U2 го отвораат следното поглавје од својата кариера со нова песна и големо враќање на стадионите. Ирската група го објави синглот „The Greatest Show On Earth“, третата најава од претстојниот 16-ти студиски албум „Carnaval De Luz“, а истовремено ги потврди и првите шест концерти од светската турнеја во 2027 година.
Турнејата ќе започне на 23 февруари во Мексико Сити, по што U2 ќе настапат во Сао Паоло и Буенос Аирес. На концертите во Латинска Америка како специјален гостин и предгрупа е најавен Beck. Според официјалното соопштение на U2, дополнителни датуми за Европа и Северна Америка ќе бидат објавени подоцна, а се подготвува и враќање на бендот на концертна сцена во Ирска.
Нова песна пред албумот „Carnaval De Luz“
„The Greatest Show On Earth“ доаѓа по „Street Of Dreams“ и „Silencio“ и е една од песните што го најавуваат новиот материјал на U2. Композицијата е напишана во соработка со Brian Eno, а тематски се движи околу односот меѓу двајца луѓе кои се обидуваат да ја зачуваат довербата еден во друг и вербата во нешто поголемо од нив самите.
Новиот албум „Carnaval De Luz“ ќе биде објавен на 13 ноември 2026 година преку Island Records. Тоа е првиот студиски албум на U2 со целосно нов материјал по девет години и наследник на „Songs Of Experience“ од 2017 година. Официјалната страница на албумот најавува дванаесет песни, со продукција на Jacknife Lee и соработки со повеќе познати музичари и продуценти.
Во годината кога U2 одбележуваат половина век од формирањето на бендот, новиот албум очигледно е замислен како повеќе од уште едно издание во каталогот. Насловот „Carnaval De Luz“ – карневал на светлината – се врзува со теми како духовност, пријателство, слобода и издржливост во време на несигурност, кои групата ги наведува како дел од концептот на албумот.
Антон Корбијн повторно зад камерата
Официјалниот видеоспот за „The Greatest Show On Earth“ го режира долгогодишниот соработник на U2, холандскиот фотограф и режисер Anton Corbijn. Спотот е снимен во калифорниската пустина и ја користи препознатливата визуелна естетика на Corbijn, но со сатирична идеја.
Бендот е претставен како необичен религиозен култ, додека женските ликови ја носат најголемата тежина на она што се случува околу нив. Наместо класично рок-видео со концертни кадри, U2 повторно избираат визуелен концепт што остава простор за повеќе читања – нешто што низ децениите стана дел од нивниот визуелен идентитет.
Назад на големите стадиони
Новата турнеја има дополнителна тежина затоа што го означува враќањето на U2 во класичен стадионски формат. Последниот голем циклус од ваков тип беше „The Joshua Tree Tour“, кој заврши во Мумбај во декември 2019 година. Оттогаш бендот имаше спектакуларна серија настапи во Sphere во Лас Вегас, но без Larry Mullen Jr. на тапани.
„The Greatest Show On Earth World Tour“ повторно ги собира Bono, The Edge, Adam Clayton и Larry Mullen Jr. во форматот со кој U2 со децении ја градеа својата концертна репутација – големи стадиони, продукција од огромни размери и сет-листа што треба да опфати различни периоди од нивната кариера.
Самите музичари најавата ја опишуваат како предизвик што си го поставуваат себеси – да приредат вечер што ќе остане во сеќавањето на публиката. Наместо да се потпрат само на носталгијата и големите хитови, концептот на турнејата треба да го поврзе новиот материјал со песни од целиот каталог на U2.
Првите шест концерти во 2027 година
Официјално потврдените датуми се:
23 февруари – Estadio GNP Seguros, Мексико Сити
26 февруари – Estadio GNP Seguros, Мексико Сити
10 март – Estádio MorumBIS, Сао Паоло
12 март – Estádio MorumBIS, Сао Паоло
23 март – Estadio River Plate, Буенос Аирес
25 март – Estadio River Plate, Буенос Аирес
Според официјалниот распоред на турнејата, ова ќе бидат единствените три латиноамерикански градови што U2 ќе ги посетат во рамките на турнејата во 2027 година. Продажбата на билетите започнува во фази, најпрво за претплатниците на U2.com, а потоа и во редовна продажба.
U2 меѓу јубилејот и нов почеток
Педесет години по моментот кога Larry Mullen Jr. оставил белешка на училишна огласна табла барајќи музичари за нов бенд, U2 повторно се подготвуваат за циклус што треба да покаже дали една од најголемите рок-групи во историјата сè уште може да создава нови песни и истовремено да ги полни најголемите стадиони.
„The Greatest Show On Earth“ во тој контекст звучи и како наслов на песна и како самонаметната обврска. U2 одамна немаат потреба да докажуваат дека можат да организираат голем спектакл. Прашањето за 2027 година ќе биде дали зад спектаклот повторно ќе има песни доволно силни за да живеат и кога светлата на стадионот ќе се изгаснат.










