Потребно време за читање: < 1 минута

107. Од живот до пред смрт

И живот и смрт
наспоредни во траење
во воздив, во издив
на стена среде пустелија,
исто како среде игра
на ветришта во празнина.

Од живот почнува
сечие извишување
незапирно
помеѓу матни води
и мрачни бездни,
помеѓу искри небесни
и искри во зеници.

До пред смрт
ќе го бранам моето
единствено божество
на знакот, гласот,
словото и молкот,
заедно со сите други
божества на светот
собрани на самоти врв
на мојот идентитет.

Од живот до пред смрт
и живот и смрт
ме премалуваат,
ме безнадежат дека

ни најнакрај нема
да ја досоздадам
совршеноста.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here