Потребно време за читање: 2 минути

Создавањето на стварноста (виртуелна стварност?) не е ништо друго освен маинпулација со јавноста. Притоа, станува збор за создавање, значи за процес, а не за создадена стварност. Затоа што да се создаде стварност е практично невозможно.

Имено, се создава посакувана, што ќе рече лажна, нереална, непостојна стварност. А не може да се создаде, односно да биде дефинитивна, бидејќи во еден клучен момент процесот на создавање се судира со реалната, „суровата“ стварност и сиот напор паѓа во вода.

Ја спомнав виртуелната стварност. Најчесто и најлесно се создава во виртуелен-нестварен свет, и сама по себе не е стварност. Меѓутоа, за разлика од создавањето на стварноста што има јасна намера и цел-манипулација, замајување на народот, „измиени мозоци“, виртуелната е повеќе необврзна игра, забава, самоволно бегање од стварноста во нестварен свет (со свест за нестварноста).

Создавањето на стварноста и живеењето во стварноста најчесто се одвиваат паралелно сѐ до моментот на „освестувањето“, кога и создавањето и живеењето ќе ја достасаат својата кулминативна, најчесто мошне болна точка. Потоа дотогашната еволуција повеќе не е можна. Можна е само револуција.

Прочитај и за ... >>  Пред изборите во Русија

Оние што ја создаваат стварноста, а тоа се најчесто владејачките структури во тесна врска со медиумите, или не сфаќаат или не прифаќаат дека стварноста не може да се создаде, туку единствено да се живее. Процесот на создавање е резултат на неподнослива состојба на живуркање, поточно на забрзано тонење кон дното, на умирање.

Кога власта во тесна врска со „своите“ медиуми создава стварност? Одговорот се знае: кога станува неподнослива од неа создадената стварност, па нема друг начин да се одржи на власт односно повторно да биде избрана, освен да создава стварност која ќе претставува целосна спротивност на од неа создадената.

Поедноставно речено: црното не е црно, бидејќи треба да го гледаме бело.

Успева ли? За жал да, и е смешно кога не би било трагично. Мислам на последиците.

Како таа ја создава стварноста? Со сите средства и на сите можни начини. Најбрзиот е „статистичкиот“. Дали македонската статистика е во функција на создавање на стварноста? Одговорете си сами.

Прочитај и за ... >>  Политички (пре)групирања

Ја спомнав кулминативната, најчесто мошне болна точка на создавањето и живеењето. Во нашево време се доаѓа до неа побрзо или побавно во зависност од интересите и потребите на тн. „меѓународна заедница“.

Во нашево време токму благодарение на неа веќе сме во болната точка, или во една од многуте во кои допрва ќе „дојдеме“: создавањето на стварноста поради која „наскоро“ ќе влеземе во НАТО и ќе добиеме кандидатура за членство во ЕУ. Со стандарди далеку под евроатлантските, во сите области на нашево живуркање.

Претходен написПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII
Следен написПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here