Потребно време за читање: 3 минути

Дали се реални проценките на премиерот Јанез Јанша дека неговата владејачка партија ќе извојува надмоќна победа на годинашниве избори што ќе се одржат на 21-ви септември? На што се темели неговото ветување дадено минатата недела, претставувајќи ги партиските кандидати за 88 пратенички места во Државниот збор? Помеѓу нив се и речиси сите досегашни министри во Владата на Јанша, а шефот на дипломатијата Димитриј Рупел, кој изборите пред 4 години ги изгуби во Љубљана, сега ќе се кандидира во Илирска Бистрица. Премиерот смета дека Рупел и натаму ќе биде министер за надворешни работи, а во СДС-овата надворешно- политичка програма може да се најде и ветувањето дека „одговорната словенечка политика мора да ги издржи сите видови на притисоци и притоа да истрае граничните прашања да се решат пред влегувањето на Хрватска во ЕУ“.

Дека Јанез Јанша ќе победи и на овие избори се убедени 17,4% од учесниците во анкетата што Телевизија Словенија ја објави истовремено со извештајот за претставувањето на СДС-овските кандидати.

Меѓутоа, и покрај таквата поддршка 54% од истата група на испитаници изјавиле дека сегашната политика на Владата на десниот центар не ја поддржуваат, а 67,6% велат дека пред 4 години, на крајот од мандатот на Владата на левиот центар на Антон Роп, живееле подобро отколку денес.

Прочитај и за ... >>  Позитивни економски движења во Македонија

Втора според јачината, со 10% гласови, стана опозиционата Социјалдемократска странка (СД) на словенечкиот еврозастапник Борут Пахор, кој само со странките на левиот центар Зарес и ЛДС би можел да добие добра петтина од гласовите на словенечките избирачи.

Прагот на влегување во Парламентот би го поминала и Словенечката национална партија (СНС) на Змаго Јелинчич.

Кампањата за парламентарните избори во Словенија започна со телевизиски дуел на премиерот Јанез Јанша и неговиот опонент Борут Пахор, но претходно вниманието на јавноста го сврте една шега на Јанша. Премиерот го цитирал американскиот режисер и комичар Вуди Ален, сакајќи да каже дека е политички и лидерски поспособен од својот ривал. Имено, Јанша на една средба на неговите пратенички кандидати изјавил дека Социјалдемократите на Пахор нудат едноставни решенија за тешки прашања и оти тврдат дека имаат одговори за сите проблеми, иако се уште не ја претставиле својата програма, поради што тоа го потсетило на изјавата на Вуди Ален: „Не го знам прашањето, но одговорот е сосема сигурно – секс!“.

Прочитај и за ... >>  Лисабонскиот договор не е доведен во прашање

Пахор на таквата изјава одговори дека станува збор за неуспешен обид на сегашниот премиер да биде духовит.

Инаку, право на глас на изборите имаат околу 1,7 милиони гласачи, а трошоците за предизборната кампања не смеат да надминат 0,40 евра по гласач. Партијата која ќе има листи на кандидати во сите изборни единици во кампањата ќе може да потроши најмногу 680.000 евра.

Мошне интересни ставови за претстојните избори изнесе првиот словенечки претседател Милан Кучан (има 67 години), кој се уште ужива голем углед и авторитет: по 4- годишниот мандат на Владата на десниот центар на Јанез Јанша, Словенија е сега повеќе одошто кога било досега политички поделена, а наместо политички поделби потребни и се развојни реформи, за што партиите на левицата имаат доволно заедничка политичка сила.

Во интервју за мариборскиот весник „Вечер“, Кучан изјавува дека на Словенија сега и се потребни реформи на политичко, економско и социјално поле, „а мислам дека партиите на левицата имаат доволно заедничко таквите реформи да ги придвижат и остварат“. За актуелната владејачка коалиција тој вели дека со кампањата против тајкуните го покажа својот однос спрема надзорните општествени механизми, судството и медиумите.

Прочитај и за ... >>  Поблиску до или уште подалеку од организаторот на атентатот врз Глигоров

„Кога ја жртвуваш државата за да преживееш политички, останува паролата дека за неа е добро она што е за мојата партија, а тоа е гесло на авторитативни системи“, потенцира Кучан.

Зборувајќи за медиумската сцена, тој оценува дека е „разурната“ и поради филозофијата на министерот за надворешни работи Рупел дека изборите им даваат на победниците мандат за уредување на медиумите. Го нагласувацелосниот надзор на власта над националната информативна агенција (СТА) и јавниот РТВ.

Милан Кучан пред 6 години се повлече од активниот политички живот, но вели дека не му е сеедно во каква земја живее. Тврдењето дека е ментор на левицата тој го отфрла. Сепак, ја поддржува намерата на лидерот на Социјалдемократската партија Борут Пахор на есенските избори на премиерското место да го смени Јанша.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here