Потребно време за читање: 4 минути

Филмскиот фестивал во Венеција свечено започна синоќа со светската премиера на филмот на браќата Коен (Џоел и Етан) „Burn After Reading“, прикажан вон конкуренција. Домаќинка на церемонијата на отворањето „Palaco Sinema“ беше Ксенија Рапопорт, една од најпознатите руски филмски и театарски глумици.

65-от фестивал ќе трае до 6-ти септември.

Во натпреварувачката програма, што ќе ја оценува жири на чело со култниот германски режисер Вим Вендерс, доминираат европски и азиски филмови, меѓу кои се и јапонскиот „Achilles and the Tortoise“ на Такеши Китан и анимираниот филм „Ponyo on Cliff by the Sea“ на Хајао Мијазаки.

Организаторите на 65-тата Мостра, која е посветена на неодамна починатиот египетски режисер Јусеф Сахин, најавија 21 филм во конкуренција за Златниот лав, од кои само два нема да имаат светска премиера.

Во официјалната програма ќе бидат прикажани надвор од конкуренцијата уште 15-тина филмови, вклучувајќи ја и веќе прикажаната на отворањето шпионска црнохуморна комедија „Burn After Reading“ на браќата Коен, кои освоија низа награди со претходниот филм „Нема земја за старци“, вклучувајќи и 4 Оскари.

Џон Малкович во улогата на отпуштен офицер на ЦИА, како и Џорџ Клуни, Френсис Мекдорман, Тилда Свинтон, Ричард Џенкинс и Бред Пит, се главни ѕвезди на новиот филм на Коенови, кој наскоро ќе се најде и во британските и американските кина.

За Златниот лав ќе се натпреваруваат 5 американски филмови, вклучувајќи ги „The Wrestler“ на Дарен Аронофски, со Мики Рурк во главната улога, и „The Burning Plain” на Гилјермо Аријага, со Шарлиз Терон и Ким Бесинџер. Во конкуренција се и „Rachel Getting Married“ на Џонатан Дем, со Ен Хатавеј и Дебра Вингер, „Vegas: Based on a True Story“ на Амир Надери, како и „Hurt Locker“ на Катрин Бигелоу, воена драма за Ирак со Ралф Фајнс, која нема да има светска премиера на Мостра.

Прочитај и за ... >>  Две американски „несекојдневни“ топ теми

Неколку фимови во трката за Златниот лав се и од Франција- „L’Autre“ (Патрик Марио Бернар, Пјер Тривидиќ) и трилерот „The Beast in the Shadows“ (Барбет Шредер), како и копродукциите „Nuit de chien“ (Вернер Шретер) со Германија и Португалија, „Teza“ (Хајла Герим) со Етиопија и Германија, „Sut“ (Семих Капланоглу) со Турција и Германија, и „Inland“ (Тарик Тегија) со Алжир.

Рускиот филм на Алексеј Герман Јуниор „Paper Soldier“ е исто така во трката за Златниот лав, како и германскиот „Jerichow“ (Кристијан Пецолд), потоа јапонската анимација „The Sky Crawlers“ (Мамору Ошии) и копродукцијата на Бразил, Кина, Хонг Конг и Јапонија „Plastic City“ (Ју Лик-ваи).

Во конкуренција се и италијанските филмови „Il papà di Giovanna“ (Пупи Авати), во кој игра и Серена Гранди, потоа „Il seme della Discordia“ (Папи Корсикато), со Изабела Ферари, која игра и во филмот „Un giorno perfetto“ (Ферзан Озпетек). Ќе биде прикажана и копродукцијата на Италија и Бразил „BirdWatchers“ (Марко Бечис), која нема да има светска премиера.

Главното жири на 65-тата Мостра ќе одлучува за добитниците на Златен лав за најдобар филм, Сребрен лав за режија, Специјална награда на жирито, за пехарот Волпи за најдобар глумец и најдобра глумица, како и за наградата „Марчело Мастројани“ за најдобар млад глумец или глумица. Исто така ќе бидат доделени и наградите „Осела“ за технички придонес и најдобро сценарио.

Освен Вендерс, жирито го сочинуваат и режисерот Џон То од Хонг Конг, како и рускиот сценарист Јуриј Арабов, италијанската глумица Валерија Голионо, британскиот визуелен уметник Даглас Гордон, американскиот режисер Џон Ландис, познат според експериментирањето со жанри и сатиричниот поглед на светот, како и младата аргентинска режисерка Лукреција Мартел.

Прочитај и за ... >>  „Меѓународната“ знае дека Атина не е подготвена на разумен компромис!

Вон конкуренција ќе бидат прикажани, меѓу другите, „35 Rhums“ на фалената француска режисерка Клер Дени, автобиографскиот документарец на Ањес Варда „Les Plages d’Agnes“, новиот филм на иранскиот режисер Абас Киаростами „Shirin“, со Жилиет Бинос во главната улога, како и краткиот филм „Cry Me a River“ на Џи Занг-ке, добитник на Златниот лав во 2006-та година за „Мртва природа“.

Вон конкуренција, во делот на официјалната програма кој ги прикажува делата на режисери кои веќе се истакнале со поранешни изданија на Мостра, ќе бидат и неколку италијански филмови, меѓу кои се „Puccini e la fanciulla“ (Паоло Бенвенути), како и „Yuppi Du“ (Адријано Челентано), со Шарлот Ремплинг и Клаудија Мори, „Tutto è musica (1963)“ (Доменико Модуњо), „Orfeo 9 (1973)“ (Тито Скипа Јуниор) и „Nel blu dipinto di blu (Volare) (1959)“ (Пјеро Телини).

Вон конкуренција Мостра ќе го прикаже и бразилскиот филм „Encarnacao do demonio“ (Хозе Мојика Маринс), како и краткиот филм на Маноел де Оливериа „Do Visível ao Invisível“ и копродукцијата на Франција, Британија и Белгија „Vinyan“ (Фабрис Ду Велц), со Емануел Бер и Руфус Севел во главните улоги.

Помеѓу специјалните настани вон конкуренција ќе биде и досега необјавената верзија на документарниот филм на италијанскиот режисер Пјер Паоло Пазолини „La rabbia“ (Rage) од 1963-та година.

Најавена е и посебна програма „These Phantoms: Italian Cinema Rediscovered (1946-1975)“, која опфаќа ретроспективни и реставрирани верзии на италијански филмови.

Секцијата „Хоризонти“ ќе претстави филмови кои претставуваат „нови трендови“, а со жирито на таа програма, фокусирана на последните трендови во филмот помеѓу фикцијата и документаристиката, ќе претседава белгиската филмска авторка и уметничка Шантал Акерман.

Програмата на краткиот филм (Corto Cortissimo) ќе почне со дебитантскиот филм на глумицата Натали Портман “Eve”, а во конкуренција, меѓу другите, се и копродукцијата на Швајцарија и Босна и Херцеговина „Ich trauma nicht auf Deutsh“ на Ивана Лаловиќ и словенечкиот „Every Breath You Take“ на Игор Стерк.

Прочитај и за ... >>  Нови сериозни обвинувања за „недржавништво“ на Црвенковски

Минатата година Златен лав доби Анг Ли за шпионско-еротскиот трилер „Страст, внимание“, а истиот режисер е награден и во 2005-та година за „Планината Броукбек“.

Потсетување: првиот долгометражен игран филм на Милчо Манчевски „Пред дождот“ (1994) го освои Златниот лав за најдобар фим на 51-от Венецијански филмски фестивал, со што стана првиот дебитант, по Андреј Тарковски во 1962-ра, кој ја доби оваа награда.

Венецијанската Мостра е најстар филмски фестивал на светот кој се одржува до денешни дни, а во сите изминати години го негуваше уметничкиот пристап на филмовите.

Кон оваа детална информација ќе приведам уште некои (основни), како и неподеленото мислење на многумина врвни личности на филмската уметност:

Венецијанскиот фестивал низ повеќе од 60-те фестивалски години го нагости crème de la crème на филмската уметност, а и денес е еден од најважните настани во светот на филмот. Мостра е втемелена уште во дамнешната 1932-ра година и тоа како дел од Биеналето, големиот културен настан кој во Венеција ги собира уметниците од целиот свет. Освен уметничката димензија, фесивалот го негува и комерцијалното значење, па така со него се обележува и почетокот на есенската кино- сезона.

Мостра е фестивал на игран филм кој инсистира на премиерни прикажувања. Не се прифаќаат филмови кои веќе учествувале на некој друг меѓународен фестивал.

Секоја година на фестивалот се пријавуваат неколку стотици филмови, а се акредитираат околу 3.000 новинари и филмски критичари. Атрактивноста на локациите на кои се одржува Мостра е главен мамец за бројните филмски ѕвезди кои сакаат да им позираат на фотографите покрај венецијанските канали и мостови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here