Социологија и демографија – врска или синтеза

Социологија и демографија - врска или синтеза

Демографија, социологија?! Лаик, веројатно, и денес би рекол дека станува збор за две науки од кои првата го проучува населението, а втората општеството. Овие, условно кажано, лаички дефиниции не се неточни, но тие се недоволни и редукционистички. Токму затоа, без да ги отфрламе, ќе се обидеме да укажеме како овие науки се согледуваат од еден поширок, социолошко-демографски агол, со цел да се избегне поедноставена слика, и за социологијата и за демографијата, особено во контекст на современите општествени процеси.

Социологија и демографија: поими, разлики и допирни точки

Ако се согледа настанокот и развојот на овие две дисциплини, но и коренитите општествени промени што им претходеле, станува јасно дека и социологијата и демографијата се израз на конкретни историски и структурни општествени потреби. Нивниот развој е условен од степенот на теоретско-методолошка зрелост на научната мисла, но и од подготвеноста на истражувачите да одговорат на предизвиците на своето време. Појавата на нови форми на научно сознание, во сите епохи, е детерминирана од општествените потреби и интелектуалните капацитети на човештвото, при што поединци успеваат да артикулираат проблеми кои веќе ја покажале својата историска тежина. Во тој контекст се појавуваат и науките кои се во фокусот на ова разгледување – социологијата и демографијата.

Јасно е дека овие две науки се разликуваат според својот предмет и метод на истражување, како и според својата теоретска основа, категоријален апарат и терминологија. Но, суштинското прашање што се поставува не е дали тие се различни, туку во каков причинско-последичен однос коегзистираат и меѓусебно се надополнуваат.

Прочитај и за ... >>  Урбан мобилијар - идентитетот и визуелната култура на современиот град

Интердисциплинарната поврзаност во анализата на населението

Теоретската, односно „чистата“ демографија, го проучува населението во општа и апстрактна смисла, со посебен акцент на квантитативните односи меѓу демографските појави – наталитет, морталитет, миграции, старосна структура и слично. Од друга страна, дисциплини како социологијата, економијата, социјалната политика, медицината и географијата ги анализираат овие структури и движења на населението за да ги објаснат пошироките општествени, економски и културни процеси, при што демографските варијабли играат клучна улога. Ова уште еднаш ја потврдува тесната интердисциплинарна поврзаност на демографијата со другите општествени науки.

Особено значајни се социолошките врски во објаснувањето на демографските промени, тенденции и законитости. Резултатите од демографските истражувања често претставуваат рамка во која се сместуваат одредени општествени појави и нивни трансформации, а тие рамки се релевантни и за анализите во други научни области. Денес, во услови на глобализација, забрзани миграции, стареење на населението и пад на наталитетот во голем дел од Европа, оваа меѓузависност станува уште поочигледна.

Односот помеѓу демографијата и социологијата е евидентен, бидејќи предмет на интерес на двете дисциплини е општеството, но позициите од кои тие го анализираат се различни. Како што истакнува Др. Душан Брезник, „структурите на населението, тенденциите на нивните промени и меѓузависноста со компонентите на движењето на населението се релевантни од аспект на социологијата при проучувањето на општеството и неговиот развој“ (Брезник, Демографија, Белград, 1977).

Современи демографски процеси низ социолошка призма

Од друга страна, современата демографија не може да ги објасни своите појави без вклучување на психо-социолошките, социо-економските и социо-културните фактори. Миграциите, на пример, претставуваат сложен општествен феномен кој е условен од образованието, економските нееднаквости, политичките фактори, етничките структури и условите на труд. Процесите како урбанизацијата, индустријализацијата и руралниот егзодус не само што ја трансформираат демографската слика, туку директно придонесуваат за развојот на урбаната социологија, каде демографските проекции се неопходна истражувачка основа.

Прочитај и за ... >>  Очите зборуваат

Токму преку ваквите примери станува јасно дека демографијата и социологијата имаат длабоки и трајни врски – и во минатото и во современиот контекст. Демографијата, со својата емпириска и статистичка граѓа, ѝ помогнала на социологијата во зајакнувањето на нејзиниот дескриптивен и аналитички карактер. Истовремено, демографијата не може да ја игнорира улогата на социологијата, која преку анализа на општествените односи, културните модели и вредносните системи придонесува за подлабока експликација на демографските процеси и структури.

Овој кус есеј не претендира да ја прикаже целосната слика на односите меѓу овие две дисциплини. Тој нуди само рамковен увид, кој може да послужи како основа за подлабоки истражувања и идни студии – задача што, во оваа фаза, со задоволство им се остава на оние кои подетално и систематски се занимаваат со оваа проблематика.

Користени извори:

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.