Потребно време за читање: < 1 минута

99. И исто различно

Јас сум поет кој е во дружба
со сите богови на светот
деноноќно создателно.

Затоа многу ретко се случува
да испеам песна без збор
и без никаков знак за исто.

Напротив, секогаш тоа исто
е различно,
некогаш многу поразлично
од пред неа различното.

Секако дека знам зошто
ми се случува тоа
многу ретко;
поет сум во деноноќна
создателна дружба,
повторувам создателна
со сите богови на светот.

На пример, кога сум
создател во изгрев и залез
исто ми е различно
од првиот здив сосе народ
кој се надева дека баш јас
сум последниот
што може да го однесе
жив и живороден
преку пустота,
низ беспаќа
во нов предел за живот.

А досега многупати
докажав дека единствено
кога пеам за љубов
непорочна, таена,
блиска или далечна,
почнувам од крајот
на некоја пред неа,
па продолжувам
како никогаш
да не се случила
или ќе ми се случи
некогаш.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here