Потребно време за читање: 10 минути

Она што деновиве македонската опозиција и „независното“ односно нејзиното новинарство се обидоа да го постават во „центарот“ на јавното мислење е само уште еден „надуен балон“ кој, заедно со сите досегашни, не може да си го припише како свој успех (не само затоа што е тоа).

Имено, се случи и се случува истото како со „притискањето“ на власта за „политички дијалог“ (а всушност барање за „посредно“ учество во владеењето), со „антиквизацијата“ на Македонија (политичко- новинарска ступидарија par excellence), со демонстрациите против изградба на црква на плоштадот „Македонија“ (одлука „верифицирана“ и од Уставниот суд) и опасната игра на потпалување на меѓуконфесионален оган“ (со поттикнување на „рамнотежно барање“ за реизградба на Бурмали џамијата), со негативната оценка за преземените економски мерки на Владата за ублажување на последиците од економската криза односно рецесија (позитивна од сите домашни и меѓународни експерти, бизнисмени, интитуции, но и со несомнени позитивни ефекти)… Следниот балон кој е веќе најавен (однапред надуен) е проектот „Жичница до Милениумскиот крст на Водно“).

Од друга страна, како што веќе имам забележано, позицијата- власта (пред се партијата ВМРО-ДПМНЕ) се почесто реагира недоволно подготвено, недоволно аргументирано и игнорантски (што е најлошо), иако и се „нуди“ одличен „материјал“ за обработка (најмногу за „пердашење“). Што секако, доколку не се промени, мошне брзо ќе се одрази на рејтингот, конкретно довербата кај народот.

Всушност, токму (не)разбирањето на конструктивноста и на тенденциозното новинарство се главниот проблем поради кој опозицијата на чело со СДСМ е, за жал, маргинална, безначајна, ништожна, за власта безопасна.

Македонската опозиција „удри“ по споменично- скулпторската масовка“ на Владата и скопската општина „Центар“ („нејзина“), но наивно, немушто, бенигно, недоветно, инфантилно, најмалку конструктивно. Не затоа што Владата треба да се остави „на мира“ оти има право и во овој случај, оти е „чиста“, оти е „позитивна“, оти не заслужува да се „нападне“ (не случајно го нареков масовка“), туку поради некои основни „нешта“ што се недозволиви за „опасна“ опозиција: да не се разликува споменик односно спомен- обележје (законските ингеренции се само еден „момент“) од скулптура (особено не „градска“), „масовката“ да се третира во „контекст“ на економската криза оценувајќи ја како „непродуктивен“ проект (што не е точно доколку на стварноста не се гледа со „материјалистички очила“), таа да се оценува како „задоволување на хировите“ на премиерот Груевски (што не е точно и кога би ја прифатиле како „хир“; списокот на „задоволени“ би морал да биде многу поширок)…

Што се однесува на тенденциозноста (и на опозицијата и на нејзиното новинарство оти помеѓу нив има знак на равенство), доволно е најнапред да се посочи на почетната, „иницијалната каписла“: „истражување“ кое резултира со ординарна лага дека „цела Фиренца лее за Македонија“, придружена со уште куп дурги „помали“!

Имено, токму под тој наслов „Дневник“ во вчерашниот број објави прилог за спомениците нарачани од Ошштина Центар (значи не од Владата, без оглед на евидентното „покривање“ со „формата“) вредни, како што „дознава“ весникот, околу 10 милиони евра. Насловот се демантира со текстот(!): фирмата од Фиренца „Фондерија артистика Фердинандо Маринели“, како и двете помали леарници – „Фондерија артистика Гуастини“ и „Галерија Базанти“, фирми-сестри на познатата леарница од Фиренца, не се „цела Фиренца“ (ниту симболично).

Од друга страна, „дознавањето“ е исто така тенденциозно бидејќи е прилично „застарено“: истиот весник на 13- ти декември 2008- ма објави извештај од седница на Советот на општината, со наслов „Седум милиони евра за споменици во Центар“, а во кој децидно пишува:

„Само во строгиот центар на Скопје ќе бидат подигнати 19 споменици. Седум милиони евра или една третина од буџетот на Општина Центар за 2009- та година ќе се потрошат за изградба на споменици, решија советниците на вчерашната седница. На оваа одлука реагираше само советничката група на СДСМ, со образложение дека во време на економска криза Општината троши пари за споменици на штета на еден куп нерешени потреби на граѓаните.

– Градоначалничката не не удостои со нејзиното присуство. Немаше кој да одговори зошто толку пари се трошат за изградба на споменици, а не се решени многу работи неопходни за функционирање на градот. Ние како советничка група немаме ништо против да се изградат споменици. Но, во време на криза парите треба да се искористат за нешто покорисно. Не е најважно да имаме грандиозен споменик ако чевлите ни се извалкани со кал од неасфалтирани улици. Не гласавме за нацрт-буџетот – вели советник од СДСМ“.

Прочитај и за ... >>  ЕУ ќе ја спаси Грција за да го одложи почетокот на сопственото пропаѓање

Тогаш беше објавено дека со ребалансот на буџетот Општината до крајот на годинава за споменици треба да потроши 530 милиони денари или околу девет милиони евра, од кои два милиона евра се од Министерството за култура. Според одлуката, во строгиот центар на Скопје ќе бидат подигнати 19 споменици посветени на Александар Македонски, Крсте Петков Мисирков, Карпош, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Методија Андонов-Ченто, Цар Самуил, гемиџиите, светите Климент и Наум Охридски, светите Кирил и Методиј, Јустинијан Први и на украинскиот поет Тарас Шевченко. Општината треба да подигне спомен- обележја и за Првото заседание на АСНОМ, на основачите на Македонската револуционерна организација, на паднатите херои за Македонија, на загинатите пилоти од мисијата АЛТЕА во Босна, на македонските бранители и спомен- обележје на воин. Општината пред две години распиша конкурс за идејно решение за четири скулптури на лавови на Мостот Гоце Делчев. Од сите најавени споменици, досега на оградата на Камени мост е поставена само спомен- плоча на македонскиот ајдутски арамбаша Карпош, а на плоштадот Пела бронзена биста на Крсте Петков Мисирков од академскиот вајар Боро Митриќески.

Беше објавено и следново:

„На скулптор, чиј идентитет никој не го знае, Општина Центар ќе му плати околу 500.000 евра за идејно решение и за изработка на проект за фонтана со коњаник. Советничката Нада Зрмановска побара одговор зошто се издвојува огромна сума пари ако не се знае ни каде ќе се наоѓа ни кому му е посветен споменикот.

-Ако за макета и за идејно решение се издвојуваат околу 500.000 евра, тогаш колкава е сумата за изградбата на вистинскиот споменик? – прашаа советниците.

Неофицијално дознавме дека станува збор за споменик посветен на Александар Македонски што треба да се постави на плоштадот Македонија. Општина Центар ќе исплати и огромни суми за хонорари на деветтемина членови на Комисијата за подигање спомен- обележја. Хонорарот е над 500 евра за еден член. Во постапка се повеќе од дваесет конкурси за споменици, а со оглед дека уште толку се подготвуваат, Општината на членовите на Комисијата ќе треба да им исплати околу стотина илјади евра“.

Што е ново „откриено“ од „Дневник“? Ништо друго, освен дека „цела Фиренца лее за Македонија“! Не е „ново“ ниту „дојдувањето“ до петте договори помеѓу Општината и италијанската леарница за кои се тврди дека се „строго доверливи“, а се што е пренесено од нив е „с’што исто“ како напишаното во 2008- ма : и дека „за одредени скулптури“ се наведени имињата на историските личности што се мотив за скулптурата, и тоа дека „за некои“ се наведени само парите што треба да се платат (од каде тогаш беа „пресметани“ 9 милиони евра, ако договорите не биле на увид односно биле „строго дов.“?). Освен некои „пикантерии“ кои имаат за цел да ја „подгреат“ негативната „атмосфера“: криење на точните податоци (значи дека во текстот тие не се точни?!), портпаролот на Општина Центар, Лидија Неделковска, вели дека тендер за изработка на скулптурите бил распишан на некои меѓународни интернет- сајтови, но не ги именувала, а конкурси и тендери биле објавени и во службеното гласило на Општината (во 2008- ма не е објавен тендерот за скулптурите, туку само програмата)

Како што „дознава“ весникот, десетте милиона евра (лани тврдеше дека се девет, од кои два на Министерството за транспорт и врски!) ќе бидат платени за изработката и монтирањето за коњаничките скулптури на Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, како и за четирите лава што ќе треба да се постават на мостот „Гоце Делчев“, како и за „скулптури и релјефи од бронза од готови модели“ вредни 4,5 милиони евра. Најверојатно токму последниов договор, во кој не е именуван ликот-мотив, се однесува на грандиозната скулптура на Александар Македонски (значи дека е видена од новинарот како таква!). За едниот пар лавови цената е 1.150.000 евра, а за другиот е 1.180.000 евра. За коњаничка скулптура на Никола Карев во бронза Општината ќе и плати на фирмата 715.000 евра, а за онаа на Гоце Делчев и на Даме Груев – 850.000 евра. Тоа вкупно изнесува (просто собирање) 3.885.000 евра. Заедно со 4, 5 милиони за „скулптури и релјефи од бронза од готови модели“ (значи не е само една- на Алекандар Македонски, туку и на негови војници- фалангата), сумата е 8.335.000. „Недостасуваат“ уште 1.665.000 евра, што не е баш малку! Да не се мисли на наведените „екстра трошоци“ кои вкупно изнесувале нешто повеќе од 232 милиона денара (или во евра-4.742.000 евра, значи двојно повеќе!)?

Прочитај и за ... >>  Џабе премолчување. Се гледа и се користи!

А нешто не е в ред и со броењето на спомениците. До 19 фалат ептен многу!

Рокот за завршувањето на скулптурите не е прецизен и се движи од 15 до 24 месеци.

Во меѓуврме, Општина Центар излезе на прес конференција со сите детали:

Споменикот на Александар заедно со коњот е висок 12 метри. Има и придружна содржина, а со постаментот кој ќе се поставува годинава ќе биде висок 22 метра. Во тек е изработката на четири лава во истата леарница. Два од нив се долги и високи по пет метри. Другите два се долги шест метри и високи пет метри. Ќе стојат уште годинава од двете страни на мостот Гоце Делчев. Вредни се 2.330.000 евра. 850.000 евра чинат спомениците на Никола Карев и Гоце Делчев кои ќе стојат од двете страни на Камениот Мост. Сите пари за нив се од државниот буџет префрлани во Центар минатата и оваа година(?!). Целиот проект чини 10 милиони евра.

Изјава на градоначалникот Владимир Тодоровиќ:

„Се направи една тензија во јавноста како да се прави огромна штета во државата. Мене ми е жал за таквата атмосфера. Спомениците се прекрасни, фасцинантни, запаметете дека по две или три години кога ќе се видиме ќе имаме што да покажеме“.

Освен овие, во изработка се и споменикот на Никола Карев кој треба да е готов до 2010 година и Цар Самоил од мермер (не беше во списокот на „Дневник“). На некое време е одложена реализацијата на спомениците на Цар Јустинијан, на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, на основачите на македонската револуционерна организација, на гемиџиите и на Карпош.

Збор два за леарницата:

Оваа италијанска леарница е основана во 1905 година од Фердинандо Маринели и е позната по својата квалитетна изработка на леење скулптури со користење на архаичниот метод со восок и рачна изработка каква што користеле ренесансните мајстори. Во 1922 година почнала со изработка на големи бронзени скулптури какви што се коњаничките, орнаментите и фонтаните. Клиенти им биле Ватикан, Соединетите Американски Држави, Полска, Унгарија, земји во Јужна Америка, Канада… Како едни од позначајните нивни изработки се оградата на монументалните скалила во Музејот во Ватикан, портите во Катедралата „Св. Павле“ исто така во Ватикан, скулптурата на Ајзенхауер во Лондон, реставрација на скулптурите во палатата Кремљ во Москва. (Подетални информации на сајтот www.fonderiamarinelli.it/).

Новинарот пропуштил да дознае уште интересен детал: дали трите идентични коњанички споменици на Скендербег (во Тирана, Приштина и Скопје) се исто така излеани во оваа леарница и колку е платено за нив (без оглед кому).

Очекувано, на однапред подготвениот „терен“ не може да се очекува да истрча друг освен СДСМ. Партиската реакција може да се оцени како (вообичаено) небулозна, недостоинствена (за опозиција која претендира на сериозност), а за нервозата да не правиме муабет (ништо ново; секогаш видлива и неконтролирана кај арогантните).

По ред:

Антиквизацијата овојпат е „издигната“ на ниво на политика на Груевски и ВМРО ДПМНЕ (повторно „заборавајќи“ дека „политиките“ на Владата се и на партнерите во коалицијата „За подобра Македонија“ и на ДУИ). А од наведениот список на споменици и скулптури само еден е „антиквизиран“- на Александар Македонски (прашање е дали е тоа во уметничкиот израз)!

Се става равенство помеѓу Владата и Општина Центар што е нонсенс дури и ако се прифати дека е „нејзина“. Во „обелоденетиот скандал“ (текстот во „Дневник“) „убаво“ стои дека од „10- те милиони евра“ два (или три ако се соберат и одземат презентираните суми) се на Владата. Останатото е од општинскиот буџет. Недоследност: советничката група на СДСМ „нема ништо против да се изградат споменици. Но, во време на криза парите треба да се искористат за нешто покорисно“ (види во текстов погоре); сега СДСМ се изјаснува „огорчено“ против барајќи, меѓу другото, Антикорупциската комисија („ако сака да покаже дека не е продолжена рака на Владата“) и другите државни органи, како Јавното обвинителство и Државниот завод за ревизија веднаш да ја испитаат постапката за склучување на договорите со италијанската леарница кои „очигледно се направени во една крајно нетранспарентна постапка, далеку од очите на јавноста“.

Прочитај и за ... >>  Реален и развоен буџет за 2010- та година

Ако тие се „строго дов.“, нормално е да бидат склучени „далеку од очите на јавноста“. Значи, проблемот не е во транспарентноста (точно, и на актуелната Влада, како на сите досегашни, таа и е „проблем“), туку зошто се со таков „статус“. Инаку, нетранспарентноста (која како и секој демократски „настроен“ човек ја осудувам) воопшто во работењето на СДСМ, кога беше на власт, беше „вообичаена“. Круцијално прашање поврзано со доследноста: колку беше транспарентна приватизацијата на општествениот капитал односно на транзицијата во Македонија?

Основно непознавање искажано во соопштението: „шмизли, бикови и питачи“ не се споменици, туку скулптури, и не се по повеќе, туку по една; од наведените споменик е само на Александар Македонски. Мошне „интересно“: досега никаде не сум прочитал дека тој (Александар) бил „мегаломански на Букефал“ (?!); бидејќи за СДСМ е тоа, не ми е јасно зошто се „бунат“ за наводната грандиозност? (Јас преферирам на монументалност на тој споменик. Лично на неа ќе и се поклонам, а не на грандиозноста, се разбира доколку биде „поткрепена“ со уметнички односно естетски „светоглед“. Меѓу другото, токму поради античкиот период (а не „антиквизацијата“) Македонија има најголема обврка да му изгради таков- монументален споменик.) Натаму, скулптурите воопшто не се „во“ 10- те милиони „народни пари“ (лага).

И пратеничко прашање во ист „тон“. Нов „бисер“ на Игор Ивановски:

„Објаснете ми кој во Вашингтон поставил споменик, на пример бик или шмизла или легендарниот што го чекаме- Александар Македонски сосе Букефал, и го постави среде некој сквер или плоштад во било која европска или друга метропола“(?!)

Настрана што е „измешано“ (веројатно поради нервоза), прашањето е ступидно.

Одговорот на премиерот Груевски:

„Ова се проекти што се започнати во 2007- ма и во 2008- ма година, најголем дел од средствата тогаш се префрлени, кога економијата имаше раст од 5,9% во 2007 година, рекорден до тогаш“, одговори Никола Груевски. („проекти“ значи и други набројани).

Не ми е јасно како може да му „избега“ аргументот дека од 10- те милиони евра „на Владата“ се само 2 (или три), а другите се “општински“.

И кулминација, „крешчендо“ на ступидно коментирање на Ивановски:

„Огорчен сум со каква леснотија ги убедувате македонските граѓани дека уште треба да бидат и среќни и задоволни што живеат подобро од тие во Америка, од Италија, од Шпанија, од Романија. Почитувани македонски граѓани, кога го слушате македонскиот премиер, воопшто да не се секирате – вие живеете добро, само уште тоа треба да го почувствувате“.

Точно, „такво нешто“ (за „чувствувањето“) досега не кажал Груевски (како што го „поправи“ во одговорот), но Ивановски не „карикира“, туку „пика“ зборови во неговата уста изречени од неговиот сопартиец Никола Поповски (од времето кога тој беше министер за финансии)!

Мој став:

Отсекогаш сум бил и ќе бидам против „масовки“, особено во творештвото воопшто, уметничкото посебно. Од многу причини, меѓу кои: личат на „акцијаштво“, „ударништво“ кое не ја става во прв план вредноста, туку (зло)употребата; во нив се занемарува индивидуалноста на секое дело одделно, односно неа ја потиснува, подобро речено поразува „колективната свест и значење“; monumentum-от никогаш не бил и не може да биде momentum; „масовките“ отсекогаш биле, се и ќе бидат не почеток на континуитет, туку продолжение на постојниот (сегашниот, овдешниот) дисконтинуитет; следствено, не се резултат на осмислено реално просторно и содржинско (современо, модерно, универзално, метафоричко, симболичко…) идејно решение, та немаат вонвременска димензија (кај спомениците како надминување на историската).

Против сум споменично- скулпторската „масовка“ во центарот на Скопје (не само плоштадот „Македонија“), но не поради бројот на спомениците и скулптурите, не поради економската криза (таа нема никаква врска со неа, не само во однос на времето кога е започната како проект, туку затоа што кризата кај нас трае цели 18 години, од почетокот на независноста на државава (патем: кога беа „направени“ 200.000 невработени во Македонија?), а актуелнава светска се уште малку не засега). Затоа што творештвото , пред се уметничкото (културното воопшто), не смее да се (зло)употребува за какви било и чии било цели, а најмалку за „разубавување“ на минливоста на животот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here