Потребно време за читање: 7 минути

Оценката за организацијата на првиот круг од парламентарните и локалните избори, пред се на ОДИХР во прелиминарниот извештај- дека се исполнети повеќето од меѓународните стандарди за демократски избори, е мошне значајна за Република Македонија, но не е и неочекувана. Притоа, да повторам, воопшто не се работи за „испит на зрелоста“, како што ги означија некои медиуми и политичари (не ни помислувајќи дека со тоа својата држава ја ставаат во понижувачка, „незрела“ позиција; како досега да сме ја учеле демократијата оти не сме ја знаеле, па сега „испитна комисија“ ќе ни го проверува наученото), а тенденциозно и некои бриселски полит- бирократи, туку за нужност од потврда на демократските вредности и капацитети на македонското општество воопшто, на граѓаните на Македонија, власта и политичкиот естаблишмент.

Сите досегашни организирани избори, од осамостојувањето на Република Македонија, беа нерегуларни, нефер и недемократски, иако особено политичките партии на власт, како најодговорни, секогаш најавуваа и ветуваа дека ќе бидат такви (еден екс премиер ги назначи „скандинавски“). Со инциденти, нереди, употреба на огнено оружје, дури ранувања и убиства, незаконско гласање- семејно, полнење на гласачки кутии итн. Не затоа што Република била демократски „незрела“, туку единствено поради сметките и пресметките на партиите и нивните елити и во позицијата и во опозицијата, кои гласачкото тело го сметаа за „тесто за месење“. Веројатно и овојпат ќе имаше нешто од тоа доколку меѓународниот фактор, пред се „главната дипломатија“ во земјава (предводена од ЕУ и САД), не ги презеде работите во свои раце, во оној дел што не зависи од власта и нејзините законски обврски. Ги „притегна“ партиите, нивните лидери, не им даде ниту да „здивнат“, а камо ли да помислат да „мрднат“ од вообичаените демократски изборни стандарди.

Се што можеа да направат така „притегнати“ беа од странските набљудувачи (сепак) малиот број на забележани притисоци и заплашувања врз гласачите и изборните комисии, семејно гласање во етничките албански средини, недоволната обука на членовите на изборните комисии (не, туку невешто глумење на наивност и збунетост), а кои не се покажале „добро“ ниту при пребројувањето на гласовите (не знаеле да бројат?!) .

Изјава на Питер Ајкер, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР:

„Првиот изборен круг, и покрај некои прашања кои оставаат простор за загриженост, претставуваат значаен чекор напред. Внимателно ќе го следиме процесот во вториот круг од изборите“.

И генералната оценка на странските медиуми за изборниот процес е позитивна, што претставува афирмација на земјава, но попрво поправање на „искривената слика“ за неа- како непособна и неподготвена да спроведе регуларни, фер и демократски избори: претседателските и локалните избори во Македонија, кои се клучен тест за аспирациите на земјата за членство во ЕУ и НАТО, поминаа мирно и без насилство.

„Би-Би-Си“ оцени дека гласањето минало без инциденти, дури и во областите во северозападна Македонија, каде што на минатогодишните вонредни парламентарни избори беа регистрирани насилства. „Дојче веле“ констатира дека првиот круг од изборите минал мирно и оти конечната одлука кој ќе биде новиот македонски претседател ќе треба да се донесе во вториот круг на 5- ти април. Мирните претседателски и локални избори беа во контраст со насилството што се случи на минатогодишните парламентарни, кои се заканија да го забават процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, објави „Ројтерс“.

Прочитај и за ... >>  Овојпат Израел оди до крај

Резултатот што се очекува од изборите во Македонија, напиша рускиот весник „Комерсант“, не е само кој ќе биде новиот претседател, туку и како ќе помине гласањето, од кое во голема мера зависи членството на земјата во ЕУ и НАТО. Грчкиот весник „Елефтерос типос“ коментира дека премиерот Никола Груевски на изборите постигнал две цели – победа во првиот круг на неговиот претседателски кандидат Ѓорге Иванов и исполнување на критериумот за мирни избори без насилство. Весникот оценува дека со сигурност ќе се засили политичката моќ на Груевски.

Набљудувачите на ОДИХР укажуваат на еден горлив проблем: неажураниот избирачки список. На , потпретседател на набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, веројатно не и е позната неговата „предисторија“, а уште помалку зошто досега не се решавал односно се премолчувал

„Точноста на Избирачкиот список продолжува да биде сериозен проблем, особено со така голем број на граѓани. 1,8 милиони гласачи од 2 милиони население, изгледа невозможно“.

А се знае кој го создаде односно го започна, за потоа да продолжи да се „надградува“: за две децении Избирачкиот список е зголемен за 421.000 гласачи. Имено, во 1990-та година биле регистрирани 1.371.176 гласачи, а во 2000- та 1.634.859 избирачи (тоа е периодот на „фантомскиот удар“). Во последните евиденции од годинава се дека право на глас имаат 1.792.082 лица, бројка на возрасна популација со право на глас која речиси се доближува до бројот на вкупното население во Македонија изброено на последниот попис – 2.022.000 жители.

Јасно е дека ќе мора (со веќе побарана и најавена меѓународна експертска помош) проблемот итно да се реши што, сигурен сум дека ќе се потврди, воопшто нема да биде тешко.

Во однос на резултатот од првиот изборен круг, по објавата на резултатите внимание предизвика изјавата на независниот претседателски кандидат Љубе Бошкоски:

„На македонската политичка сцена конечно се појави третата опција. Се срушија сите стереотипи на минатото, дека Македонија мора да биде биполарна политичка сцена. Се виде дека е во нокдаун и левицата и десницата во Македонија. Се виде дека може човек, во кого веруваат граѓаните на Република Македонија, сам, буквално против 25 политички партии и силни машинерии создавани во овие 20 години“.

Прашањето што се наметна беше дали оваа негова оценка значи дека ќе формира политичка партија (премолчувајќи ја несериозната оценка за „нокдаун“). Не ја најави (веројатно поради проблемот што таа на чело со него, докажан и „самопотврден“ ВМРО-вец, не може да биде во „центарот“, односно ниту „лево“, ниту „десно“), но остана на ставот дека тој е реален фактор на политичката сцена. Потезите ќе ги направел по консултациите со граѓаните.

Прочитај и за ... >>  Нужно преиспитување

Не е точно дека конечно се појавила „третата опција“ (која по „природа“ е граѓанска). Не може да се зборува ниту за нејзина најава, па „биполарната политкичка сцена“ (сепак е се уште „матна“ во таа смисла, особено ако се има предвид албанскиот политички „кампус“) сигурно ќе потрае.

Во изминатиот период многу често се укажуваше на потребата од трет политички блок, а обидите беа неуспешни или останаа само на најава. Последниот го регистрирав и коментирав пред 3 години.

Прилогот што го нудам за (пре)прочит, под наслов „Трет пат или трет блок“, е објавен на 03.04.2006- та година:

Подолго време една наша авторитетна политичка, но и стручна личност односно интелектуалец par exellence, лидер на политичка партија која кратко време учествуваше во власта како коалиционен партнер, најавува, иницира создавање- формирање на „трет блок“. Очигледно тоа тешко му оди, засега според сопственото признание оние „идните главни“ или не прифаќаат (веќе одбиле) или се уште не се изјаснуваат, а некои познавачи на состојбите проценуваат дека нема да му успее.

Станува збор за идеја односно иницијатива на Г-дин Васил Тупурковски, лидер на ДА, кој потребата од формирање на „трет политички блок“ ја поткрепува со бројни аргументи и со проценка дека на следните парламентарни избори сигурно би победил со „3:0“. (Овој „резултат“ не е од него, туку од еден мој пријател кој ми го „конкретизира“ вака: еден гол во мрежата на СДСМ и неговиот блок, еден гол на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот блок, а еден на „остатоците“, притоа мислејќи на ВМРО-НП, „Третиот пат“ и другите.)

Оваа иницијатива бара сериозен третман и промисла, пред се во однос на шансите или поточно можностите за нејзино формирање, но и кога станува збор за „гаранциите“ за нејзина победа на изборите.

Веќе посочив дека засега „идните главни“, според сопственото признание на Тупорковски, идејата за „трет блок“ засега не ја прифаќаат. (Веќе разговарал со некои од новоформираните, а со старите нема зошто да разговара бидејќи, како што спомнав, тие се веќе „блокирани“.) Мошне е важна напомената дека основата на третиот блок би била граѓанска, без никакви „придавки“ или „додавки“.

Најнапред да го истакнам она што им е познато и на „аполитичните“:

Повеќе е од јасно дека македонската политичка сцена се уште не е стабилизирана. Нејзиното бранување допрва претстои (во наредниве месеци, до парламентарните избори). Она што сега еден познат политичар го најавува и подготвува, а го дефинира како „трет блок“, различен од „третиот пат“ кој, се покажа и докажа, е очигледно мошне „кривулест“, претставува предизвик. Дали ќе успее да го формира-оформи? До изборите тешко. А по нив…

Во претходниот став има и проценка и предвидување. Проценката е дека македонската политичка сцена допрва ќе се бранува, а предвидувањето дека до изборите е малку веројатно оти „третиот блок“ ќе биде формиран, без оглед на гаранциите за победа од страна на иницијаторот.

Што се однесува на последново (гаранциите), тие треба да се третираат мошне сериозно бидејќи, да повторам, ги дава личност која е респектабилна и кај нас, но многу повеќе на меѓународен план, особено со своите анализи и проценки и на македонската и на меѓународната политичка сцена, но и со стекнат, „одработен“ авторитет кој на сите (без исклучок) им претставува голем- најголем проблем (се разбира, мислам на противниците) . Па кога е така, зошто иницијативата засега не му „проаѓа“?

Прочитај и за ... >>  Медиумска кампања и саморекламирање

Според мене, одговорот е многу едноставен: и кај новоформираните, како и кај „старите“ политички партии, владее синдромот на лидерството. Освен кај една која е „во формирање“, без реални шанси да се формира до парламентарните избори (прашање дали и потоа), и која го промовира- афирмира токму нелидерското рако-водење.

За „блоковството“:

Сосема е разбирливо што од страна на иницијаторот се инсистира на тоа, бидејќи во ситуација кога постојат два крајно спротивни, антагонистички политички блока, кои нашата стварност ја „бојосуваат“ црно- бело уште од прогласувањето на независноста на државава, може да се одговори само со „блок“ помеѓу нив, односно со нивно „блокирање“. Притоа, основното прашање или дилема, очигледно и за Тупурковски, е дали има расположение, поточно доволно сили за формирање на нов „трет блок“ кој би го освоил „центарот“ на македонската политичка сцена и сигурно би извојувал „блескава“ победа на изборите токму поради „чистата“ граѓанска провениенција. Меѓутоа, проблемот на иницијаторот е токму во тоа: дали постојат такви „носители“ помеѓу постојните (нови и стари) политички субјекти? Декларативно да, но суштински…

Пред некој ден можевме да го чуеме и Г-дин Острени дека ДУИ е „граѓанска партија“, со интересно „образложение“. Парафразирам: иднината на Република Македонија не е „во рацете“ на националните партии. (А кога била?) Според тоа, логично е иницијаторот да се обрати односно да и даде понуда за формирање на „третиот блок“ и на оваа партија која, инаку, е сегашен коалиционен партнер во власта и досега во владеењето со државата ептен „се потврди“ како таква!

Ќе искажам само еден свој став (всушност ќе го повторам):

Иницијативата за формирање на „трет блок“ нема и не може да успее се додека не се потпре на комплетно нови, „непознати“ сили, поточно лица, а „придружувањето“ да се очекува дури потоа.

Партијата во формирање, што веќе ја спомнав, во своите програмски заложби мошне прецизно јавно формулира една идеја која Г-дин Тупурковски ја промовира (не ни помислувам дека ја „позајмил“, туку напротив, дека и тој согледал оти е единствена „опција“) : да се формира тн. Влада во сенка, со директни јавни покани за „членство“ на наши истакнати, авторитетни творечки личности односно интелектуалци. Буквално истото (директни, непосредни покани за членство во партијата и, се разбира, со однапред утврдено, „обезбедено“ реализирање на искажана определба- амбиција- позиција) го промовира во својата објава во дневниот печат (и на својот веб сајт) Граѓанската партија на Македонија-ГПМ (во формирање).

Со оглед на искуството, можеби тоа ќе му успее на иницијаторот на „третиот блок“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here