Потребно време за читање: 4 минути

Она што се очекуваше, а само делумно се најавуваше (многу нешта се криеја во строга тајност), се случи на сеопшто „светско“ задоволство: во Пекинг, на стадионот „Птичјо гнездо“, се одржа аудио- визуелен спектакл на кој беше претставена древна и модерна Кина. Од сите што го следеа, без исклучок, оценет како најфасцинантна модерна културно- уметничка свеченост во историјата.

Олимписките игри се отворени со вешто користење- испреплетување на најмодерна технологија- микс од беспрекорен уметнички настап, занемувачка технолошка изведба и брилијантно пиротехничко шоу, како и пораки за хуманост, човечност, разбирање и толеранција во светот.

29-те Олимписки игри се отворени. Кинескиот гимнастичар Ли Нинг ги остави гледачите без здив со начинот на кој ја заврши штафетата на олимпискиот факел и го запали големиот олимписки пламен. Претходно кинескиот претседател Ху Џин Тао ги прогласи игрите за отворени, откако свое обраќање имаше и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Жак Рог.

Свеченото отворање стартуваше во 20 часот и осум минути, алудирајќи на бројот 8 кој во кинескиот јазик се изговара и се пишува исто како и зборот среќа. 14.000 учесници се појавија на теренот од стадионот кои, во коктел од бои и лирични звуци, прикажаа содржина која ја опфати кинеската традиција, потоа симулации на вселената и земјината топка и природни феномени.

Церемонијата ја долови суштината и идејата на најстарата спортска манифестација. Неколку илјади дечиња ја пренесоа пораката „Еден свет, еден сон“ која ја симболизира желбата за светска хармонија.

Прочитај и за ... >>  Уште една рударска трагедија во Кина

Во Пекинг настапуваат 204 држави, со вкупно 10.500 спортисти. Натпреварите ќе се одржуваат во 7 кинески града.

На свеченото отворање на ОИ 2008-ма присуствуваше целата светска политичка елита: Буш, Путин, Саркози, Меркел, премиери, претседатели, кралеви, цареви, министри, сите кои нешто значат на планетата Земја. Никој од Република Македонија зашто, „едноставно нели“, немаме политичар од светски „калибар“, особено не на врвните државни функции, почнувајќи од претседателот на државата.

Изјави на Буш и Саркози:

Џорџ Буш, претседател на САД: „Односите помеѓу нашите земји се конструктивни и ние ќе продолжиме да бидеме одговорни. Јас го почитувам кинеското раководство, бидејќи работеше напорно да ја изгради меѓусебната доверба“.

Николас Саркози, претседател на Франција: „Франција секогаш беше важен партнер на Кина, уште од времето на Де Гол, и јас се надевам дека ние ќе продолжиме да ги негуваме нашите односи“.

Кинескиот претседател Ху Џинтао се трудеше да биде добар домаќин: „Денеска е голем ден за водачите. Светските ѕвезди и спортисти од 5 континенти се собраа тука за отворање на игрите“.

Проценките се дека Олимпијадата ќе ја следат 4 милијарди телевизиски гледачи, а 20 000 акредитирани новинари, фоторепортери и телевизиски лица ќе бидат директно присутни на спортските натпревари.

Некои го оценија како скандал, а јас велам ништо необично. Само продолжение на безобразлукот односно простаклукот на јужниот сосед на Македонија: дури и на ОИ, без ни ронка олимписки дух (очигледно, ниту последните ОИ одржани пред 4 години во Атина не му помогна да ја научи неговата суштина) ја „промовира“ фашизоидната политика на негирање на постоењето на една држава, а особено на идентиетот на македонскиот народ. Побараа од официјален Пекинг и од МОК, Македонија да биде ФИРОМ, а членовите на националниот тим да не бидат Македонци.

Прочитај и за ... >>  Лошо режирана и опасна врева

Прашање за сите Грци, за нивните политички челници, а особено за „најгласната“ Дора Бакојани:

Кои се „Фиромци’? Да не мислат дека паднале од Марс или од некоја друга планета на која животот станал неподнослив, па на север од Грција (Данајската република) го откриле најубавото парче земја на кое се населиле без да ја прашаат, да побараат нејзина дозвола? Да не имаат уплав оти во меѓувреме слушнале, прочитале и разбрале дека се многу поцивилизирани и подревни од нив?

Се разбира, Кина беше ставена во позиција да направи некаков компромис, па на свеченото отворање македонските олимпијци продефилираа помеѓу земјите кои почнуваа на буквата „М“, но со името под кое сме примени во ОН (FYROM). Официјалниот спикер на кинески најави Македонија, а на англиски Поранешна Југословенска Република Македонија. Притоа е значајно да се одбележи дека во официјалниот одговор до македонската Влада, која бараше Кина да не дозволи наместо поле за натпревар помеѓу културите Олимпијадата да се претвори во политички маркетинг, се вели дека Кина не ја менува својата политика на признавање на уставното име. Имено, откако шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер, побарал земјата- домаќин на ОИ да го почитува македонскиот идентитет, кинеската амбасада во Скопје одговорила дека Кина ја признава земјата како Македонија, но не може да ги смени правилата на Меѓународниот олимписки комитет.

Прочитај и за ... >>  Критизерството не помага за подобар рејтинг

Премиерот Никола Груевски изјави дека Грција не изненадува:

„Таа притиска на сите страни, ние се бориме на сите фронтови, но имаме и други домашни обврски поради кои не успеавме да отидеме во Кина: имаме доволно средби со релевантни партнери каде што ја кажуваме вистината за Македонија“.

7-члената македонска експедиција ќе ги почне натпреварите в недела, на 10-ти август, кога пливачот Михајло Ристовски ќе дебитира во квалификациите на 200 метри слободно. Ден подоцна прво стрелецот Сашо Несторов ќе настапи во преднатпреварите во дисциплината воздушна пушка од 10 метри, а потоа и нашиот знаменосец Атанас Николовски ќе ги има двете квалификациски трки во кајак – слаломот на диви води, во К-1. Ако ги мине, полуфиналето и финалето ќе му бидат на 12-ти август. За 13-ти е предвиден настапот на пливачката Елена Поповска во квалификациите на 100 метри слободно, по што стапуваат на сцена атлетичарите Ивана Рожман, на 16-ти август, која ќе трча во спринтот на 100 метри, и Реџеп Селман, на 18-ти, во преднатпреварите во трискок. Последен ќе настапи борачот во слободен стил Мурад Рамазанов, на 19- ти август, во неговата категорија до 60 килограми.

Очекувања, надежи? Па…важно е да се учествува, нели?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here