Набргу по првата кафе-средба, по долго невиѓавање, Теодор Вишен уште еднаш успеа да ја наговори Кирјана Симоска, неговата колешка од блиско заедничко бизнисменско минато, да се сретнат уште еднаш, во истото кафуле. Има да ѝ каже некои нешта за нив, а и да ѝ побара одговори на некои прашања на кои не може да си одговори. Ѝ се јави на мобилен. Не му требаше многу убедување таа да прифати.
На средбата најпрвин му призна дека прифатила поради загадочноста на неговото барање. Кои се тие нешта и прашања кои се однесуваат на нив? Имаа заедничко бизнисменско време, неколку години работеа заедно на еколошки проекти. Што друго?
Почна Кирјана:
-Зошто инсистираше да се сретнеме пак? Нешто меѓусебно не си кажавме? Нешто имаш да ми докажеш?
Теодор Вишен:
-Да. Она за државата и општеството немаше никаква врска. Особено не со нас. Сами си ја наметнавме таа тема, според сè за нас безначајна. За да ја одбегнеме, за да не ѝ дозволиме на суштествената-за нашата врска. Дамнешна, во меѓувреме, за мене и сегашна…Мислам дека и насетуваш и се досетуваш за што зборувам.
Кирјана Симоска:
-И насетувам и се досетувам и одамна знам. Откога имавме заедничко бизнисменско време. Љубов, нели?
Теодор кимнува со главата. Низ широка насмевка:
-Моја да, за твоја не знам…Сакам да знам.
Кирјана:
-Само тоа? Дали сум те сакала? Дали сум те посакувала?…И што ако знаеш?…По толку многу години…
Тој:
-Значи да. Јас ќе ти речам дека во меѓувреме сум имал неколку љубови, кои тоа не биле. Значи, биле минливи, повеќе страст, секс. Но ти…Не, не е затоа што те немав, остана за мене неосвоива, туку…Ти си за мене навистина нешто посебно.
Таа:
-Добро…Знаев и знам…И ти за мене беше нешто посебно. Заедничката воздржаност го направи своето…Што од тоа? Не прифаќаш дека за нас е предоцна? За мене е!
Тој:
-Затоа што така сакаш. Но нејсе…Само сакав да знам…Оваа средба ќе ни биде последна.
Таа:
-Ти така решаваш?
Тој отсечно:
-Не јас. Ние. Јас не прифаќам, но тоа е мој проблем штом прифаќаш дека е за нас предоцна.
Кирјана одмавна со рака, како да се откажува од натамошно зборење за нивната дамнешна љубов. Последно од неа за неа:
-Било што не било, и тоа е тоа. Ми беше таена љубов и јас сум ти била. Па што сега. Ништо…За државата и општеството…За нив доста. Си мислел, си домислил, си запишал во твоето дело „Жива мисла“. Кое не знам зошто не ни помислуваш да го објавиш кога ќе го завршиш. Да не има нешто блиско до нив?
Теодор Вишен замолче замислен некое време, гледајќи ја со продорен поглед, па рече студено:
-Се разбира дека има. Суштествено. Од кое зависел, зависи и ќе зависи нивниот опстанок. Можеби ќе се изненадиш, особено зашто се однесува на организираниот живот воопшто.
Кирјана Симоска во обид да релаксира:
-Се однесува и на љубовта, нели?
Теодор сериозно:
-Посредно да. Што знам…Можеби и непосредно. Зависи од нејзината изразност.
Кирјана:
-А тоа е?
Теодор:
-Тоа е штедливоста. Сигурен сум дека не си ни помислила на неа.
Кирјана согласна:
-Не. Ќе ми прочиташ што си напишал за неа во твојата „Жива мисла“?
-Радо,-одговори тој и ја изваде од ранецот.
Тој читаше, таа го слушаше со внимание, без да се уфрлува:
Секое и сечие богатство најмногу зависи од штедливоста.
Не можеш да станеш богат кога не ти е доста она што го имаш.
Го имате она што сте го заштедиле.
Штедлив човек секогаш има доволно.
Нема напредок на семејство, општество и држава без штедење на секој нивен чинител.
Секој успех најмногу му должи на штедливоста.
Парите ги троши брзо оној што не ги штеди, бидејќи ги заработил лесно.
И штедливоста се учи како сè друго во животот.
Штедливост не е избегнување на неминовни, туку на непотребни трошоци.
Прво што ти треба, а после понешто од она што може да ти затреба.
Никогаш ништо да не ти треба многу.
Штедливоста е мудрост. Мудриот троши за да има колку што му треба.
Непотребното станува потребно по некое време на преиспитување на потребите. При што некои од нив станале излишни.
Како да имаш повеќе пари? Носи облека со што подлабоки џебови.
Ако фрлаш пари за ништо, ти си сиромав за жалење.
Штеди од сè што си стекнал за да заштедиш уште.
Кој се учи од дете на штедење, кога ќе порасне ќе знае да го цени и вреднува она што го има.
Не троши ја љубовта што е твоја вистинска. Богати ја постојано за да ја имаш довека.
Штедењето е невозможно кога не е однапред.
Најбогати и во државата и во општеството се задоволните луѓе.
Богатиот не купува ни скапо ни евтино за него.
Троши во младоста, но и штеди за старост.
Што си заштедил денес, не троши го утре. Чувај го барем за задутре.
Штеди си ги здравјето и силата за умереност во сè.
Немаш никогаш зашто никогаш не ти е доста.
Штеди ситно за да имаш крупно.
Човек кој се обогатил прекуноќ, може во еден миг да го изгуби сето богатство.
Не троши ја љубовта на слабости и страсти.
Штеди, но не биди шкрт.
Сиромавиот штеди за да има утре, а богатитот за да не стане сиромав денес.
Мора да има причина сè што имаш и сè што ти фали.
Голема ука е да живееш со помалку отколку што имаш.
Вложувајте ги парите што ви се вишок во нешто што пак ќе ги направи вишок.
Голема мајсторија е да штедиш и да трошиш паметно.
Со позајмени пари лесно се станува богат зависник.
Државата штеди за да бидат задоволни сите во неа.
И заемодавачот и заемопримачот треба да знаат колку вреди и допрва ќе вреди заемот. Во спротивно, едниот од нив неминовно губи.
Не зависи сè од парите што ги имаш. Има многу повеќе нешта и од парите што ги немаш.
Не може сè да ти е пресметано. Затоа научи да трошиш што помалку на непресметано.
Штедливоста е за сегашно и идно добро на сите.
Не е добра онаа власт што не штеди за да владее.
Теодор Вишен престана да чита, ја склопи тетратката, ја стави во ранецот и се загледа во Кирјана. Таа со кус коментар:
-Убаво, убаво…Слушнав и бисерни мисли…Ќе закажеме нова кафе-средба?
Тој:
-Од тебе зависи.
Кирјана Симоска стана и разделувајќи се изусти „Јави ми се“.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 47




