Потребно време за читање: 2 минути

Не играј си со власта. Може да ти се качи на глава, да ти се обеси на вратот. Може да те касне за јазик, да те онеми, да ти се смачи од неа.

Се знае, верувам дека и ти си знаеш: власта е секогаш моќна, способна да те обработи, преработи, доработи, што сака да ти стори. И се тоа во името на демократијата и личната слобода. Божем ти ги штити, божем таа не може со тебе недемократичен и лично неслободен. Нема немоќна власт. Немоќната власт не е власт.

Демократијата се освојува во борба против власта, а потоа таа, власта, откако ќе ја победиш, со сите сили ти ја брани освоената демократија. Бидејќи демократијата никогаш не е доволна ниту за лична, ниту за колективна употреба, и власта како власт не е никогаш доволна. Ниту за себеси, ниту за оние под нив. Така било, така си е и така ќе биде. За век и веков. Амин!

Прочитај и за ... >>  Ах, таа транспарентност!

Затоа, немој ти мене да ми продаваш демагогии: не мора да е така, може да е и поинаку! Како поинаку? Дека и на власта кога-тогаш власта ѝ доаѓа преку глава? Како да не! Дека и власта може да биде демократична ако, на пример, се избере на слободни и демократски избори? Кај имало и кај може да има такви? Та нели демократијата е владеење со народот? Па кој народ демократски и слободно, со радост и оптимизам си избира такви на кои ќе им даде власт за да владеат со него?

Јас лично мислам, а мислам дека и ти колективно мислиш како што јас мислам, дека проблемот со власта е токму во слободата. Вака: во името на колективната слобода, значи во името на сите се контролира, се дозира, па ако треба и ќе се укине личната слобода. А како што е добро познато од поблиското и подалечното минато, без лична колективната слобода е безлична.

Прочитај и за ... >>  „Лопата маркетинг“ или...

Што е со нашата власт? Ништо не е!

Народот си избира власт каква што заслужи-рекоа некои ептен умни луѓе. Секоја чест на нивната умност, ама не ќе е баш така.

Вака ќе да е: народот секогаш заслужува да има подобра власт од таа што ја има, секогаш се труди да избере подобра од претходната. Ако навистина избира тој, а не некој да му ја избира божем тој ја избира.

Што е со нашата власт? Ништо не е! Арна си е. Од арна-поарна. Ама може да биде уште поарна доколку сме убедени дека сами сме си ја избрале, дека народот ја избрал, односно ние, јас и ти како народни елементи. Ако, пак, наскоро односно предвреме треба пак да ја избираме, тоа ќе значи дека сме се излажале, дека некој нѐ свестил и освестил оти таа не била ни малку арна, а камо ли од арна-поарна. Ако треба пак да ја избираме, ќе мора да избереме некоја нова како стара, или некоја стара од новите.

Прочитај и за ... >>  Економската криза допрва ќе се продлабочува

Мене лично едно ми се чини: дека она што го правеше досега и уште го прави власта (и старата како нова, и најновата како стара) некако останува недоправено, со многу нешто непоправено.

А знам и нешто друго: дека не е добра онаа власт која си има многу на власт. Не само затоа што е многу скапа, туку пред сѐ, над сѐ и под сѐ не ѝ се гледа крајот, па затоа и не си го гледа крајот.

Ако го мислиме времето пред нашево, можеме да речеме и да доречеме, а да не ја грешиме и да не си згрешиме: дека конечно добивме слобода, дека станавме ептен слободни, дури и преслободни. Се разбира, токму благодарение на власта што не била и не сака да биде вчера.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here