Потребно време за читање: 6 минути

Јакнењето на стратешкото партнерство помеѓу САД и Турција, повлекувањето на американските трупи од Ирак, состојбата во Авганистан и новите настани на Блискиот исток, како и односите на Турција со Ерменија, се главните теми на средбите на американскиот претседател со турските челници. Главна негова заложба е да се искористи нејзиното растечко влијание во регионот и исламскиот свет.

Европската турнеја на Обама, меѓу другото, ќе биде запаметена и според поддршката што и ја даде на кандидатурата на Турција за членство во ЕУ, повикувајќи го Брисел да ја прифати. На обраќањето на самитот на ЕУ и САД во Прага тој јасно порача дека придружувањето на Анкара би било „важен сигнал“ кој „би ја усидрил“ Турција во Европа. Притоа додаде дека членството на Турција би му бил добар сигнал на муслиманскиот свет.

Париз и Берлин не ја примија добро идејата за влез на претежно муслиманската држава во европското семејство, па тамошната јавност приговара дека Обама не баш сосема добро „се снашол на непознатиот терен“. Аналитичарите, пак, сметаат дека е тој сосема во право кога ја истакнува начелната потреба од влегување на Турција во ЕУ, што би било исклучителен поттик на односите на Европа со муслиманскиот свет. Европа повеќе не би била ексклузивен христијански клуб, а влијанието на умерените турски муслимани би било противтежа на исламските сепаратисти какви што денес ги има во Холандија и Британија. Од друга страна, изгледите за членство би ги забрзало реформите во Турција, без оглед колку биле бавни. Европа добива, а не губи со етничка, традициска и верска разновидност. Обама истакна дека турското членство во Унијата повторно би ги проширило и зајакнало темелите на Европа, но, заклучуваат тие, на ниеден европски граѓанин не му е во интерес ЕУ да ја тресне вратата пред носот на Турција.

И додека претседателот на Европската комисија, Хозе Мануел Баросо, ги поздрави „јасните изјави“ на Обама, претседателот на Франција, Никола Саркози, изјави дека, кога е во прашање членството во ЕУ, на земјите членки е да одлучат и оти „огромно мнозинтво“ на европски земји се противи на членството на Турција.

Посебно се цитира францускиот министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, дека повеќе не заговара членство на Турција во Европската унија зашто останал „мошне шокиран“ од турските притисоци против изборот на Данецот Андерс Фог Расмусен за Генерален секретар на НАТО:

„Јас бев приврзаник на влезот на Турција во ЕУ, но на тоа веќе не сум наклонет по самитот на НАТО во Стразбур, кога Турција се противеше на изборот на данскиот премиерт Расмусен за Генерален секретар на НАТО, но во завршницата попушти со комбинација на американски притисоци и гаранции. Бев мошне шокиран од таквиот облик на притисоци“.

Прочитај и за ... >>  Одложен датумот за преговори за членство во ЕУ

Потсетувам, Туција му забележа на данскиот премиер оти одби да се извини за објавувањето на карикатури со ликот на пророкот Мохамед во данскиот печат во 2005- та година, како и тоа дека од Данска се емитува програма на телевизија на Курдската работничка партија (ПКК).

При пристигнувањето во Анкара Обама изјави дека се обидува да укаже на важноста на Турција не само за САД, туку и за светот; дека таа претставува крстосница помеѓу Истокот и Западот:

„Тоа е земја која има извонредно богато наследство и претставува мешавина од антички традиции и модерна држава која ја почитува демократијата, го почитува законот и се стреми кон модерна економија“.

Во обраќањето на турскиот Парламент Барак Обама потенцира дека Америка не војува со исламскиот свет:

„САД не се во војна со исламскиот свет, а односите на Вашингтон и тој дел од светот не смеат да бидат видени низ борбата против Ал Каеда“.

Патем, посетата со големо внимание се следеше во исламскиот свет кој немаше поголема доверба во неговиот претходник Џорџ Буш.

Обама го пофали учеството на Турција во НАТО, но уште еднаш остро го осуди турското злосторство над Ерменците сторено на почетокот од 20- от век, но не со остри зборови, избегнувајќи го зборот геноцид. Во тој контекст дипломатски го пофали учеството на Абдула Ѓул во преговорите на Турција и Ерменија кои се обидуваат да ја решат поприлично големата листа на меѓусебни недоразбирања, помеѓу кои е и спомнатото злосторство на повеќе од 1,5 милиони Ерменци во време на отоманска Турција. Шефот на Белата куќа им даде поддршка на разговорите на двете држави.

„Ако тие не можат да се носат со трагичната историја, мислам дека целиот свет треба да им помогне да ја надвладеат“.

Иако многумина научници истакнуваат дека тоа е првиот геноцид на 20- от век, Турција никогаш не ја признала таа квалификација тврдејќи дека бројката на убиени е преувеличена, а станува збор за жртви на граѓанска војна и на уапсени.

Во разговорите со турскиот претседател Ѓул и премиерот Таип Ердоган е истакната важноста на прашањето на Авганистан и Пакистан, како и начинот на кој Турција, освен во воена сила и во цивилна ќе помогне жителите на Авганистан да почнат да живеат посигурно и попросперитетно. Иако таа има мал контингент, нејзиното учество во меѓународната мировна мисија има симболичко значење во исламскиот свет, зашто Турција се бори токму против она што не е ислам- исламскиот екстремизам.

Прочитај и за ... >>  Милчо Манчевски: „Македонија- вечна“

Претседателот Обама ги призна тензиите што постоеја помеѓу САД и Турција, но и истакна дека односите се поправаат оти обете држави делат исти вредности:

„Не се вреднува според тоа дали сме христијани, Евреи или муслимани, туку според тоа како, како народи, создаваме идеали и вредности. А Турција има слични принципи како и САД“.

Американскиот претседател учествуваше и на втората по ред „Алијанса на цивилизациите“, меѓународен форум на ОН за премостување на разликите помеѓу исламскиот свет и Западот, со кој заеднички претседаваа Турција и Шпанија. Се работи за иницијатива започнта во 2008- ма година во шпанската престолнина Мадрид, а е позната како најголема меѓународна иницијатива која има за цел да го прошири мултикултурниот дијалог. На панелите беа расправани теми како трговијата во мултинационалните средини, државјанството во еманципираното општество, интеграцијата на доселениците, важните фактори во развојот на мултикултурниот дијалог, како и проширувањето на улогата на жената во мировните и културните иницијативи.

Барак Обама во Истанбул се сретна со верските поглавари во муслиманска Турција, ерменскиот патријарх Месроб II, истанбулскиот главен рабин Исак Халев, претседателот на мешихатот на Истанбул, муфтијата Мустафа Цагризи, и поглаварот на сириската православна црква во Турција, Јусуф Цетин. Притоа ги повика верниците да му се спротивстават на екстремизмот. Порача дека се заложува за воспоставување на палестинка држава покрај израелската, што е порака на муслиманите во светот оти пријателството со нив на Амриканците им е клучно во напорите да ги победат повторно зајакнатите талибанци и Ал Каеда.

Поради добрите дипломатски врски со Израел, Иран, Ирак и Сирија, Анкара може да им помогне на САД да ја намалат напнатоста со Иран и Сирија, со кои Обама сака дијалог откако односите сериозно ги наруши неговиот претходник Џорџ В. Буш.

Во Истанбул Обама ги посети Историскиот центар и Аја Софија, како и џамијата на Султан Ахмед, попозната како Сина џамија, а во разговорот со студентите ја пофали „посебната позиција (на Турција) во муслиманскиот свет. Таа влада е верска, но и демократска“.

Се појавија и првите коментари во кои се потенцира дека посетата на претседателот на САД на Турција и најавата на новите односи помеѓу Вашингтон и Анкара во многу што се разликуваат од односите на Европската унија спрема таа земја.

Прочитај и за ... >>  Модерен лидер: храбар и/ или харизматичен

Шефот на редакцијата на Дојче веле на турски јазик, Гунгор Баха, во својот коментар оцени дека најважната порака на Обама на Турција е дека таа го зазела своето место во западниот свет. Врската помеѓу Турција и Европа не се заснова на мостовите над Босфор, туку на културната и етничката шареноликост во Европа како „извор на сила“. Обама тоа го поврза со растечкото значење на исламот во светската политика. Партнерството со исламот врз база на обострано почитување е од огромно значење. А на Иран, како директен сосед на Турција, Обама му порача дека може да избира помеѓу благосостојба за иранското население или оружје.

Посебно значење има ставот на Обама за забранетата „Работничка партија на Курдистан“ (ПКК). Тој не го дели мислењето на Европјаните споредувајќи ја со Ал Каеда- обете имаат за цел со терористички акции да го поделат Ирак, па затоа САД ќе ја поддржат борбата на Турција против ПКК.

Обама покажа како треба да се однесува спрема таа исламска земја, која во многу нешта е на страната на Западот. Токму поради заедничките интереси, членките на ЕУ се советувани да не ја доведуваат во секоја прилика во прашање припадноста на Турција кон европското семејство: „Било да е реално или не американското залагање за пристап на Турција кон Унијата, Обама со добар пример покажа како треба да изгледа средба со Турција на рамноправна нога“.

Од посетата на Барак Обама на Турција ќе биде забележано и апсењето на еден маж од сириско потекло поврзан со планот за атентат врз американскиот претседател. Портпаролот на американската служба „Сикрет сервис“, Ед Донован, соопшти дека лицето кое го планирало нападот против Обама било приведено од турската полиција на 3- ти април.

„Обама пристигна во Турција од Прага на 5- ти април и тогаш немаше никаква непосредна опасност за него“, забележа Донован, но одби да даде дополнителна информација за апсењето.

Турското електронско издание „Хабертурк“ во неделата соопшти дека турската полиција привела Сириец, кој планирал атентат врз Барак Обама, претставувајќи се како новинар од катарската телевизија „Ал Џезаира“. Мажот со иницијали М.Г. признал дека имал намера да го избоде со нож американскиот претседател за време на говорот на Обама во хотелот „Чераган“ во Истанбул, на форумот „Алијанса на цивилизациите“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here