Потребно време за читање: 4 минути

Не се реални проценките на некои угледни печатени медиуми, како на пример лондонски „Тајмс“, дека по остриот напад на иранскиот претседател Махмуд Ахмединеџад врз Израел, на конференцијата во Женева, отвора можност за ескалација на непријателството помеѓу двете ржави. Ќе биде запаметен како инцидент, односно уште еден од низата остри вербални настапи или истапи на иранскиот претседател.

Всушност, тој не кажа ништо ново, освен ставот дека со победата на десноориентираната партија Ликуд на неодамнешните избори во Израел, а потоа и изборот на нејзиниот лидер Бенјамин Нетанјаху за премиер, ситуацијата во регионот се усложнува. Повтори, по којзнае кој пат, дека Израел е „вештачка творба на Западот која брзо ќе исчезне од површината на земјата, а цела Палестина ќе им биде вратена на Палестинците.

Изјавата на Ахмадинеџад весникот ја оцени како расистичка, забележувајќи дека проблем е што иранскиот претседател не го зборува ова за да предизвика ефект кај своите политички приврзеници, туку затоа што верува дека е и ќе биде така. Притоа потсетува дека Иран е клучна држава на Блисклиот Исток, а од него зависи дали регионот ќе се најде во најстрашниот воен судир во модерната историја. До крајот на годинава ќе има доволно материјал и за производство на првата атомска бомба, а најстрашно е што евентуелниот воен судир помеѓу Иран и Израел едноставно не може да биде регионелен.

Како поткрепа на ова стравување се цитираат изјави на неколкумина високи ирански функционери дека, доколку еврејската држава изврши напад, Техеран како одговорна нема да ја смета само неа, туку подеднакво ќе бидат и САД, Велика Британија, како и целиот Запад.

Но, ако се имаат предвид случувањата во континуитет подолг период, а пред се реалната можност Иран да стане нуклеарна сила, како и фактот дека „целиот Запад“ за него е одамна „црн ѓавол“, ниту тие изјави или закани не се неочекувани.

Прочитај и за ... >>  Полнолетна држава?!

Весникот потсетува дека помирливата понуда на новиот американски претседател Барак Обама на Иран, минатиот месец, беше отфрлена како „нејасна и неуверлива“, а тамошните власти не покажуваат никаква волја да се откажат од својата нуклеарна програма за збогатување на ураниумот.

Очекувано, Европската унија го отфрли говорот на иранскиот претседател, но е забележано дека од сите нејзини членки, кои учествуваа на конференцијата, само претседавачот Чешка го напушти собирот во знак на протест.

„Европската унија најодлучно го отфрла говорот на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад, во кој Израел е окарактеризиран како расистички режим“, се наведува во соопштението на чешкото претседателство.

Четири членки на ЕУ – Италија, Полска, Германија и Холандија, однапред најавија дека ќе ја бојкотираат конференцијата на ОН за расизам, поради стравувањето дека би можела да биде искористена како платформа за напади врз Израел. Освен нив, собирот во Женева го бојкотираа и Канада, Израел, САД, Австралија и Нов Зеланд.

Претставниците на другите 23 европски држави го напуштија вчера форумот, кога Ахмадинеџад изјави дека Израел, „под изговор на еврејски страдања“, по Втората светска војна ја окупира палестинската територија:

„По завршувањето на Втората светска војна сојузниците прибегнаа кон воена агресија за да лишат цел еден народ од неговата земја, при што, за да го оправдаат тој чекор, го користеа страдањето на еврејскиот народ“.

Говорот на Ахмадинеџат го прекинаа и тројца демонстранти со перики кои извикуваа „расист“, по што беа отстранети.

Отворајќи ја глобалната конференција, прва по осум години, Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун истакна дека не е потребна само борба против антисемитизмот, туку и оти се поголем проблем претставува исламофобијата:

Прочитај и за ... >>  Новата војна на Израел против Хамас- почеток без крај

„Стравувам дека денешната економска криза, ако не се решава како што треба, може да се претвори во политичка криза со големи размери, обележана со социјални немири, ослабени влади и огорчена јавност која изгубила верба во лидерите и иднината“.

Тој предупреди дека во такви околности општествата кои се веќе жртви на предрасуди и нетолеранција само можат додатно да бидат оптоварени.

Коментирајќи го тоа што САД и уште осум земји не присуствуваат на собирот, поради стравување дека ќе преовладеат барањата на муслиманските земји да се осуди Израел и да се воведе глобална забрана на критики на Исламот, Бан Ки Мун рече дека жали поради таквите одлуки:

„Сега е момент да ја потврдиме нашата верба во основните човекови права и достоинството. Расизмот е порекнување на човековите права и може да стане законит во некои земји. На тоа секогаш не потсетуваат стравотиите на холокаустот. Тој може да биде помалку видлив и да се изразува во вид на нетрпеливост спрема некои групи на луѓе, како антисемитизам, а во поново време и како исламофобија“.

Израел го отповика својот амбасадор од Берн во знак на незадоволство, бидејќи швајцарскиот претседател Ханс-Рудолф Мерц го прими иранскиот колега Махмуд Ахмадинеџад.

„Да го имаш Ахмадинеџад како гостин на светска конференција против расизмот, 65 години по настаните во Европа од минатиот век, е уште една потврда колку светот е полуден“, изјави Ехуд Барак, министер за одбрана на Израел.

Забележана е реакцијата на САД дека, и покрај говорот на иранскиот претседател, тие и натаму сакаат дијалог со Иран:

Сакаме директен дијалог со Иран, но тој треба да се откаже од таквата ужасна реторика, изјави портпаролот на Стејт департментот, Роберт Вуд, на прес-конференција во Вашингтон.

Пред зградата на ОН во Женева се одржаа протести на групите за заштита на човековите права во Иран.

Прочитај и за ... >>  Светската криза се продлабочува. 2009- та е нејзиниот вистински почеток!

„Денешната конференција е срам и губење време. Наместо да се фокусираат на вистинските проблеми, државниците дебатираат со оние кои ги кршат човековите права. Тоа е пропуштена можност за луѓето кои неправедно се осудени од режимот во Иран“, изјави организаторот Мајкл Диксон.

Конференцијата е продолжение на првиот ваков Форум што се одржа во јужноафриканскиот град Дурбан во 2001– ва година. Тогаш САД и Израел демонстративно ја напуштија конференцијата, бидејќи во завршниот документ стоеше дека Израел води расистичка политика на палестинска територија.

Инаку, денеска во Израел звукот на сирените го означија почетокот на двеминутниот молк во знак на сеќавање на жртвите на холокаустот во Втората светска војна, кога нацистите убија 6 милиони Евреи.

Официјалната церемонија на полагање венци почна синоќа во меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим, каде што се читаа имињата на жртвите на нацистичкиот геноцид.

Светските медиуми пренесоа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не пропуштил од говорницата повторно да го потсети иранскиот претседател Ахмадинеџад дека нема да дозволи уште еден масакр над Евреите:

„На сите оние кои го негираат холокаустот нема да им биде дозволено да го повторат геноцидот против Евреите. Тоа е должност на народот на Израел и моја како премиер“.

Претседателот Шимон Перес го осуди присуството на Ахмадинеџад на конференцијата во Швајцарија и го спореди со диктаторите од Втората светска војна поради острата реторика против Израел:

„Конференцијата во Женева претставува прифаќање на расизмот, наместо борба против него. Тоа го докажува и фактот дека на Ахмадинеџад му беше дозволено да повика на уништување на Израел“.

Шестмина од преживеаните во Јад Вашем запалија 6 факели, по еден за секој милион убиени Евреи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here