Потребно време за читање: 4 минути

31.

Наместо да почне одново да ги препрочитува, по којзнае кој пат, собраните дела на Пруст или Кафка, внимателно, дело по дело, страница по страница, како што реши цврсто пред некоја вечер, вечерва Македон пак го зеде в раце малиот бележник-дневникот на Огнена, насловен „Моите љубови без доблести“. Што го остави во дрвениот ковчег на Сонцева, крај застаклената двокрилна библиотека во дневната соба со дела од антички историчари и филозофи.

Седна во фотелјата спроти, крај каминот со оган, и го прелиста задржувајќи се на пасусите и речениците што при читање ги беше подвекол со црвен молив:

„А и моите љубови без доблести биле и се секидневни, минливи и заборавни, па како такви сосем неважни. Од кои нема ништо за ука и поука, за пример. Или што-годе долготрајно во нив. Зар е можно сите да биле и да се такви? Ниедна да не била и да не е единствена, неповторлива, за паметење? Не знам. Всушност, знам! Сите биле такви на почетокот, кога ми почнувале и ми почнуваат надежно. Кога сум им се предавала и им се предавам со тело и душа, со сите сетила, заносно, дури изгубено. По некое време во некои мигови се раѓале, се раѓаат, надоаѓале, надоаѓаат доблести, особено во решителни и решавачки мигови. Но не се престорувале и не се престоруваат во нив со што би ми ја зајакнале индивидуалноста и би ми го затврдиле идентитетот“.

„…Да, моите љубови без доблести се мое трошење, и тоа мошне интензивно, секидневно. Трошење? Можеби е поточно исчезнување!

Ова е најточно: исчезнувам и скоро ќе исчезнам. Контрадикторно е тоа со љубовите? Нели тие го продолжуваат и едновремено го богатат животот? Моите не биле и не се тие! Тие се со доблести, се заедно со нив или се наспоредни. А моите се без нив. Најнапред без нивната сеопфатност, поточно суштественост-како чистота, непорочност, светливост и како смелост, доследност, недвојбеност“.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА X

„Значи, исчезнувам и скоро ќе исчезнам“.

„Јас:

-Да, вредностите на нашата љубов.

Тој:

-Токму тие се наши, единствени и неповторливи. Возбудите, нежностите, спокојот, рамновесието помеѓу стварниот и заумниот свет во кои сме некое време или мигум, и секако сексуалноста и сладострасјето. Јас во тебе не како освојувач на твоето тело, туку како сплотување на мојата и твојата животворност“.

„…Пак велам, суштината на многуте љубови е во вредностите наспроти половите и секакви други односи кои се полезни, бесполезни, целни, самоцелни, причински или последични. Еднакво важно е и нивното времетраење“.

Одново се сети на честите посети на Огнена на селото Мајден, родното на мајка ѝ Сонцева, ненајавени на никој од ближните. И како со воодушевеност, дури страсно му раскажуваше на секој од родот, со кого беше во нејзино слободно време, дека скришно, внимавајќи да не ја види никој од намерниците кои сѐ почесто се врткаа околу Алшар, влегувала во едно од окната. И дека често нагласуваше оти не може да си објасни што ја привлекува толку и зошто така.

Го прелистуваше бележникот-дневникот на Огнена не задржувајќи се на која било од педесетината густо испишани странички. Вниманието му го привлече страничката со текст насловен „Најголемата таена љубов на мајка ми“. Текстот:

„Овој дел од подолг текст за Александар III Македонски објавен на „Википедија“ на Интернет морам да го преземам:

Смрт и наследство

На 10. или 11. јуни 323 г. п.н.е. Александар починал во Вавилон. Тоа било само еден месец пред да наполни 33 години. Постојат различни теориии за причините на смртта. Некои сметаат дека Александар бил отруен од синот на Антипатер или од некој друг. Друга теорија е дека починал после пијанствата претходните денови. Други сметаат дека починал од маларија од која се има заразено во 336 г. п.н.е.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА X

Непосредно пред неговата смрт, неговите генерали го запрашале кој треба да го наследи неговото царство. Бидејќи Александар немал очигледен и легитимен наследник (неговиот син Александар IV ќе се роди после неговата смрт, а неговиот претходен син бил роден од страна на негова конкубина, не жена), тоа било прашање од голема важност. Постојат повеќе дебати за тоа што им одговорил Александар на своите генерали. Некои веруваат дека Александар рекол, „Кратисто“ (што значи „на најсилниот“) или „Крат’ерои“ (на силниот).

Но можеби Александар рекол, „Кратер’ои“ (на Кратер). Ова е сосема возможно бидејќи изговорот на „на силниот“ и „на Кратер“ на грчки јазик се разликува само во позицијата на акцентираниот слог. Повеќе учени веруваат дека Александар имал намера да избере некој од неговите генерали, а очигледен избор бил Кратер бидејќи тој бил командат на најголемиот дел од армијата и се докажал како брилијантен командат. После ваквиот одговор на Александар што им го дал на своите генерали, најверојатно Кратер бил убиен пред воопшто да биде во можност да организира церемонија по повод неговото назначување“.

На ова го надоврзувам исказот на историчарот Аријан:

„Во мојот преглед не постоел народ, ниту град, ниту еден единствен човек кој во тоа време не дознал за името на Александар. Од тие причини, јас сметам дека не без божја волја се родил овој човек, неспоредлив меѓу луѓето. На тоа, се говори, укажувале и пророштвата по Александровата смрт, различните визии и сништа видени од различни луѓе, почестите давани нему од луѓето до сегашни времиња, споменот кој тој го оставил за себе како вишо суштество; пророштвата кои и сега, толку време подоцна му се даваат од почит кон него, на македонскиот народ“.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА X

Што се однесува на тестаментот на Александар III Македонски, не верувам дека е откриен или ќе се открие скоро. Значи, имам големи резерви за деловите од него што наводно се најдени во стар ракопис познат како „Александрова романса“; книга со бајки и приказни за митските подвизи на Александар, а содржат историски фрагменти од неговите походи во Персиската империја. Добро, знајни се „Војните на наследнциите“ што по неговата смрт ги воделе генералите незадоволни од регионите што им ги оставил на управување; се бореле меѓусебно за контрола врз целата Империја.

Мене ми се многу поважни историското и културното наследство за Македонците.

А лорандитот?…А лорандитот?…А тој и походите, империјата, освојувањето на светот…А смртта на Александар, наследството, тестаментот од една, и во лорандитот најголемата таена љубов на мајка ми од друга страна?

Не, немам намера да истражувам. Впрочем, Сонцева никогаш не ми открила ништо за лорандитот како концентрирана сила на нејзината безвремена љубов и доблеста Александрова. Не со походите, освојувањата, империјата, неговото бестрашие, туку со човечкото, вековитоста, вкоренувањето и опстојот“.

Долго во ноќта Македон немееше потонат во мисли. Во нив постојано екотеа четирите темели на кои Сонцева крв инсистираше дека се суштествени за безвременоста на родот: енергијата, земјата, човекот и волјата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here