Во мисла

Дребнавости на дребнав човек

Некој влегува во неговата мисла! Случајно или намерно? Не му е првпат? Но најпрвин: зошто влегува?

Прашања на кои не се обидува да одговори, камо ли да се потруди да открие кој е, од каде е или до кога ќе биде. Најпрвин влегува, значи уште не е сосем влезен, значи нема постојано свое место во неа. После од што научил да разликува првпат од вторпат, третпат и многупати потоа. А најпосле никако да открие дали сега влегува за долго или засекогаш да не излезе од неа.

Се разбира, некој влегува во неговата мисла затоа што го дозволува тоа. Имено, личното искуство докажува дека во мислата на секој мислечки човек, а он е еден од нив, може да се рече голем, врвен, непореклив, може да се влегува и да се влезе засекогаш ако нема ни најмало сомнение дека не е добронамерен. Досега не е познат случај некој да влезе сосила и со зломисла во нечија мисла за да ја разнебити или да ја зароби, та да му служи само нему.

=== Бесплатно рекламирање ===
Licevlice.mk
Прочитај и за ... >>  Сокриен во трње

Остави да влегува, подготвен конечно да влезе и да му се прикаже! Судејќи според внимателноста на движењето, пред сè бавноста, одекот на чекорите и спокојноста на неговата сенка издолжена на источната страна, како да му влегува за да си најде постојано место во неа! Да му биде деноноќно, непрестано, засекогаш во мислата?! Не, тоа нема да биде добро. Тоа просто не може!

Кој може да биде? Некој или некоја? Ако е некој, сеедно близок или далечен, можеби само сака да го врати во спомени, да го потсети на минато заедничко време. Ако е, пак, некоја од одамна или од скоро, мора да има јака причина штом му влегува во мислата баш сега, во ниедно доба на самотнава ноќ. Ќе ја остави да влезе, како да не ја забележува.

Не е некоја, туку токму онаа на која мигум помисли или поточно посака да биде: една негова дамнешна долгогодишна љубов!

Ја пречека со раширени раце, ја гушна силно и ја праша со шепотен глас:

Прочитај и за ... >>  Човек непријател

-Зошто влезе во мојата мисла во ова ниедно доба на самотнава ноќ? Помина многу време, скоро три децении откако ни заврши љубовта.

Таа го праша милозвучно:

-Ти веруваш дека ни заврши?

Прашањето го изненади, но успеа да ѝ возврати смирено:

-Нема што да верувам или да не верувам. Се сеќаваш, се договоривме да ни заврши зашто заклучивме дека нема иднина.

Пак го изненади со прашање:

-Да, се договоривме, но дојдов, ти влегов во мислата зашто не можам без тебе. Па или ќе најдеш во неа постојано место за мене или секогаш ќе ти доаѓам во ниедно доба на самотна ноќ.

Ја праша:

-Добро, и што ќе биде ако останеш засекогаш, со само твое место во мојава мисла?

Одговори како на негово последно прашање:

-Нема да биде ништо. Само љубов која била некогаш.

Ѝ одговори радосно, не ни помислувајќи зошто:

-В ред. Избери каде сакаш, само не на централно место. Дека си дамнешна и неповторлива.

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 24

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.