Потребно време за читање: 3 минути

Таа секојдневно преку своите медиумски трабанти ја бомбардира јавноста со своите „експертски“ анализи, проценки и оценки дека животот во Македонија од ден на ден станува се полош, посиромашен, граѓаните тонат во беда („а Владата на Груевски немилосрдно ги троши нивните пари“). Не ја „обесхрабруваат“ ниту оценките на Светската банка и ММФ, ниту на домашните бизнисмени, ниту потезите на НБРМ (намалувањето на каматните стапки) со кои се следи тековното релаксирање односно очигледното постапно подобрување на економската состојба во земјава, а по излегувањето на светот од економската криза.

Во меѓувреме чувме и ваков идиотски „бисер“ на некои „изненадени“ ТВ новинари: „Скопскиот градоначалник Тодоровиќ вели дека Македонија излегла од економската криза?!“. Па, се разбира дека излегла, а влегла, како и целиот свет, во период на економско опоравување кое во различни земји ќе трае различно, во зависност од последиците. Ама кому да му се докажува?.

Мене лично најинтересна ми е „збунетоста“ на опозицијата кога „некој“ во светот ќе излезе со валидни оценки кои, ако не сосема, во голема мера ја демантираат. Тогаш е конфузна, смешна, се прави недоветна, молчи, премолчува.

Прочитај и за ... >>  Македонското земјоделство се повеќе извозно

Најнова шлаканица (не се забележува многу оти образите и се одамна вцрвенети од многуте досега) и е удрена од страна на еден меѓународен Интернет магазин, бостонски „Интернешнал ливинг“, кој традиционално прави мошне валидна (авторитетна) годишна листа на најдобри земји за живеење. Во листата за оваа-2010-та Македонија го зазема мошне солидното 59-то место, од вкупно 194 рангирани држави.

Се разбира, тоа воопшто не значи „пристојна живеачка“, туку само дека не е се така и толку „црно“ како што се обидуваат да презентираат опозиционите „експерти“.

Државите се рангираат според следниве 9 критериуми: трошоци на живот, култура и слободно време, економија, животна средина, слобода, здравство, инфраструктура, безбедност и климатски услови.

Од државите во регионот, со највисок квалитет на живот е Словенија на 27. место, по неа е Грција (28-ма), Хрватска е на 37-то, а Бугарија 44-та. По Македонија се Албанија и Босна и Херцеговина на 65-то односно 66-то (БиХ е оценета како една од најлошите во Европа), како и Турција на 72-то место.

Прочитај и за ... >>  Час поскоро вонредни парламентарни избори во Македонија!

Најдобри оценки Македонија има за климата, безбедноста (за која опозицијата тврди дека од ден на ден се влошува се повеќе) и животната средина, а најлоши за економијата и инфраструктурата.

Земја каде што најубаво се живее веќе 5-та година на ред е Франција, а по неа се Австралија, Швајцарија, Германија и Нов Зеланд. Во топ-10 се и Луксембург, САД, Белгија, Канада и Италија.

Најлоши за живеење се Авганистан, Чад, Судан, Јемен и Сомалија.

Меѓутоа, има нешто поинтересно, а на што никој не укажа, никој не (се) потсети. Имено, Програмата за развој на ОН исто така објавува годишна листа на земји чиј редослед укажува кои земји се најдобри, а кои најлоши за живот. И тоа пред се според животниот стандард, образованието и должината на животот на населението, поточно според тн. Индекс на развој на човештвото кој опфаќа и голем број на други податоци- од деловните можности до рамноправност на половите и присутноста на жените во политичкиот живот.Значи, се работи за горе- долу исти критериуми, но и поголем број од оние на магазинот.

Прочитај и за ... >>  Што се случува со храната во светот и кај нас?

На листата за 2009-та, од 182 земји најдобра беше Норвешка, а најлоша Нигер. Земјите во регионов го имаа следниот „редослед“: Бугарија 61-ва, Романија 63-та, Црна Гора 65-та, Србија 67-ма, Албанија 70-та, Македонија 72-ра и БиХ на 76-тото место. Грција беше рангирана на 25-тото, а Словенија на 29-тото место. Притоа е значајно да се забележи дека листата ја следеше предупредување оти е направена врз основа на Индексот на развојот на човештвото (HDI), пресметан главно од податоци собрани пред настанувањето на глобалната економска криза.

Двете листи не се „баш“ споредливи, ама сепак…

Опозицијата конечно мора да престане со „црните“ анализи, оценки и проценки („се е катастрофа“). Се разбира, доколку не сака и натаму да „излегува“ смешна и дилетантска.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here