Потребно време за читање: 4 минути

Прошталните средби на Бранко Црвенковски со најзначајните европски соговорници во Брисел се само вообичаена „завршна форма“ на мандат на еден државник во чија ингеренција, меѓу другото, е претставување, застапување на државата на меѓународната сцена и одбрана на нејзините интереси, дигнитет, интегритет и идентитет. На нив не може да се очекуа друго, освен куса заедничка ретроспектива на постигањата и проблемите односно неостварените цели на меѓусебното заедничко дејствување и потврда на основните заложби и конкретни барања што останува да бидат реализирани во наредниот период, а како пораки до „новите власти“.

Следствено, несериозно и инфантилно е пораките на „главните“ европски соговорници да се оценуваат како „ се посилни“ или „силни“ и оти токму поради нив средбите „ќе останат запаметени“. Да, ќе останат забележани на „соодветно место“ ( и во нашиов „Хрономер“), но дека ќе се запаметат…

Што е за паметење од средбите на Црвенковски со Хавиер Солана, Јап де Хоп Шефер и Оли Рен? Досега нмемаше пораки односно барања од нив (всушност од ЕУ и НАТО) да се реши “спорот“ за името и да се продолжи негувањето на меѓуетничките односи? И зошто сега тие пораки се „се посилни“ до актуелната Влада и новоизбраниот претседател? Која е таа „нова потреба“ за нив?

Се случува ли сега нешто „неповолно“? Досега беа „помалку силни“? Кој во земјава не сака да се реши „спорот“? Има ли и колкумина се такви (релевантни, одлучувачки)? Има ли проблеми во меѓуетничките односи? Тие не се негуваат, се нарушуваат, па е нужна „посилна порака“ за тоа? Кој не ги негува, кој ги нарушува?

Подеталните извештаи за одделните средби кажуваат нешто друго. Дека минале „стандардно“, дури без никаква „новина“ што би можела да ја заинтересира домашната и меѓународната јавност. Со други зборови, се реализирале очекувано, со иста содржина и малку различна форма (доколку може да се сметаза тоа различниот повод за нив- последни, проштални средби на еден претседател).

Прочитај и за ... >>  100-те дена на македонската Влада

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана, изразил надеж (не повеќе, на пример убеденост) дека оваа година може да биде „добра година“ за почеток на преговори за членство на Македонија во Европската унија:

„Вие (се мисли на Република Македонија- заб.м.) сте во позиција во која со мал напор може да влезете во преговарачкиот процес со Европската унија. Тоа е желба на македонскиот народ и се надевам дека ќе стане реалност“.

Во врска со прашањето за името тој изразил надеж (друго и не е за очекување) дека решението ќе биде постигнато. На заедничкиот прес претседателот Црвенковски повторил дека евроинтеграциите се врвен приоритет на Македонија, „а ние ги знаеме критериумите што треба да се исполнат во наредниот период“. Верува (проблематично; значи има воздршка; зошто како се уште актуелен претседател не е сигурен?) оти во Македонија има политичка волја за исполнување на критериумите, за во годинашниот извештај за напредокот на државата да има препорака за почеток на преговорите за асоцијација. Во однос на „спорот“ за името со јужниот сосед, тој смета дека решението „не е многу популарно“ (повторно проблематично; значи климата во земјава за какво било компромисно решение ја оценува како неповолна!;), ама е неопходно решение што ќе донесе позитивни резултати на долг рок:

“Клучните одлуки во историјата на една нација секогаш се многу тешки. Денес се тешки одлуките и во однос на прашањето околу името и во однос на евроинтеграцијата на државата“.

На средбата Црвенковски- Шефер исто така ништо ново, само повторени констатации: Република Македонија ги исполнува критериумите за членство во НАТО, но за да стане и формално дел од Алијансата треба да се реши „спорот“ за името со Атина. Притоа изразил благодарност за учеството на македонските војници во мисијата ИСАФ во Авганистан, а упатил и честитики за успешно спроведените избори во Македонија. Тој апелира до двете страни да се воздржат од националистички изјави кои не создаваат добрососедски односи и атмосфера за решавање . Според него, интеграцијата на Македонија и на целиот регион е услов за трајна стабилизација на тој дел од Европа.

Прочитај и за ... >>  Суровата стварност

Во врска со можноста од рефендумско изјаснување за претходно утврдено компромисно решение за проблемот што Данајската република (Грција) го има со името на нашата земја, во дел од медиумите беа пренесени дури и заканувачки предупредувања кои, со оглед на неговата функција (се уште Генерален секмретар на НАТО; наскоро заминува од должноста), засега треба да се третираат како груба шпекулација односно невистина (во надеж дека во меѓувреме ќе бидат демантирани). Наводно, Шефер оценил дека референдум за името е суверено право, но и ризичен потег за Македонија, па затоа бара од властите во земјата, доколку го распишат, тоа да го сторат мудро и да не дозволат да пропадне. Во спротивно, последиците можат да бидат негативни за нашата земја. Дури предупредил дека, поради можните последици, „НАТО не сака за 10 или 15 години повторно да испраќа воени сили во регионот“ (?!).

Црвенковски посочил дека подолг период нема реални преговори за името поради изборите во Македонија, како и изборите за Европскиот парламент што во јуни се одржуваат во Грција. Се надева дека тие наскоро ќе се интензивираат.

На средбата со еврокомесарот за проширување Оли Рен се потврдени најавите на Брисел за се поизвесна скорешна визна либерализација, со оглед дека Македонија е најнапредна земја во регионот во однос на исполнувањето на критериумите. Препораката за датум за преговори ќе зависи од исполнувањето на осумте критериуми поставени лани во март. За тоа „спорот“ за името не е пречка, но предизвикува пошироки компликации.

Прочитај и за ... >>  Антикомунистички демонстрации во Молдавија: на ред е последниот европски комунистички бастион

Чудна е, па и неумесна неговата констатација дека е важно „да се развие и политичка клима во Македонија за нејзино успешно пристапување во ЕУ“. Значи дека таа не е развиена?!

“Мојата најискрена желба и барање е да има брзо иницирање на преговорите за да се најде решение на проблемот за името. Ова е проблем кој постои долго време и се надевам дека нема да постои вечно. Со неговото решавање ќе се разрешат други проблеми и прашања и сигурно ќе се подобрат соседските односи, кои не се формален критериум за процесот на интегрирање во ЕУ, ниту дел од критериумите кои ќе се оценуваат од Комисијата. Но извесно е дека во вистинскиот живот прашањето за името ги спречува односите помеѓу двете земји, предизвикувајќи пошироки компликации“.

Веќе стана практика (недозволива) претседателот Црвенковски од странство да и упатува пораки и предупреди до властите во Македонија, а притоа мислејиќи исклучиво на Владата и премиерот Никола Груевски. И овојпат не пропушти, од Брисел, да ги „поучи“ да „засукаат ракави“ во решавањето на „спорот“ со името, „како што претходните тоа го сторија со Охридскиот рамковен договор“:

„Ако во 2001- ва година се поведевме по доминантното расположение кај граѓаните, без разлика дали зборуваме за Македонци или Албанци, политички договор немаше да биде постигнат, Охридскиот рамковен договор немаше да биде потпишан. Денес мнозинството граѓани, и Македонци и Албанци, го поддржуваат Охридскиот договор и сметаат дека е тоа добра основа за градење на иднината. Од тие причини мислам дека и носителите на државните функции во Македонија во овој период на ист начин треба да ја преземат одговорноста за донесување на тешки, меѓутоа значајни одлуки за иднината на државата. И во однос на спорот со Грција и во однос на нашето интегрирање во НАТО и ЕУ“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here