102. Лична борба
Како сите поети
во дружба со сите
божества на светот,
од сите времиња,
јас во секое мое
сосе наше деноноќие
водам лична борба
со внатрешни
и надворешни сили
кои навалуваат
да ми ја разнебитат
суштината
на мојата живеачка
на мое парче земја:
Секогаш кога ќе посакам
да бидам макар мигум
на рид и во долина,
на врв и во удолнина;
крај мирна вода,
на буреносен облак,
на изгрев на сонце
и месечина,
во залезна виделина
и мрачнина.
Дали таа моја лична борба
ќе заврши со победа
или пораз,
зависи пред сѐ,
всушност најмногу
од мојата рамнотежа
додека се движам помеѓу
секакви гласови,
секакви шепоти,
секакви екоти
и секакви молчења;
зависи пред сѐ,
всушност најмногу
од мојата смирност,
од мојата возбуда,
од моето рамнодушие
од моето срце
и мојата свест
додека на човек
му вдахнувам самосвест.