Американската држава не се родила само од една војна, ниту од една декларација, ниту од генијот на еден човек. Таа произлегла од необичен историски спој на револуција, просветителски идеи, политички прагматизам, дипломатски маневри, компромиси и длабоки општествени противречности.
Зад тој процес стоела цела генерација луѓе што подоцна ќе биде именувана како „Татковците основачи“ на Соединетите Американски Држави. Во неа припаѓале Џон Адамс, Џејмс Медисон, Александар Хамилтон, Џон Џеј, Џорџ Мејсон и други. Но меѓу најпрепознатливите фигури остануваат тројца луѓе кои на различен начин го отелотворуваат американското основање: Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон и Бенџамин Френклин.
Вашингтон бил војникот што станал државник и прв претседател. Џеферсон бил политичкиот мислител кој го формулирал јазикот на независноста и природните права. Френклин бил научникот, печатарот и дипломатот кој на американската револуција ѝ помогнал да добие меѓународна тежина.
Тие биле различни по темперамент, образование, политички погледи и животен пат. но ги обединило едно големо историско прашање:
Како од побунети колонии да се создаде република способна да преживее?
Америка пред Америка: кога колониите решија да станат држава
Американската револуција не започнала со однапред изграден план за државата што денес ја познаваме како Соединети Американски Држави. Тринаесетте британски колонии имале различни економски интереси, локални идентитети и политички традиции. Нивното незадоволство од британската власт постепено се претворило во барање за независност.
Декларацијата за независност од 1776. година го формулирала политичкото раскинување со британската круна, но победата во Револуционерната војна не го решила прашањето каков политички систем треба да ја замени империјалната власт.
Првиот американски сојуз бил организиран според Членовите на Конфедерацијата, систем во кој централната власт била многу слаба. Конфедерацискиот конгрес немал доволно механизми да ги спроведува сопствените одлуки, да ја регулира трговијата или сигурно да обезбедува приходи. Токму тие слабости биле дел од причините поради кои во 1787. година била свикана Уставната конвенција во Филаделфија.
Од 55-мина делегати што учествувале на заседанијата, 39-мина на крајот го потпишале Уставот. Џорџ Вашингтон претседавал со Конвенцијата, Бенџамин Френклин бил нејзиниот најстар делегат, а Томас Џеферсон во тоа време бил американски дипломат во Франција и затоа не присуствувал.
Токму во тоа треба да се бара суштината на американското основање: револуцијата требало да се претвори во институции.
Џорџ Вашингтон – авторитетот што мораше да стане институција
Џорџ Вашингтон во американската историја најпрво се појавува како воен водач. Како врховен командант на Континенталната армија ја предводел американската борба за независност против Британската империја. По завршувањето на војната, наместо да ја претвори воената слава во трајна лична власт, ја напуштил командата и се вратил во приватниот живот. Неколку години подоцна повторно бил повикан во центарот на политичките случувања.
Вашингтон во Филаделфија
На Уставната конвенција од 1787. година Вашингтон бил едногласно избран за претседавач. Националниот архив на САД наведува дека неговото присуство ѝ давало дополнителен авторитет и легитимитет на Конвенцијата во момент кога делегатите се обидувале да создадат сосема нов модел на федерална власт.
Вашингтон не бил главниот автор на Уставот. Џејмс Медисон, Александер Хамилтон, Џејмс Вилсон, Гувернер Морис и други одиграле огромни улоги во неговото интелектуално и правно обликување. Вашингтон имал нешто друго – довербата што ја носел неговиот статус на командант на револуцијата. Неговото присуство било политичка порака дека новиот федерален систем не претставува враќање кон монархијата против која Американците се бореле.
Претседател без претходник
Во 1789. година Вашингтон станал прв претседател на Соединетите Американски Држави. Тоа е факт што денес звучи едноставно, но тогаш бил институционален експеримент. Пред него немало американски претседател од кого можел да преземе воспоставени правила на однесување. Со секоја своја постапка тој практично создавал преседан: како претседателот комуницира со Конгресот, како функционира кабинетот, каква церемонијална дистанца треба да постои околу функцијата и до каде се протега авторитетот на извршната власт. Mount Vernon забележува дека голем број практики воспоставени во неговото претседателство подоцна станале дел од американската политичка традиција.
Можеби најсимболичниот преседан дошол на крајот. По осум години на функцијата, Вашингтон се повлекол.
Традицијата на два претседателски мандата што произлегла од тој пример траела сè до Франклин Д. Рузвелт, а ограничувањето конечно било внесено во Уставот со XXII амандман, ратификуван во 1951. година. Со тоа била зацврстена една суштинска републиканска идеја: државната функција не му припаѓа на човекот што ја извршува.
Вашингтон и големата противречност на слободата
Портретот на Вашингтон не би бил историски целосен без ропството. Вашингтон бил сопственик на поробени луѓе. Во 1799. година на Mount Vernon живееле 317 поробени лица; 123 од нив биле негова директна сопственост, додека другите биле поврзани со имотот Custis и тој немал законско право самостојно да ги ослободи. Во тестаментот предвидел лицата што ги поседувал да бидат ослободени по смртта на неговата сопруга Марта. Тоа не ја поништува реалноста дека неговото богатство и плантажниот живот биле дел од системот на ропство, но покажува дека неговиот однос кон тој систем се менувал.
Ваквите противречности ја прават американската основачка генерација многу покомплексна од нејзината подоцнежна митологија.
Томас Џеферсон – човекот што ѝ даде зборови на револуцијата
Ако Вашингтон бил нејзиниот воен и државнички авторитет, Томас Џеферсон станал еден од најзначајните идеолошки гласови на американската револуција. Неговото најтрајно политичко наследство започнува со еден текст: Декларација за независност.
Џеферсон бил главниот автор на нацртот што Конгресот потоа го изменувал и усвоил во 1776. година.
Кога политичкиот спор станува универзална идеја
Американските колонии можеле едноставно да објават дека се одвојуваат од Британија. Декларацијата отишла подалеку. Таа го поставила прашањето за политичката власт во принцип: од каде таа ја добива легитимноста?
Во неа се тврди дека луѓето имаат неотуѓиви права и дека власта ја добива својата оправданост од согласноста на оние со кои управува. Со тоа конкретната американска побуна добила поширок филозофски јазик.
Во срцевината веќе не било само прашањето: дали Британија има право да владее со колониите, туку гога воопшто една власт има право да владее со човекот?
Оваа промена е суштинска: го претвора документот од политичко објаснување за американското одвојување во еден од највлијателните текстови на модерната политичка историја.
Џеферсоновиот парадокс
Кај Џеферсон противречноста меѓу идејата и животот станува особено силна. Човекот што го формулирал принципот на човечка еднаквост бил доживотен сопственик на поробени луѓе. Историскиот центар Monticello, посветен на Џеферсон и луѓето што живееле и работеле на неговиот имот, нагласува дека неговиот живот бил материјално зависен од системот на ропство, иако тој во различни моменти го критикувал самиот институт. Тоа е еден од најдлабоките парадокси во американското основање.
Човек може да формулира универзален принцип, а самиот да не живее според неговите целосни последици. Меѓутоа, политичките идеи понекогаш го надживуваат својот автор.
Зборовите за еднаквоста и природните права подоцна ќе бидат употребувани во политички и општествени борби што основачката генерација ниту ги решила, ниту можела целосно да ги предвиди. Така Џеферсоновата Декларација станува и мерило според кое може критички да се преиспитува самиот Џеферсон.
Бенџамин Френклин – разумот, науката и дипломатијата на новата Америка
Ако во една личност требало да се собере интелектуалната љубопитност на XVIII век, Бенџамин Френклин би бил еден од најсоодветните примери. Тој не бил само политичар. Бил печатар, издавач, писател, научник, експериментатор, пронаоѓач, организатор на јавни институции и дипломат. Затоа претставува поинаков тип основач.
Кај него политиката не била одделена од практичниот живот, науката, трговијата и образованието.
Френклин во Париз – револуцијата бара сојузници
Американската независност не можела лесно да се извојува без меѓународна помош. Британската империја располагала со огромни воени, економски и поморски ресурси. Франција, како британски геополитички соперник, била природен потенцијален сојузник.
Френклин бил испратен во Франција во 1776. година, а неговата дипломатска работа станала една од најважните американски мисии во текот на војната. На 6. февруари 1778. година Франција и Соединетите Држави ги потпишале договорите за пријателство, трговија и воен сојуз против Британија. Тоа било од огромно значење.
Америка повеќе не била само група бунтовни колонии. Добила меѓународен сојузник.
Дипломатијата ја завршува она што го започнала војната
Френклин подоцна учествувал и во мировните преговори со Британија.
Парискиот договор од 1783. година формално ја завршил Американската револуционерна војна, а Британија ја признала независноста на Соединетите Држави. Меѓу американските преговарачи и потписници биле Бенџамин Френклин, Џон Адамс и Џон Џеј. Френклин со тоа покажал нешто што важи за многу историски револуции: воената победа сама по себе не е доволна. Потребна е и дипломатија што ќе ја претвори победата во меѓународно признат политички поредок.
На 81 година во Филаделфија
Во 1787. година Френклин повторно се нашол во центарот на американската историја. Како делегат на Пенсилванија учествувал на Уставната конвенција. Имал 81. година и бил најстариот меѓу 55-темина делегати што присуствувале на заседанијата.
Во оваа фаза од животот неговото значење не произлегувало само од конкретните политички предлози. Тој бил еден од живите симболи на целата американска револуционерна генерација – човек што учествувал во подготовката на Декларацијата, во дипломатијата со Франција, во мировниот договор со Британија и сега во создавањето на новиот Устав.
Френклин и ропството – промена на сопствениот став
И Френклин имал сопствена сложена историја со ропството. Во еден период и самиот поседувал поробени луѓе. Но неговите погледи се менувале, а кон крајот на животот станал активен во движењето против ропството.
Како претседател на Pennsylvania Society for Promoting the Abolition of Slavery во февруари 1790. година потпишал петиција до Конгресот против ропството. Умрел само неколку недели подоцна. Тоа е уште една потврда дека ниту „Татковците основачи“ не претставуваат статична група луѓе со еднаш засекогаш оформени погледи. Некои од нив се менувале заедно со времето – а понекогаш и против сопственото претходно однесување.
Тројца основачи – три различни функции на една револуција
Вашингтон, Џеферсон и Френклин можат симболично да се разберат како три различни сили што ѝ биле неопходни на новата држава.
Вашингтон – авторитетот. Без воена дисциплина и без политичка доверба, револуцијата можела да заврши како хаос или распад.
Џеферсон – идејата. Без политички јазик што ќе објасни зошто независноста е легитимна, револуцијата можела да остане само борба за власт.
Френклин – практичниот разум. Без дипломатија, компромис, меѓународна поддршка и способност за договарање, идеите и воените победи можеле да останат без траен резултат.
Вистинската историја е покомплексна од овие симболични улоги. Ниту еден од тројцата сам не ја создал Америка. Тоа е можеби најважната поента.
Американската држава не ја создал консензусот – туку организираното несогласување
Основачката генерација многу често се претставува како група мудри луѓе кои седнале во една сала и се согласиле околу иднината. Историски сликата е поинаква. Тие жестоко се разликувале. Спореле за силата на централната власт, даноците, трговијата, претставувањето на државите, извршната власт, надворешната политика, банките и многу други прашања. Дури и самиот Устав е резултат на серија компромиси меѓу различни интереси. Националниот архив забележува дека делегатите дошле во Филаделфија со многу различни ставови и интереси, а создавањето нова централна власт предизвикало силна дебата и подоцна во процесот на ратификација.
Генијалноста на системот, според неговата сопствена логика, не била во очекувањето дека несогласувањата ќе исчезнат, туку во обидот тие да бидат институционализирани.
Да има претседател – но и Конгрес. Конгрес – но и судство. Федерална власт – но и сојузни држави. Мнозинство – но и уставни ограничувања.
Тоа е политичката архитектура на недовербата кон концентрацијата на моќ.
Големата сенка над основачката епоха – кој навистина бил слободен?
Приказната за американската слобода има и друга страна. Новата република не започнала како универзална демократија во современа смисла.
Жените немале еднакви политички права. Ропството останало институционализирано. Домородните народи биле изложени на територијално потиснување и подоцнежна експанзија. Политичките права биле ограничени на начин што големи групи жители ги оставал надвор од практичната примена на декларираните принципи. Затоа зборот „слобода“ во 1776. година не значел исто за секој човек што живеел на северноамериканскиот континент. Тоа е неопходна историска корекција на романтизираната слика за основањето.
Се појавува уште еден парадокс: основачките документи создале јазик кој подоцнежните генерации можеле да го употребат за да бараат проширување на правата врз луѓето кои првично не биле опфатени со нивната целосна практична примена. Така американската историја во значителна мера ќе стане долга расправа меѓу ветувањето на основачките принципи и реалноста на нивната примена.
„Татковците основачи“ – луѓе или мит?
Секоја голема држава создава митови за сопственото потекло. Америка не е исклучок.
Вашингтон станал речиси архетип на националниот татко. Џеферсон – пророк на слободата. Френклин – олицетворение на практичниот американски гениј.
Историскиот пристап бара нешто повеќе од восхит или осуда. Бара контекст.
Вашингтон може истовремено да биде човекот што поставил важни претседателски преседани и сопственик на поробени луѓе. Џеферсон може да биде авторот на еден од највлијателните текстови за политичката слобода и човек чиј живот бил економски поврзан со ропството. Френклин може да има сопствена историја со ропството и подоцна да стане активен противник на институцијата.
Историјата не бара од нас да избереме само една од тие вистини. Бара да ги видиме заедно.
Од револуција кон институција
На крајот, можеби најважниот придонес на американската основачка генерација не е тоа што создала завршена демократија. Не создала. Создала политичка рамка што можела да се менува.
Американскиот Устав воспоставил федерален систем, поделба на власта и механизми преку кои самиот уставен поредок може да се дополнува со амандмани. Уставот бил потпишан на 17. септември 1787. година, а неговата ратификација потоа започнала низ сојузните држави. Тоа значело дека државата не била замислена како нешто еднаш засекогаш завршено.
Институциите можеле да преживеат подолго од нивните творци, а принципите можеле да добијат пошироко значење од она што некои од нивните автори во сопственото време биле подготвени да го применат.
Незавршената реченица на американското основање
Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон и Бенџамин Френклин одамна не се само историски личности. Тие станале симболи во долготрајната расправа за тоа што всушност значи една република.
Вашингтон го поставува прашањето за односот меѓу човекот и власта. Џеферсон – за односот меѓу слободата и еднаквоста. Френклин – за односот меѓу идеалите и практичниот разум.
Нивната епоха остава и уште потешко прашање: може ли една држава навистина да се нарекува слободна ако принципите што ги прогласува не важат еднакво за сите?
Американската историја што следела во наредните два ипол века во голема мера претставува обид повторно и повторно да се одговори на тоа прашање. Затоа „Татковците основачи“ не треба да се гледаат ниту како недопирливи бронзени статуи. ниту само како збир од нивните противречности. Тие биле луѓе на XVIII век што се обиделе да создадат политички систем способен да го надживее сопственото време.
Во тоа е нивното историско наследство. Не во тоа што ја завршиле приказната за американската слобода, туку во тоа што ја започнале.










