Потребно време за читање: < 1 минута

6. Патешествие

Долго, та предолго е
ова негово патешествие
низ времиња и предели
колку знајни,
толку незнајни,
што се за секого
предизвик
сѐ до достигање
на конечната цел.

Секому со него
и крај него
му го огкрива почетокот
и до кога молчешкум
треба да издржува
не обидувајќи се
да дознае, да осознае
колку ќе биде долго,
колку ќе биде големо,
колку ќе биде извесно,
а колку неизвесно.

Секое патешествие
на самотник како него
е со многу деноноќни
гладувања, жедувања,
жештини и студенин.
Сите патешествија
на самотници како него
се со преживеани сенки
што го следат
од будност на срцето
до премаленост на телото,
до гаснење на ритамот
на крвта во него.

Неговото патешествие
долго, та предолго
големо, та преголемо,
и извесно и неизвесно
секако има крај

на крајот од
неговите години
на животи и смрти,
на крајот од
неговите траги
на древности, стојности
и стамености.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here