше јасен уште пред првиот круг дека, доколку не влезе во вториот (што беше повеќе од сигурно), неговите гласови ќе одат кај Ѓорге Иванов, но под услов во 2014- та претседателот да биде Албанец. ДПА веќе се изјасни дека вториот круг ќе го бојкотира, односно „не е заинтересирана“ за него. Мошне индикативен, но разбирлив е ставот на ЛДП: не му даваат поддршка ниту на Фрчкоски, ниту на Иванов, но го повикуваат членството да излезе и да гласа.

Претседателските избори ќе бидат неуспешни ако во вториот круг не се достигне цензусот од околу 720.000 гласачи. Се покажува како точна мојата „пресметка“ (во текстот посветен на резултатите од првиот круг) дека кандидатот на СДСМ и НСДП има „незрела“ амбиција кога изразува оптимизам дека 550.000 гласови „кои во првиот круг беа проевропски и пронато ориентирани“ (како оние што гласаа за Иванов да не се такви!) ќе бидат негови, „и тоа би била принципиелна коалиција“.

Имено, „тивкиот бојкот“ од околу 300.000 гласачи (на спомнатите партии и делот од гласовите на Бошковски што, според експертите, сигурно се „сдсмовски“), заедно со реално претпоставените околу 45% од вкупното гласачко тело, ќе бидат доволни за цензусот да не се достигне. Не треба ли токму така да се разбере (како најава) изјавата на Фрчкоски дека „дамка на изборите ќе остават избирачките списоци“ (кои, патем, на времето ги „извалка“ и не ги „исчисти“ токму СДСМ)?

А во пазарењето најмногу, дури единствено „игра“ Селмани со неговата партија „Нова демократија“. Во изјавата оти тој (со право) е горд на 150.000 гласови што ги доби од граѓаните на Република Македонија во првиот круг, а особено на гласачите „коишто ги надминаа партиските и етничките бариери“, се крие и потврдата дека тој е и веројатно ќе остане единсвениот кандидат Албанец за претседател на Македонија на изборите во 2014- та.Од не помало значење е и фактот дека со освоените 52.000 гласови за градоначалници и околу 40.000 за советници „Нова демократија“ е втора во албанскиот блок, што е многу веројатно тоа воопшто да не му „пречи“ на ДУИ, туку напротив, во „непосредна иднина“ да има „добра соработка“ со неа.

Прочитај и за ... >>  Неприфатлива симплификација

Сега за ставот искажан во насловот на овој прилог: интеграцијата во ЕУ и НАТО не е „добитна комбинација“, туку авторитетот и моралниот кредибилитет на личноста.

Веќе спомнав, Фрчковски и СДСМ немаат право да тврдат дека гласачите што се определија за Ѓорге Иванов не се проевропски и пронато ориентирани (што е навредливо, а во претходен текст напишав дека е дури безобразно). Кога би било така, тогаш и тврдењето на „најголемата опозициона партија“ (заедно со тврдењето на сегашниот претседател Бранко Црвенковски, нивниот старо- нов лидер по изборите) дека во Македонија постои општ консензус кога се работи за евро- алтантското интегрирање не е точно, односно со него, додека беа на власт ги лажеле „оние“ во ЕУ и НАТО! Меѓутоа, бидејќи консензусот не е спорен, а кога се работи за членството во НАТО не се спорни ниту достигнатите НАТО- стандарди на АРМ (како да се заборава дека претседателот е и Врховен командант на оружените сили на Македонија), тоа (се покажа и во кампањата пред првиот круг) едноставно не „игра“, па и кога станува збор за одбрана на идентитетот при решавањето на „спорот“ со Данајската република (Атина) за името на државава. Се покажа дека „не држат вода“ ниту обвинувањата на адреса на Владата на Груевски дека многу не се „претргнува“ за членство во ЕУ и НАТО, дека ја држи или ја турка земјава во излоација или самоизолација (СДСМ и Фрчковски се уште не расчистиле дали е едното или другото).

И за првиот, а особено за вториот круг на избори, единствено важни за определбата на гласачите ќе бидат личниот авторитет и моралниот кредибилитет на двајцата кандидати. А предноста на Иванов на тој „план“ е повеќе од очигледна. За разлика од Фрчковски, тој нема никакво политичко искуство (особено не матно и валкано), но е несомнен (до изборите независен) авторитет помеѓу домашните и „меѓународните“ интелектуалци и со високи морални квалитети. (Kога опозицијата би имала нешто „во ракавот“ досега сигурно би го извадила и искористила).

Наспроти СДСМ и самиот Фрчковски (нивната политичка незрелост, инфантилност, „неписменост“, па и недоветност), ВМРО- ДПМНЕ во овој „втор дел“ од предизборната кампања сите „карти“ ги фрла токму на моралниот кредибилитет на Фрчковски и изнесува се повеќе „несомнени аргументи“ дека го нема. Последната е дека тој за ниту едно прашање од висок државен интерес нема цврст и одлучен став.

Прочитај и за ... >>  А кој очекува датум за преговори?

На пример за спорот за името. На прес конференција портпаролот на партијата Александар Бичиклиски го „конкретизира“ менувањето „во рок од еден месец“ со тужбата против Грција:

„Фрчкоски за „Утрински весник“ на 07.04.2008- ма година изјави: „Има правна основа за тужба, направено е чисто и јасно прекршување на спогодбата. Македонија не треба да покажува слабост, згазеност и исплашеност од целата приказна“. Еден месец подоцна Фрчкоски е со спротивен став каде го нагласува влијанието на политиката врз меѓународното право, изјавувајќи: „Тие нема да дозволат да влегуваме во правни процедури“.

„Одбраната“ на Фрчкоски е прилично „немушта“ и со утната цел. Изјави дека тужбата има правна основа, но нејзиното поднесување во ноември е политички гест. Тоа требало да се случи или веднаш по НАТО самитот или во 2004- та, кога САД не признаа под уставното име. Не пропушти пак да ја обвини власта дека ја води земјата во изолација затоа што не нуди решение на проблемот со името и влезот во НАТО. Повикувајќи се на изјава и на Брус Џексон, вели дека и клучните луѓе од надвор ја дефинираат Македонија како изолирана. Притоа премолчувајќи дека токму „клучните луѓе од надвор“, оние во НАТО и ЕУ, постојано нагласуваат оти единствен проблем е „спорот“ со Данајската република (Атина), а преговорите со посредство на Метју Нимиц не се прекинати, туку, на негова сугерстија, одложени за по изборите во двете земји.

Апелираше на итно воспоставување на дипломатски односи со Косово, што нема никаква врска со евро- атлантските интеграции, а има со додворувањето на албанските гласачи. Рече дека не се срами од своето минато. Додека бил на чело на полицијата тоа било златното време на МВР:

„Не може тоа на рејбан и на коњи да се сведе, тоа е златното време на МВР кога полицијата беше полиција. Кога јас се состанував со Солана, со Клинтон во мојот кабинет, тука или во Брисел, Никола Груевски фаќаше врски да полага испити во Прилеп. Тоа се односите на нашите кариери“. (Како противкандидат да му е Груевски, а не Иванов.)

До 5- ти април, денот кога ќе се одржи вториот изборен круг, ќе се изнаслушаме за валканици од „министерското минато“ и моралот на Љубомир Данаилов Фрчковски, што сигурно ќе им помогне на оние гласачи кои не дозволуваат никој да манипулира со нивните гласови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here