Потребно време за читање: 4 минути

И покрај тоа што одлуката на Уставниот суд е конечна и извршна, не стивнуваат реакциите и протестите на кои се директно или индиректно засегнати (верски заедници, вероучители, политички партии, невладини организации, таксисти, превозници).

Пред Уставниот суд повторно се одржаа протести на средношколци и студенти, верските заедници ги договараат идните чекори, а Министерството за образование и наука се „престројува“- веќе донесе решенија во согласност со новата ситуација, во исто време размислува за нова форма на реализирање на веронауката.

Сепак, се чини дека по тридневната посета на експертот за верски прашања на ОН и пораката дека укинувањето на вронауката во училиштата не значи и забрана за нејзино изучување, како и острите критики упатени кон верските заедници, „топката ќе мора да се нагази“.
Да, никако не е прифатливо она што се случува сега така лесното споредување со фудбалски натпревар во кој едната страна – Уставниот суд и опозицијата, и даде „(не)регуларен гол“ на власта и верските заедници, па сега тие коваат стратегија и тактика како да го изедначат резултатот, а потоа и да победат. Макар и надвор од теренот.

Што обично се случува во фудбалот во ваква ситуација? Судијата е тој што ја „нагазува топката“, за момент го прекинува натпреварот, ги смирува „страстите“,се договара со актерите за натамошна регуларна игра, а ако тоа не е можно ја зема топката в раце, означува крај и заминува од теренот. Потоа? Потоа играта продолжува на „зелена маса“.

Како ќе продолжи „играта“ со изучувањето на веронауката во училиштата? Засега нема најави за нејзин „прекин“, освен ако така не се „третираат“ пораките на експертот на ОН (најверојатно), а прилагодувањето на „резултатот“ е во тек. Имено, директно засегнатите нема да претрпат којзнае каква „штета“, а протестите е време да престанат. На петтоодделенците кои досега ги посетувале часовите по веронаука до крајот на учебната година предавања ќе им држат училишните педагози. Во свидетелствата ќе имаат оценка помалку од децата што учат запознавање со религиите, но тоа нема да влијае врз нивниот успех.

Прочитај и за ... >>  Против економската криза со глобален „Нов договор“; пример за углед и примерно поведение: исламските банки!

Изјава на Весна Хорватовиќ од Бирото за развој на образованието:

„Одлуката на Уставниот суд подразбира измени во наставниот план за петтооделенците, што значи дека Бирото на министерот му предложи, а министерот денеска го потпиша решението за измената со која изборниот предмет веронаука се брише од наставниот план. Тоа подразбира и укинување на самите програми за веронаука“.

Министерот Перо Стојановски останува на ставот дека веронауката е неопходна како предмет во училиштата (за „изедначување на резултатот“):

„Уставниот суд ја укина формата за реализирање на веронауката, но не ја укина и потребата за нејзино реализирање. Секако дека ние како Министерство за образование и наука, со тоа што ќе направиме дополнителни консултации со сите релевантни фактори и стручни служби, ќе излеземе со конкретно решение“.

Што се случува кај верските заедници? Засега нема изграден заеднички став, па сите нјави и „готови решенија“ се шпекулација.

Се уште не е остварена средба на поглаварот на МП, Г.г. Стефан со челните луѓе на другите заедници, а пред се со реисот на ИВЗ. Синодот на МПЦ заседаваше, но архиепископот охридски и македонски е воздржан околу понатамошните чекори на црквата:

Прочитај и за ... >>  Неминовно: Купот на фудбалските конфедерации ќе го надмине СП

„Заедничкиот став се надевам дека ќе биде изграден деновиве и ќе им биде соопштен на јавноста и на институциите на кои треба да се соопшти таа заедничка согласност“.

Да потсетам, одлуката на Уставниот суд за укинување на веронауката во училиштата МПЦ и ИВЗ ја оценија како погрешна бидејќи немало ништо спорно ако учениците подлабоко ја запознаат верата. Пред неколку дена МПЦ своето незадоволство го изрази со биење на камбаните во сите цркви и манастири.

Пораката на експертот за верски прашања на ОН, Асма Џаганхир, е „судиска“ и значи токму „нагазување на топката“: укинувањето на веронауката не знача и забрана за нејзино изучување, а веднаш да престанат нападите врз Уставниот суд бидејќи постојат бројни модели во светот за доближување на верата до децата. И тоа не само надвор од основните училишта, во специјални верски училишта, туку и во основните. На пример преку изучување на предметот „Историја на религии“.

Нејзини ставови:

„Јас бев запрепастена од бесот што јавно беше изразен од страна на некои верски водачи и политичари против скорешната пресуда на Уставниот суд. Од критично значење е судовите да можат да судат во однос на верски прашања без страв или фаворизирање“.

Таа стекнала впечаток дека двете најголеми верски заедници, МПЦ и ИВЗ, вршат значително политичко влијание и може да направат упад во уставниот концепт на одвојување на државата и религијата. Македонија е генерално верски толерантно општество, но има знаци кои загрижуваат. Најавува дека во нејзиниот извештај ќе влезе и нападот врз студентите што протестираа против изградба на црква на плоштадот.

Прочитај и за ... >>  Уставниот суд на Македонија го „избрка“ верското образование од училиштата

„Не гледам големи проблеми, но гледам знаци на заострување на религиозните идентитети и поларизација. Ако не се реагира на време може да биде доцна. Кога религиозната нетолеранција излегува од контрола многу е тешко да се поврати“, изјави Асма Џахангир.

Целосниот извештај за состојбата со слободата на вероисповед Џаганхир ќе го презентира пред ОН по една година.

Што се однесува на „новата ситуација“, таа е мошне погодна за најсоодветното решение за „натпреварот“ да заврши „нерешено“, односно со „победа“ на сите: воведување на единствен предмет за доближување на верата до децата „Историја на верувањата и на религиските идеи“. А веронауката нека им остане обврска на верските заедници.

Напомена: Педлог- називот на предметот (не веќе воведениот „Историја на религиите“) е всушност насловот на капиталното дело (трилогија) на Мирча Елијаде. Се работи за детален преглед на на религиите и нивната историја- предавања на Елијаде на универзитетите во Букурешт и Чикаго. Делото ги опфаќа историјата на религијата, почнувајќи од магиските ритуали преку египетските и индиските богови, хеленскиот пантеон, верувањата на Келтите, Германите, Тракијците, се до монотеистичките религии, христијанството, будизмот и исламот. (Книгата на македонски ја објави „Табернакул“).

Делото би можело да се користи при составувањето на наставната програма и концепирањето на соодветен учебник.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here