Потребно време за читање: 4 минути

Очигледно е дека актуелната опозицијa (пред се СДСМ) од ден на ден зема се поголем „замав“ во својата „конструктивна“ активност, едновремено обидувајќи се да се соземе од претрпениот шок поради катастрофалните порази на претседателските и локалните избори (да се престрои во од). Дури не води сметка дека е едноставно неможно, „неприродно“ да се смени власта, да се преврти расположението на граѓаните кон неа за само месец- два.

Зоран Заев од СДСМ јавно ги повика граѓаните веднаш да ја сменат бидејќи, парафразирам, и удрила власта в глава. Како да се работи за некоја нова, а не истата пред изборите, само сега многу посилна и поцврста. Пред некој ден, коментирајќи ги новите владини антикризни мерки, тој, за разлика од експертите и бизнисмените, оцени дека тие не нудат помош за стопанството, а „истури“ и еден „бисер“ на економски дилетант: дека ребалансот на Буџетот е мерка за мало освестување на Владата, но и оти „слободно може само да се констатира дека владиниот економски дрим тим не само што не знае како да и помогне на македонската економија, туку очигледно и не сака“.

Опозицијата, пред се СДСМ, својата „конструктивност“ ептен ја докажува и со мошне „инвентивно“ наречената „лопата маркетинг“, што ја „држеше в раце“ Груевски и „неговите“ во предизборната кампања. Имено, заборава дека и таа, во за неа подобри времиња (кога беше на власт) применуваше сличен, би можеле да ја наречеме „камен маркетинг“ (многу посоодветно). Со други зборови, таквиот маркетинг и за неа и за нас, макар со скромно паметење, не е ништо ново. Но многу поважна е непромисленоста поради што постојано „тресе зелени“. Да се признае дека „лопата маркетингот“ е еден од клучните поради доживеаниот катастрофален пораз на изборите (на што се сведува критиката) е не само непромислено, неконструктивно, туку и самоунижувачко.

Прочитај и за ... >>  „Бомбата“ на Заев-вежбовна!

Што се однесува на „замавот“ односно „залауфаноста“ (во „прашалниот“ наслов на прилогов), таа е само нејзин „параван“ за она што всушност го работи на „теренот“- создавање на „клима“- ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори, можеби во септември или до крајот на годинава. Во тоа и помага и самата Влада со видливото, во голема мера изнудено (од економската криза) „смирување“, па и забавување на „преродбенските“ чекори.

А во „далечната“ 2005- та година (19.11.), кога сегашната опозиција беше на власт, токму под горниот наслов, но и со поднаслов „Што не ја оставиш власта на мира да владее?“, го објавив прилогов што го нудам на (пре)прочит. Напомнувам, на „чело“ на тогашната опозизија беше ВМРО- ДПМНЕ.

Следејќи внимателно што се случува на македонската политичка сцена во последно време, неспорен е заклучокот дека е веќе започната, се разбира неофицијално, предизборната кампања за парламентарните избори идната, 2006- та година. Ниту прерано, ниту предоцна, туку, напротив, реална е оценката на политичките актери дека започна „во вистинско време“. Од едноставна причина: нема многу време за чекање оти предолго трае времето за „плачење“.

Како се одвива таа? Засега, во фудбалски жаргон, „на прва“, а веројатно со почетокот на есента и „на втора“ („на трета“ веројатно од почетокот на идната година или поточно идната пролет).

Прочитај и за ... >>  Ако не не европеизираа досега, што ни правеа?

Предизборната кампања или, „поблаго“ речено, политичкиот предизборен маркетинг „на прва“ се игра преку речиси секојдневни прес конференции на опозиционите партии, одвреме- навреме, а во последно време и почесто на некоја од позиционите односно од коалиционите (на пример, се почесто ЛДП како „истурен фронтмен“ на власта), потоа одговори на „нападите“ преку соопштенија, исто така со мошне „напалени“ зборови (на пример, од владиниот Секретаријат за информации кој, на посреден начин, одговара во името на СДСМ односно коалиционите партии на власт). И, најинтересното, изнесување на „најсилниот“ аргумент: „извонредните“ резултати на стопански план, искажани со некогаш и „фантастични“ податоци од Заводот за статистика на РМ (што ќе рече податоци во кои малкумина веруваат оти се во директна спротивност со реалноста- стварноста).
А има и една „трета страна“ која во овие политички бранувања е можеби и најважната и најсилната. Според улогата за перспективата на нашата земја и најрелевантна: меѓународната заедница или, земена „потесно“, ЕУ, уште „потесно“ Брисел. Таа, како најрелевантна и најреална, се јавува речиси без исклучок со забелешки или негативни оценки за севкупните состојби, особено во однос на корупцијата, „независното“ ни судство, бизнис- амбиентот, невработеноста, сиромаштијата, инвестициите, јавноста, медиумите, независноста, слободата и слични „општи места“.

Она на што сакам да укажам во овој прилог, што има пред се за цел да констатира една состојба односно политичка ситуација, а која според сите „указанија“ допрва ќе се „усложнува“ со почетокот на есента (има ли некои „засегнати“ кои досега не најавија дека од септември ќе стапат во генерален штрајк?), е следново: рејтингот односно довербата на народот, на граѓанинот е на катастрофално ниско ниво и кога станува збор за оние во позиција, односно во власта, но и за оние во опозиција. Со тенденција на натамошно паѓање. Тоа, пак, и е сосема јасно на „третата“ страна и повеќе од сигурно е оти нема да стои настрана. Според некои сознанија и индиции, веќе не стои, туку е во „динамична акција“.

Прочитај и за ... >>  Уште една недоветност на СДСМ

Дали се само новинарски (и не само новинарски) шпекулации најавите за формирање на нов политички субјект, со нови лица односно личности за нова, пред се „чиста“ политика, кој, поддржан токму од „третата“, ќе стапи на македонската политичка сцена за да ја „исчисти“? Многумина воопшто не се во дилема дека ќе се формира (некои „знаат“ дека е во формирање) нов политички субјект, туку се прашуваат дали ќе може, дали ќе има сили уште на стартот, на првиот чекор да им одолее на притисоците на постојните, да ги амортизира нивните веќе подготвени „долни удари“.

Без оглед на се, сметам дека ќе биде корисно на постојните, мислам пред се на оние од опозицијата, да им го упатиме прашањето во насловот (го повторувам):

Што туку си се залауфала опозицијо? Што не ја оставиш власта на мира да владее? Барем уште малку? Којзнае!

За позицијата односно власта прашањето би било малку видоизменето:
Што си се запалила позицијо? Што не си го тераш „визионерството“, па макар и да пукнат „душманите“? Остави ги статистичките податоци, не ти треба фалба со нив. Твоите успеси, биди сигурна, народот ќе ги види и ќе ги почувствува, ако веќе не ги гледа или не ги чувствува на своја кожа.

А „третата страна“? Која „трета“? Во право си, позицијо.

Благодарение на тебе им станавме верен, најверен сојузник на Американците. И не треба да си имаш гајле. До утре сабајле.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here